145
19 shares, 145 points

Suzuki направи одличен стратешки потег откако рано почна да вградува благ хибриден погон во своите модели. Ignis и досега беше достапен со таков погон. Сега следи моделско освежување, вклучувајќи и неколку важни промени во погонот.

Кај специјалистот за мали и компактни автомобили и погон на сите тркала секогаш е раздвижено. Претходно беше ред на Swift Sport, Vitara и S-Cross, кои добија нова погонска варијанта, со 1,4-литарски турбо-бензинец во комбинација со стартер-генератор и 48-волтна мрежа. Сега вниманието го презема освеженото моделско годиште на Suzuki Ignis Hybrid.

Новиот модел се препознава по сменетиот изглед на маската, со препознатливата дизајнерска шема на Suzuki. Хромираните рабови на отворите во маската ја следат формата на дневните светла, кои и досега беа стилско обележје на Ignis.

Поголем нагласок е ставен на теренскиот карактер во стилот, Suzuki Ignis сепак е меѓу ретките модели во класата што се достапни со погон на сите тркала

Целосна промена има во долниот дел на браникот, кадешто сега се наоѓа стилизирана заштита на подвозјето. Магленките се преместени повисоко и се вовлечени, заради подобра заштита. Во стилот на големите теренци е изведен и опашот, со заштитен панел и рефлекторски светла отстрана.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Растојанието од подлогата порасна за еден сантиметар. Целото дотерување на подвозјето е преработено во новото моделско годиште, со цел да се постигне повисок комфор при возење по терен и посигурна возни својства на секаква подлога.

Белата боја во долната половина на арматурната табла кај претходникот, сега е заменета со црна боја. Со тоа се постигнува поспортски и воедно поелегантен стил, но секако и натаму со нагласок на теренскиот карактер на Ignis. Долниот дел од средишната конзола е лакиран во контрастна боја со кабината, исто како и рачките на вратите. Овие елементи може да бидат лакирани во сина или сребрена боја, зависно од бојата на каросеријата.

Во палетата од бои за каросеријата има три нови опции:

Најроби слонова коска, достапна само со црн покрив
New photo by Automedia MK / Google Photos
Непал жолта металик боја, исто така само во комбинација со црн покрив
New photo by Automedia MK / Google Photos
Даблин зелена металик боја
New photo by Automedia MK / Google Photos
На тоа се надоврзуваат многубројните можности за додавање личен печат во изгледот на Ignis.
New photo by Automedia MK / Google Photos

Главниот повод за моделското освежување на Suzuki Ignis беа промените во погонот и доведувањето во согласност со строгата норма Euro 6D.

Моторот со ознака K12D е нов, четирицилиндарски и со убедливо повлекување во секое работно подрачје. Моќноста изнесува 83 КС, вртежниот момент достигнува 107 Nm при 2.800 вртежи. Инженерите посебно работеа на еластичноста на моторот, за возачот да не мора често да посегнува по менувачот. Сите преправки сепак беа направени со цел за подобра координација на бензинецот со остатокот од погонската спрега.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ignis Hybrid користи благ хибриден погон, односно стартер-генератор, којшто заменува алтернатор и стартер, но воедно работи и како електромотор, најчесто при поаѓање, за да го растовари бензинецот и да помогне во намалување на потрошувачката на гориво. Електричната енергија за погон на „електромоторот“ пристига од нова батерија. Нејзините димензии останаа непроменети, но амперажата порасна од 3 на десет амперчасови. Со ова зголемување на капацитетот на батеријата, стартер-генераторот може поефикасно да му помага на моторот, како во поглед на штедењето гориво, така и во поглед на обезбедувањето екстра моќ при поаѓање и забрзување. Електричната поддршка сепак трае кусо и со послаб интензитет во споредба со полниот хибриден погон на Toyota, којашто неколку години наназад е во стратешко партнерство со Suzuki.

Ignis Hybrid е единствен во својата класа што се нуди и во варијанта со безстепен менувач CVT. Најголемиот талент на овој мини-СУВ и натаму е неговата достапност со погоон на сите тркала. Suzuki во овој модел ја вградува варијантата на погонот AllGrip Auto, со вискозна спојка, што автоматски ја впрегнува задната оска, кога ќе се појави пролизгување на предните тркала. Помошта при поаѓање на нагорнина и интелигентната контрола на тракцијата се стандард кај верзијата со погон на сите тркала.

Потрошувачката на гориво е смалена за десетина проценти

Според нормата NEDC, новиот Ignis во верзија преден погон и мануелен менувач троши 3,9 l/100 km и испушта 89 g CO2/km, што е за 9% помалку во споредба со претходникот. Со погон на сите тркала, просекот расте на 4,2 литри, а емисијата на 95 g CO2/km – тоа исто така е намалување за 10, односно за 9 проценти. Најголема промена има кај верзијата со CVT, каде потрошувачката е смалена на 4,3 литри (-10%), а емисијата на СО2 на 97 g/km (-11%).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моментно нема податоци околу нивоата на опрема што ќе бидат достапни на македонскиот пазар, иако кај Suzuki по правило не постојат отстапки со моделите што се нудат на поголемите пазари во Европа. Од информациите со кои располагаме, новиот Suzuki Ignis Hybrid ќе биде достапен со две нивоа, Cool и Top. Диодните светла се стандард, заедно со магленки, алу-бандажи од 16 инчи, затемнети задни стакла, клима уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи, Apple CarPlay, Android Auto, камера за рикверц, грејачи во предните седишта, лизгачка и поделена задна клупа и автоматски светла.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во повисокото ниво на опрема Top се вградува и пристап и старт без клуч, автоматски клима уред, навигација, електрика за задните прозорци, кожа на воланот и темпомат. Повеќе системи за асистенција исто така се дел од оваа варијанта на Ignis.

Што се однесува до насловот и до спомнатите 29 денари на име на еколошка такса, тоа е вистинската вредност што се добива, откако ќе се земат предвид 89-те грами СО2 на Suzuki Ignis Hybrid. Тоа е веројатно некоја форма на јапонски хумор применет во локални услови.

Технички податоци · Suzuki Ignis Hybrid

New photo by Automedia MK / Google Photos
ДИМЕНЗИИ
  • Должина 3700 mm
  • Ширина 1690 mm
  • Висина 1605 mm
  • Меѓуоскино растојание 2435 mm
  • Ширина на трага напред 1460 mm
  • Ширина на трага назад 1460 mm
  • Растојание од подлога 180 mm
  • Круг на вртење 9,4 m
  • Багажник 260 l (204 l во 4×4)
  • Багажник со соборена клупа 514 l (490 l во 4х4)
ТЕЖИНА
  • Празно возило 985 kg
  • Дозволена тежина 1330 kg
  • Приколка 1000 kg
МОТОР
  • Тип K12D
  • Цилиндри / Вентили 4 / 16
  • Зафатнина 1197 ccm
  • Пречник х Од 73,0 х 71,5 mm
  • Компресија 13,0:1
  • Моќност 61 kW (83 КС) при 6000/min
  • Вртежен момент 107 Nm при 2800/min
  • Напојување Индиректно впрскување
ПОГОН И ПРЕНОС
  • Вид на менувач Мануелен со 5 степени
  • Погон на сите тркала
ПОДВОЗЈЕ
  • Напред Мекферсон со навојни пружини
  • Назад Торзиска оска
  • Сопирачки напред Вентилиран диск
  • Сопирачки назад Барабан
  • Гуми 175/60 R16 82H
  • Бандажи 16 х 5Ј
КАПАЦИТЕТ
  • Врати 5
  • Седишта 4
  • Резервоар 30 l
ПЕРФОРМАНСИ
  • Крајна брзина 165 km/h
ПОТРОШУВАЧКА (WLTP)
  • Просек 5,4 l/100 km
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

145
19 shares, 145 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *