Најголемата теренска легенда по G-Class & Co. се подготвува за старт во новото издание. Концептот на Suzuki Jimny е истиот, техниката е темелно обновена, сé е заокружено со класичен изглед
Suzuki Jimny е чудото од дете, од чијашто вештина за пробивање по теренот се изненадиле многумина. Исто како G-Class, Landy или Niva, и овој мини специјалист има свој круг на обожуватели и верни корисници. Кога би се прашувале тие, Jimny не требаше да се менува, ништо не му недостига. Но, тие што се прашуваат се законодавците, а тие постојано го спуштаат лимитот за издувни гасови и во исто време ги креваат стандардите за безбедност и слично.
Сцената долго и будно го следеше созревањето на Suzuki Jimny. Уште пред неколку месеци се појавија фотографии од новата генерација, со строги линии и кутиест изглед. Во меѓувреме пристигнаа и првите фабрички фотографии. Новиот Jimny дефинитивно е ретро-модел, со елементи од сите три генерации пред него.
Вертикалните отвори во маската се детал што Suzuki го следи уште од 1981 година
Вертикалните отвори во маската останаа, како детал од Samurai SJ30 од 1981 година, а од него е преземена и хаубата што „паѓа“ врз каросеријата. Формата на маската, пак, потекнува од првата генерација, од LJ10 од 1970 година. Овој автомобил по пет години од јапонската премиера беше првиот модел на Suzuki што се продавал во Европа.
Ретро-елемент се и тркалезните светла, вклучувајќи ги и трепкачите во самите агли на маската. Ефектен детал се диодните дневни светла, изведени во форма на прстен во големите светла. Покривот е комплетно рамен, а очигледно дека може да се нарача и во контрастна боја со остатокот од каросеријата. Постои и варијанта со црн покрив и црна хауба.
Внатре владее познатата темелност на Suzuki, а тоа значи функцијата е поважна отколку добриот изглед – иако класичарите сметаат дека токму овој изглед е вистинскиот. Единствено отстапува големиот дисплеј во средина, со ракување со допир. Засекот во долниот раб на прозорецот е направен со цел да се има подобар поглед кон подлогата. Како ретро елементи во кокпитот се и голите завртки.
Принципот со носечка рамка останува, задната оска има нова конструкција
Најважното што треба да се види е задржувањето на носечката рамка, заедно со надолжното вградување на моторот и теренската редукција. Задната оска користи долги надолжни водилки и се работи за нова конструкција, иако само малку детали се видливи јасно. Погонот на сите тркала дефинитивно останува стандард, со вклучување по потреба.
Моторот на фотографијата е четирицилиндарец, но засега нема никакви податоци околу зафатнината и моќноста. На јапонскиот пазар ќе се нудат две верзии, Jimny и Jimny Sierra. Првата е со класичниот „кеи-мотор“ од 660 сантиметри кубни, додека втората верзија располага со мотор од 1,5 литар. Европската верзија веројатно ќе го користи 1,2-литарецот од Baleno & Co.
Системите за асистенција нема да го заобиколат ниту Jimny. Систем за самостојно запирање при опасност од судир при градско темпо веројатно ќе биде стандард на поголемите европски пазари. На терен ќе помага систем за одржување на брзината по надолнина.
Продажбата на јапонскиот пазар стартува веќе во јули, додека европскиот старт би требало да се очекува во почетокот од следната година. Традиционалната кабриолет верзија не би смеело да отсуствува.