за

Тест: Suzuki Jimny 1.5 GL

Suzuki Jimny 1.5 GL Test AutomediaMK

Suzuki Jimny е еден од оние автомобили чијшто пазарен успех ниту во најмала рака не зависи од критиките што ќе ги добие на стручните тестови. Било тоа да е добра или лоша критика. Исто така не решава дали овој тест на Аутомедиа ќе биде меѓу најчитаните, ако од старт ги наведеме вредностите за крајната брзина. Или за зафатнината на багажникот. Едната е 145, втората 85.

Местото што му припаѓа на малечкиот јапонски теренец на светската сцена, од оваа генерација е уште поголемо. Беше очекувано, но не до толку. Само на македонскиот пазар, кого многумина го сметавме за замаен по увозот на големи автомобили од 1990-те, дваесетина возачи чекаат Jimny да им биде испорачан до летово. А, тоа е само половина од годината. Нарачките продолжуваат.

Овој црн примерок со првото ниво на опрема е апсолутен анти-тест автомобил, зашто тие обично се пуштаат во најскапата и најдрежливата изведба. Тоа покажува колку увозникот (со своите 250 продадени автомобили лани!) е самоуверен дека Jimny е над прашањето на опремата, на бојата на каросеријата или големината на бандажите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дилерите на Suzuki низ Европа буквално се борат за примерок повеќе. Сета оваа еуфорична најава не е без основа: На повеќето од големите автомобилски пазари, контингентот од примероци од новиот Suzuki Jimny, планиран да се продава цела година, „исчезна“ уште во првиот месец откако дилерите ги отворија тефтерите со нарачки.

Протресувањето на каросеријата е како ракување со добар пријател

И, каков автомобил е Jimny? Нестандарден и различен, по малку необичен, неочекуван. Не минува многу време, за тоа да се открие. Уште при стартувањето на моторот, каросеријата се протресува. Kако ова 3,65 метри долго парче автомобил да сака да се ослободи од сите оние норми што направија денешните модели да бидат скроени според еден ист терк.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Познавачите не паничат. Овој манир се должи на надолжното поставување на моторот, на менувачката кутија и на карданот што ги спроведува њутнметрите до задната оска. Плус, еден редуктор попат. Тоа е класичната и ненадмината школа на добрите теренски возила. Протресувањето на каросеријата е како ракување за добар ден, па и како идентификација, ако звучи подобро така.

Од седиштата на Suzuki Jimny е забавно додека се гледа како останатите се трудат да бидат забележани

Лесно се провоцира клатење на каросеријата. Таа вежба е добра за на семафор, на пример, во двојка, додека другите возачи чекаат да си го направат денот, на тој начин што ќе претркаат некого. Да знаат само колку тоа изгледа недолично и изветвено од седиштата на Jimny… Одвреме навреме ќе се здогледа како некој спуштен теренец (!?) со спортски издув (*+&#@$), кој некогаш чекал купувач на бугарски плац, се мачи да привлече внимание.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дури и ударните дупки по улиците, кои ни се најголемото „градежно“ достигнување со децении наназад, престануваат да бидат интересни. Suzuki Jimny ги гази со понижување, дури и одвај се протресува. Новајлиите во возило што има профил на гуми „80“ ќе избрзаат да прокоментираат дека амортизацијата е тврда, но токму спротивното е случај тука.

Сите забелешки за малечкиот јапонски теренец имаат свое „но“

Сцена од американски филм од 1970-те се доживува кога предницата ќе побара корекција со воланот, при првиот зелен бран по булеварот. Сепак не е толку драстично. Тоа е уште една особина што го открива Jimny како небулеварски теренец и се должи на фактот што преносот во управувањето е изведен со класичнo „вретено“, место со запчеста летва. Да биде кусо: Mercedes G-Class го користи истиот принцип.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кој уште не се откажал од помислата да седне зад воланот на Suzuki Jimny, еве и една негова супериорна особина за во градското секојдневие: Паркирањето нанапред, наназад, странично, угоре и удолу, не е полесно во друг автомобил што моментно се нуди како нов. Уште една ноќна мора кај новите автомобили, што е заслуга на домашните градежници кои поставуваат тротоари со толеранција од пет сантиметри во висина, отпаѓа од репертоарот: Не постои неизвесност дали браникот или праговите ќе закачат.

Паркирањето е толку лесно што возачот веројатно со едната нога е веќе излезен пред Jimny да запре

Овој теренец, кој е неблагодарно да се категоризира како булеварски, всушност е совршениот градски автомобил. Вистина е дека ергономите на Suzuki некако пропуштиле да ја земат предвид целата ширина на левиот лакт на возачот, дека средишниот ретровизор покрива четвртина од видното поле, дека долгата рачка на менувачот не е идеал за прецизност, дека возачкото седиште не се мести по висина во првото ниво на опрема или дека воланот се мести само по висина или инструментите не се добро засенети при ниско сонце … но, кого вакви „козметички“ пропусти досега спречиле да вози Jimny?

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новиот 1,5-литарец е следното што причинува задоволство кај јапонското мини за секоја пригода и за секакви услови. Во замена за претходникот од 1,3 литар, новакот настапува како долгооден мотор, соодветно на тоа овозможува возење со генерално пониско и порелаксирачко ниво на вртежи. Расположението за качување на вртежите не се намалило, а притоа и звукот посредува впечаток дека тоа што работи напред, работи здраво.

Моторот е создаден да работи и во екстремни услови, а не да победува на светски избори за убавина

Турбонатполнење и директно впрскување под висок притисок, исклучување на дел од цилиндрите при делумно оптоварување, три цилиндри? Моторот на Suzuki со ознака K15B не е конструиран да победува на светски избори за убавина, туку е создаден да работи (и) во најекстремни услови. Сосем е доволно тоа што брегастото вратило во вшмукувачкиот тракт работи варијабилно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на моторот, апсолутно не постои причина за забелешка. Со моќност од 102 КС и со вртежен момент од 130 њутнметри при 4.000 вртежи, новиот мотор располага со значително поголема резерва од моќност во споредба со 1,3-литарецот кај претходникот, со неговите 84 КС и 110 њутнметри.

Брзината на возење станува неважна, а ако времето на пристигање е важно, тогаш може во секое време да се најде скратен пат

Било да се вози во град, по спореден пат или автопат, Suzuki никогаш нема да биде најбавен, ако се изземе фактот дека крајната брзина изнесува 145 километри на час. Ова ограничување повеќе доаѓа од директниот петти степен на менувачот, отколку од некаков недостиг од моќност. Од аеродинамиката, исто така. Формата на каросеријата не е меѓу најидеалните за пробивање низ воздухот, но барем нема нуспојави, како свирење или пиштење од некои подрачја, како што честопати беше случај кај старите генерации на вистински теренци.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Таков е Jimny како автомобил, а каков е како теренец? Ненадминлив. Малечкиот теренец поседува сé што имаат многу поголемите од него, но има и една значајна, ако не и најзначајна предност. Тоа се неговите помали димензии, односно пониската тежина. Кусо навраќање во историјата: Робусните теренци од старите времиња беа првенствено конструирани како работни машини. Тие мораа да пренесуваат работен екипаж до недостапни места, заедно со алат, машини, прибор.

Jimny никогаш не бил замислен како машина за превоз на работен тим и опрема, туку како автомобил за забава

Затоа, G-Class, Patrol, Pajero, мораа да поседуваат големи, просторни, а со тоа и тешки каросерии, во комбинација со големи и тешки мотори, со големи и тешки оски. Jimny никогаш не бил конструиран како работна машина, туку главно како машина за забава, но таква, што ќе поседува теренски својства како најдобрите во фелата. Тоа е „тајната“ на Jimny, на тоа се должи неговата дводецениска традиција, односно половината век искуство на Suzuki во погонот на сите тркала. Пред Jimny возеа Samurai LJ и SJ, кои исто така не останаа незабележани на светската сцена.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште при првото згазнување на земја или чакал, Jimny се претвора во теренец. Сé што претходно можеше да се забележи за „меката“ амортизација, за празните одови во управувањето, за менувачот, одненадеж исчезнува, а секој критичар занемува. Најобјективно, без претерување. Мајсторија е тоа што го постигнале техничарите на јапонскиот специјалист. Носечката рамка што лежи како основа за каросеријата и чиишто надолжни профили при ѕиркање оздола потсеќаат на железнички шини, не дозволува нешто да крцне или да тропне кога се вози по терен.

Не постои сила што ќе предизвика 4х4-минито да испушти звук дека се напрега на теренот

Во споредба со претходникот, во рамката е додаден X-елемент по должина, и разликата е драстична. Оваа рамка е толку доволна за себе, што целата каросерија може да се „откачи“ и Jimny ќе продолжи да вози. Напред и назад работи крута оска, во комбинација со надолжни водилки, панардов лост и спирални пружини (сепак не листести). Тоа во основа значи: Колку повеќе едното тркало на иста оска се крева во воздух, толку тркалото што е долу постигнува уште подобар контакт со подлогата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Единствено што би можело да недостига е блокада на диференцијал, но денес и електрониката е сосем способна да ја замени функцијата на овие теренски „алатки“. Во случај кога некое од тркалата ќе изгуби контакт со подлогата и ќе почне да пролизгува, контролата на тракцијата точно дозирано го потсопира тоа тркало и пренесува повеќе вртежен момент на тркалата што имаат подобра тракција во моментот. Може да се случи, предното лево и задното десно тркало да бидат на мраз, а Jimny пак да појде без проблем. Истото важи уште повеќе во случај кога тркалата се во воздух, што е често при минување преку надолжен гребен.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За познавачите: Аголот на пристап изнесува 36 степени, аголот на заминување дури 48 степени, додека аголот на рампа изнесува 27 степени. Погонот на сите тркала се вклучува мануелно, преку посебна рачка меѓу седиштата. Постои и теренска редукција, кога тркалата добиваат екстра вртежен момент, за искачување по екстремна нагорнина или за совладување на посебно сложени теренски пасажи. Ограничување на брзината при спуштање по стрмна надолнина се испорачува стандардно, исто како и помош при возење по нагорнина.

Победничка комбинација: Способен теренец и привлечен и единствен стил за новиот градски трендмобил

Покрај сите овие теренски квалитети, тоа што привлекува дополнителна публика кај Jimny е стилот, во уникатна комбинација со имиџот на робусно и способно теренско возило. Стратезите на Suzuki точно ја препознаа пазарната празнина во којашто го позиционираа новиот модел, дополнително додавајќи му силна стилска препознатливост. Jimny едноставно изгледа привлечно и симпатично, и токму поради стана новиот „градски трендовски автомобил“ за широк круг купувачи што претходно не ќе го забележеа овој мини теренец.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првпат во модел на Suzuki работи камера што ги препознава сообраќајните знаци и го прикажува брзинското ограничување. Стандардно се вградува и самостојно запирање при опасност од судир, како и предупредување при прегазување на лентата на патот. Со теренскиот карактер доаѓаат и грејачите во предните седишта, кои се дел уште во првото ниво на опрема. На тоа следат уште клима уред, радио со команди на волан, темпомат, централна брава, магленки, автоматски светла и електрика за местење на ретровизорите.

Примерна безбедносна опрема уште во првото ниво на опрема за 15.900 евра

Контрола на стабилност, контрола на притисокот во гумите и шест воздушни перници гарантираат висока безбедност како и во секој друг автомобил од новата генерација кој е хомологиран за европскиот пазар. Тоа е точно и нивото на опрема GL кај тестираниот модел, со цена од 15.900 евра и ниту евро повеќе.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во повисокото ниво на опрема GLX, за 17.670 евра или за 1.770 евра над првото ниво, следи уште автоматика за клима уредот, радио со поврзување со мобилен телефон, со навигација и дисплеј од 7,7 инчи, кутија во багажникот која овозможува добивање целосно рамен под, кожа на воланот, грејачи во ретровизорите, диодни светла, затемнети задни прозорци, алу-бандажи од 15 инчи, ретровизори лакирани во црна боја и лакирани рачки на вратите.

Опционалниот автоматски менувач има само четири степени, но затоа и чини 1.300 евра

За екстра возачка комоција може да се комбинира и автоматски менувач со четири степени и доплата од околу 1.300 евра, достапно во двете нивоа на опрема. Четири степени се четири степени, но и 1.300 евра во секој случај се вредни како доплата за автоматиката.

New photo by Automedia MK / Google Photos

И, како апсолутен врв, покрај сета стилска препознатливост, теренските квалитети, цените на Suzuki, издржливоста на Suzuki и едноставното одржување на Suzuki, следи потрошувачката на гориво. По сите искачувања, проби, згоди, мини авантури, мерења на булеварите и избегнувања на градските мережи, Jimny пријави просечна потрошувачка од 6,9 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа резултира од релативно ниската тежина, од тоа што Jimny ослободување од потребата да се вози побрзо, но и од инженерските квалитети на самиот 1,5-литарски мотор. Се покажува дека „внатрешномоторните“ зафати се многу поделотворни, отколку користењето турбонатполнење или директно впрскување, односно мерките што се преземаат во смалувањето на внатрешните отпори и загуби во моторот, како и оптимизацијата во подрачјето на термодинамиката, повеќе учествуваат во примерната штедливост на денешните мотори.

Не може да постои втор модел развиен по пример на Suzuki Jimny, тоа е единствена и неповторлива формула

Пакетот е заокружен. Jimny ќе беше уште еден феномен на автомобилската сцена, доколку тој „феномен“ не беше предвиден. Тоа што Suzuki го нуди во својата моделска понуда, мошне прецизно и верно го погодува купувачкиот дух и расположението на пазарот во моментов.

Факт е дека огромниот пазарен интерес што го предизвика новиот Suzuki Jimny е поттикнат од неговиот стил. Возачите го нарачуваат затоа што им се допаѓа изгледот на автомобилот, тој е новиот трендовски модел по градските улици. Но, имиџот на мини-теренецот не ќе беше толку убедлив, доколку отсуствуваа теренски квалитети. Jimny е победничка комбинација токму поради тој спој, на стилот и на способноста за возење надвор од теренот. Оние неколку забелешки во нашиот тест нема да го попречат успехот на моделот, напротив, тие што го засакуваат овој автомобил, нема да зборуваат за некакви евентуални пропусти, туку ќе зборуваат дека автомобилот е различен.

Мини-теренецот во меѓувреме продолжува во трката за светски автомобил на годината, во категориите на најдобар дизајн и најдобар градски автомобил

Уште една неодоливост кај Suzuki Jimny е тоа што кај него се плаќа цената за моторот, преносот, погонот на сите тркала, каросеријата, и се плаќа уште за изработката, за материјалите во кабината, малку и за маржа. Тоа што не е вклучено во цената се измислени маркетиншки приказни, кои неретко во историјата успевале да уништат и беспрекорни автомобилски креакции, каква што е оваа. Чесната математика направи Suzuki денес да го ужива местото на светската сцена, со повеќе од 3,3 милиони продадени автомобили лани. Изненадување? Тоа треба да се очекува во Suzuki.

Технички податоци · Suzuki Jimny 1.5 GL

Марка и модел JIMNY 1.5 3D M/T GL
Мотор
Тип K15B
Конструкција Бензин, 4 цилиндри, 16 вентили, 2 брегасти вратила во глава, варијабилна работа на брегасто вратило во вшмукувачки тракт (VVT)
Зафатнина ccm 1462
Пречник х Од mm 74,0×85,0
Компресија 10,0+-0,4
Погон на брегасти вратила Синџир
Моќност kW 75
при вртежи /min 6000
Вртежен момент Nm 130
при вртежи /min 4000
Пренос на сила
Погон Погон назад, предна оска се вклучува рачно, теренска редукција
Менувач 5-степен мануелен менувач
Перформанси
Крајна брзина km/h 145
Забрзување(0-100 km/h) Sek
Емисија
Издувна норма EURO 6d-TEMP (AG)
Подвозје
Водење на предни тркала Крута оска со надолжни водилки, панардова оска и спирални пружини
Водење на задни тркала Крута оска со надолжни водилки, панардова оска и спирални пружини
Бандажи 5½ Jx15
Гуми
Димензија на гуми 195/80R15 96S
Сопирачки
Предна оска Диск
Задна оска Барабан
Количини
Резервоар l 40
Багажник, заедно со простор под подот
До покрив l 830
Со исправена задна клупа (VDA) l 85
Со соборена задна клупа (VDA) l 377
Каросерија
Седишта 4
Димензии
Должина (со резервна гума) mm 3645
Ширина mm 1645
Висина mm 1705
Меѓуоскино растојание mm 2250
Ширина на трага напред mm 1395
Ширина на трага назад mm 1405
Круг на вртење m 9,8
Тежини
Празно возило (со возач) kg 1165
Дозволена вкупна тежина kg 1435
Приколка со сопирачки kg 1300
Потрошувачка на гориво
град l / 100km 7,7
отворено l / 100km 6,2
просек l / 100km 6,8
Емисија на СО2 g/km 154
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Suzuki Jimny останува во трката за светски автомобил на годината

Suzuki Jimny во славната серија Black Bison на јапонскиот тјунер

Британските возачи најзадоволни од Suzuki

Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tata-Motors-2019-GIMS-Geneva

Tata го полира имиџот на Land Rover со индиски модели во Женева

mazda3 салон мк

Новата Mazda3 почнува да вози по македонски асфалт