127
17 shares, 127 points

Некогаш за тоа се прашуваа пријателите, денес прашањето често се поставува на форумите: Кој модел да го изберам со буџетот што го планирам за нов автомобил? СУВ-моделите секако дека уживаат приоритет и во препораките, но некои производители ја злоупотребуваат нивната популарност и сакаат да заработат на дизајн, на големи дисплеи и на оптимистички реклами. Suzuki SX4 S-Cross се разликува во тој поглед.

Јапонската марка со малечките градски автомобили и способни теренци се покажа како голема марка, во време кога браншата мора строго да внимава на емисијата на СО2. Додека повеќето автомобилски марки мораа допрво да реагираат и да развиваат поштедливи и помали модели, по можност со електрификација на погонската спрега, Suzuki веќе имаше такви модели во својата понуда. Вклучувајќи ги популарните СУВ-модели.

Vitara во актуелната генерација е меѓу најуспешните модели во својот сегмент и присутна е долго пред да се појават модели од типот на Peugeot 2008 или Opel Crossland X, кои под големата каросерија кријат техника на малечки градски автомобили. Тоа се факти што им се познати и препознатливи на купувачите, вклучувајќи го и нашиот пазар, каде што Suzuki Vitara секогаш е меѓу најпродаваните модели во сегментот.

Уште десет сантиметри плус во меѓуоскиното растојание и поголем багажник во Suzuki  S-Cross

Но, што ако се бара автомобилот да биде уште за една педа подолг, со поголем багажник и со уште повеќе простор на задната клупа? Vitara, патем, поминува солидно и во двата критериуми, затоа што и со багажникот од 375 литри и со просторноста на задната клупа пак е во предност во споредба со конкурентите. Уште едно важно барање: Дополнителната должина и екстра литрите во багажникот не треба да чинат прескапо.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моделот што прв се поставува како можен избор доаѓа пак од Suzuki. Станува збор за моделско име што е одлично познато и на нашиот пазар, за SX4. Јапонците рано влегоа во кросовер-СУВ бранот со овој модел, па дури се и меѓу неговите зачетници. Компактниот кросовер уживаше висока популарност и Suzuki го продолжи неговото производство, иако на пазарот почнуваа да се појавуваат некои концепти со помодерен стил.

SX4 денес е во втората генерација и го носи додатокот S-Cross. Во споредба со Vitara, кросоверот е 13 сантиметри подолг (4,30 метри), поширок е за еден сантиметар, а понизок е за 1,5 сантиметар. Во меѓуоскиното растојание, SX4 S-Cross е десет сантиметри во предност. Тоа не влијае многу врз малиот круг на вртење, што го ценат возачките и возачите на Vitara. Додека на Vitara ѝ се потребни 10,4 метри меѓу тротоарите, на S-Cross му требаат 40 сантиметри повеќе.

Со соборена задна клупа, максималната зафатнина на добиениот товарен простор изнесува 1.269 литри, наспроти 11.20 литри на Vitara. Во тежината речиси не постои разлика, 1.255 килограми за S-Cross, 1.240 колограми за Vitara. Приколка со сопирачки во двата случаи може да тежи до 1,2 тон. Кросоверот има предност доколку на покривот треба да се превезува потежок товар. Со 75 килограми дозволена носивост, S-Cross има 25 килограми повеќе „резерва“.

Во погонот, овој двоец на Suzuki е во предност пред маса конкурентски модели

Тоа што прави S-Cross да биде добар избор не се литрите или сантиметрите во кабината, туку е моторот, односно погонската спрега. Компактниот кросовер пролетоска доби нов мотор кој функционира како благ хибрид. Начинот на работа го имаме објаснето повеќе пати, во основа станува збор за основен степен на електрификација на погонската спрега, кој од полниот хибрид на Toyota се разликува најмногу по тоа што електромоторот (поточно стартер-генераторот) не е конструиран за сам да го движи автомобилот. Во возењето сепак се постигнува пристојна заштеда и принципот денес го применуваат дури и премиум-гитантите Audi, Mercedes и BMW. Јапонците притоа користат и 48-волтна технологија, во комбинација со поголема литиум-јон батерија и посилен стартер-генератор, во споредба со хибридниот Swift (кој на тестот извозе за чиста петка во потрошувачката).

Погонската спрега е иста во двата модели. Станува збор за четирицилиндарски бензинец од 1,4 литар, со турбонатполнење и директно впрскување, со моќност од 129 КС и раскошен вртежен момент од 235 њутнметри. Двата модели постигнуваат иста крајна брзина, 190 km/h. Идентични се и вредностите на потрошувачката: Во град 5,2 литри, на пат 4,2 литри, просек 4,6 литри на сто километри, со емисија на СО2 од 104 g/km.

Разликата во цената со Vitara изнесува 1.388 евра

Заедно со збогатеното ниво на опрема во моделското годиште што беше освежено пролетоска, Suzuki Vitara Hybrid во Македонија стартува од 17.990 евра. Разликата во цената до SX4 S-Cross изнесува 1.388 евра, односно ценовникот за него почнува од 19.378 евра. Тоа се цени за основното ниво GL за двата модели, со мали разлики во неколку ставки. S-Cross поседува електрика и за задните прозорци, автоматската клима е двозонска и има потпирач за рака напред, додека Vitara е во предност во системите за асистенција, со автоматско запирање при опасност од судир, вклучувајќи препознавање пешак на пат, како и со камера за знаци. Верзии со погон од сите тркала стојат на располагање и во гамата на SX4 S-Cross и на Vitara, почнувајќи од второто ниво на опрема GL Plus.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најдобрата препорака за Suzuki SX4 S-Cross, исто како и за Vitara, доаѓа од техничарите на германксиот ТУВ. Двата модели спаѓаат во групата автомобили со најмал процент на дефекти, без разлика дали станува збор за модели стари 4 до 5 години или за уште постари примероци, стари меѓу 10 и 11 години, каде што S-Cross е во група со Toyota Yaris, Mercedes B-Class, Mitsubishi Colt или со серијата 1 на BMW. Значи, дефинитивно препорака.

Suzuki Vitara возвраќа со електромотор во погонот

Suzuki Vitara Hybrid
Suzuki Vitara Hybrid
>>> До страницата за Suzuki S-Cross на увозникот за Македонија

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

127
17 shares, 127 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *