за

Запознајте го Suzulight, првиот автомобил на Suzuki од 1954

suzuki suzulight

По повеќе од шест децении, Suzuki уште ги почитува принципите на Шунзо Сузуки, конструкторот на првиот модел на јапонската марка. Следи кусо потсеќање на историските почетоци на специјалистот за мини, како подготовка за следната премиера. Swift Sport пристига налето.

Мичио Сузуки ја основал компанијата Suzuki во 1954 година, за да го произведува автомобилот што тој го дизајнирал и конструирал заедно со својот зет Шунзо. Инженерскиот тим предводен од зетот го сочинувале техничари во своите дваесетти години.

Раководејќи се според принципот „јарамаика“ на Сузуки (во превод да го направиме тоа), Шунзо претходно до најситниот детал ги имал прегледано автомобилите од странските производители. Тоа му обезбедило вредни искуства во конструирањето на Suzulight, првиот автомобил на Suzuki.

suzuki suzulight 2

Шунзо Сузуки користел неколку европски модели како пример, меѓу нив и британскиот Austin 7, еден од најпопуларните и најдостапни автомобили во тоа време. Малечкиот Suzulight тежел помалку од половина тон и бил конструиран со цел да биде лесен за возење и со достапна цена. Двоцилиндарскиот, двотактен мотор со зафатнина од само 360 сантиметри кубни постигнувал моќност од 16 КС. Независната суспензија со спирални пружини и управување со запчеста летва биле напредни решенија во 1950-те години.

Претседателот на „јанасе“ го чекал тимот до доцна во ноќта, за да направи пробно возење на Suzulight

Со должина од 2.990 милиметри, ширина од 1.295 и висина од 1.400 милиметри, Suzulight ги исполнувал нормите за класификација како „кеиџидоша“, односно кеи-автомобил. Уште во фаза на прототип, Suzulight без проблеми ги совладал неасфалтираните патишта во планинскиот регион Хаконе, меѓу Хамамацу и Токио. Тимот пристигнал во Токио доцна вечерта, со цел автомобилот да му го претстави на претседателот на „јанасе“, односно на владината агенција за автомобилизам.

suzuki suzulight 3

По тестирањето, претседателот бил одушевен од Suzulight и на Шунзо и неговиот тим веднаш им дал одобрение за производство. Тоа стартувало во октомври 1955 година. Првите два примерока им биле испорачани на лекари, кои го користеле малечкиот и лесен автомобил за секојдневните посети. Во почетокот се произведувале само 3 до 4 примероци месечно, но веќе во следната година продукцијата се зголемила на 30 примероци. Во 1957 година, Шунзо Сузуки станува втор претседател на Suzuki. Можеби единствениот преостанат примерок од оригиналниот Suzulight моментно се наоѓа во музејот на Suzuki во Хамамацу.

По шест и пол децении, Suzuki останува доследен на начелата на Шунзо Сузуки. Браншата честопати ја опишува јапонската марка како специјалист во својата класа, односно најголем производител на возила од А и Б сегментите во светот. Годишната продукција надминува три милиони возила, најмногу од моделите Ignis, Swift и Baleno. Следната премиера од Suzuki ќе се случи во јуни, кога ќе биде претставен новиот Swift Sport. Јапонскиот специјалист не открива многу, освен податокот дека спортската верзија на Swift, инаку со долга традиција и ценета кај познавачите, тежи само 970 килограми. Тоа, всушност, ветува многу.

Тест • Suzuki Swift Sport

Едно на секои десет малечки возила во светот е Suzuki

Suzuki Ignis во светското финале за градски автомобил на годината

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Формула Е генерација 2

ФИА ги прикажа новите тркачки болиди во електричната формула

студија за секторот транспорт

Дебатата за иднината на автомобилизмот започнува од МАНУ