170
22 shares, 170 points

Почнувајќи од најмалечкиот и дотолку повеќе ценет Maruti 800, преку веројатно најбројниот и најразновиден Swift, до актуелната Vitara што се појавува од секој агол, Suzuki отсекогаш бил толку застапен во уличното секојдневие, што повеќе никој не го забележува тоа. Јапонската компанија има и впечатлива историја, Suzuki денес ја одбележува својата стогодишнина.

Почетоците на големите автомобилски компании ретко се поврзуваат со автомобили. Некои почнуваат со мелници за кафе (Peugeot), други со машини за шиење (Opel), трети со лежишта (Volvo). Историјата на Suzuki исто така бележи почетоци во друга сфера. На 15-ти март, во 1920 година, Мичио Сузуки ја основа Suzuki Loom Works во градот Хамамацу, во префектурата Шизуока. Станува збор за фабрика за разбои, којашто се развива релативно брзо од работилницата основана единаесет години претходно.

Мичио Сузуки паралелно работи на плановите, компанијата да се вклучи во производството на автомобили. Во тоа време, јапонската автоиндустрија заостанува зад Европа и Америка. Пазарот расте, Јапонците почнуваат масовно да купуваат автомобили. Во 1936 година, Сузуки купува Austin 7. Инженерите го расклопуваат англискиот автомобил и со стекнатите сознанија изработуваат прототип за сопствениот модел. Тој е претставен само една година подоцна.

suzuki suzulight
Suzuki Suzulight

Во следниот период се изработуваат уште неколку возила, но избувнува војна и продукцијата целосно се посветува за потребите на војската. Уште претходно, во 1937 година, Suzuki почнал да изработува муниција за Кралската армија. Фирмата на Сузуки станува дел од воено-индустриски комплекс. Фабриките претрпуваат големи оштетувања. По војната, Suzuki произведува главно земјоделски машини и греалки.

Во 1952 година, Suzuki го претставува својот прв мопед, како велосипед со мотор од 36 сантиметри кубни и симболично име Power Free. Моторот со моќност од 1 КС се продава и посебно. Во март следната година се појавува Diamond Free, со мотор со 60 ccm, а во 1954 година следи и Mini Free. Првиот вистински мотоцикл е Colleda, со четиритактен мотор од 90 ccm и моќност од 3 КС.

Една од највпечатливите моделски серии на Suzuki: LJ/SJ/Samurai/Jimny
New photo by Automedia MK / Google Photos

При дебито во мај 1954 година, овој модел е мошне иновативен за јапонскиот пазар и се ориентира според европските модели. Наскоро, Colleda се нуди и со посилни мотори. Бизнисот со мотоциклите напредува одлично и компанијата во меѓувреме се преименува во Suzuki jidosha kogyo K.K., односно во Suzuki Motor Co. Ltd. Разбои повеќе не се произведуваат.

Во 1955 година е претставен и Suzulight, првиот малечок автомобил што постигнува повпечатлив успех на јапонскиот пазар. Моторот е двоцилиндарски со зафатнина од 360 сантиметри кубни. Suzuki веќе прераснува во сериозен производител на автомобили.

Наскоро следи и проширување на бизнисот, преку извоз на возилата. Во 1963 година е основана корпорацијата Suzuki Motor со седиште во Лос Анџелес, во Калифорнија. Големиот американски пазар е обезбеден.

Позначајни настани во стоте години на Suzuki:

Октомври 1909: Мичио Сузуки ја основа Suzuki Loom Works во Хамамацу, кадешто и денес е седиштето на компанијата.

Март 1920: Компанијата се реорганизира, со вложувачки капитал од половина милион јени, како Suzuki Loom Manufacturing Co., со Мичио Сузуки како претседател.

Мај 1947: Suzuki се сели на денешната адреса.

Јуни 1952: Suzuki станува производител на мопеди со Power Free.

Јуни 1954: Компанијата го менува името во Suzuki Motor Co., Ltd.

Октомври 1955: Деби на Suzulight, со двотактен мотор со 360 ccm.

Февруари 1957: Шунзо Сузуки е поставен за нов претседател.

Октомври 1958: Suzuki почнува да го користи препознатливиот заштитен знак, кој останува до денес.

Март 1960: Завршува изградбата на фабриката за автомобили.

Август 1961: Прв извоз на мотоцикли за Тајван, во форма на CKD.

Септември 1961: Завршува изградбата на фабрика за камионети бо Тојокава, Аичи; Стартува производството на Suzulight Carry, со двотактен мотор со 360 ccc.

Јуни 1962: Suzuki победува во класана мотоцикли до 50 ccm на славната трка Isle of Man TT.

Април 1965: Suzuki стартува со производство на вонбродски мотори, со двотактниот D55, со моќност од 5,5 КС.

1965: Белгиската компанија Moorkens прва во Европа почнува со продажба на Suzuki

Март 1967: Thai Suzuki Motor Co., Ltd. во Тајланд е прва фабрика за мотицкли надвор од Јапонија.

Август 1967: Изградена е фабриката за автомобили во Ивана, Шизуока.

Јануари 1970: Изграден е погонот за одливки Осука, во Какегава, Шизуока.

Април 1970: Деби на Jimny со погон на сите тркала, со двотактен мотор од 360 ccm

Октомври 1970: Изградена е фабриката во Косаи, Шизуока;

Октомври 1971: Во Тојокава, Аичи, отворена е фабриката за средни и големи мотоцикли.

Мај 1973: Џицуџиро Сузуки е именуван за претседател.

Април 1974: Suzuki влегува на пазарот на медицинска опрема со моторната помошна количка Z600.

Мај 1975: Suzuki започнува со производство на Jimny 4×4 во Пакистан.

Мај 1976: Стартува производство на автомобили во Индонезија.

Јуни 1978: Осаму Сузуки станува претседател на Suzuki.

Мај 1979: Деби на Alto, со двотактен мотор со 550 ccm.

Април 1982: Suzuki потпишува договор за заедничка компанија за производство на автомобили со индиската влада.

1982: Suzuki отвори нов пазарен сегмент со првиот квадрицикл LT 125

Декември 1983: Во Maruti Udyog Ltd во Индија започнува производство на автомобили на Suzuki.

1984: Деби на еден од најпрочуените мотоцикли на сите времиња GSX-R750, на салонот во Келн.

Октомври 1990: Името е сменето во Suzuki Motor Corporation.

Април 1991: Suzuki ја основа корпорацијата Magyar Suzuki во Унгарија.

Септември 1993: Деби на Wagon R со мотор со 660 ccm.

Ноември 1994: Завршува изградба на фабрика за мотори Сагара, во Махинохара, Шизуока.

Мај 2002: Suzuki ја презема главнината од акциите во индиската Maruti Udyog Ltd.

Јули 2008: Старт на фабриката за монтажа на автомобили Сагара, во Макинохара, Шизуока.

Јуни 2015: Тошихиро Сузуки е именуван за претседател.

Февруари 2017: Започнува со работа фабриката Гуџарат во Индија.

Март 2018: Toyota и Suzuki постигнуваат договор за меѓусебна размена со хибридни и други возила во Индија.

Септември 2018: Во Хамамацу, Шизуока, започнува со работа фабрика за мотоцикли.

Август 2019: Toyota и Suzuki започнуваат соработка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Поглавјето со американскиот гигант General Motors

Suzuki во 1981 година стапи во блиска соработка со Isuzu и со General Motors. Американците во 2000 година го зголемија уделот во Suzuki на 20 проценти, по цена од 653 милиони долари. Шест години подоцна, GM го смали уделот на три проценти. Овој удел беше продаден во ноември 2008 година, за 230 милиони долари. Од оваа соработка потекнува Suzuki Wagon R+, којшто се продаваше и како Opel Agila.

Suzuki денес произведува во шест сопствени фабрики на домашна територија. На тоа се надоврзува уште цела низа фабрики во коишто Јапонците учествуваат како партнери, во Кина, Тајланд, Индонезија, Индија, Пакистан, Шпанија, Унгарија и Египет. Производствениот синџир опфаќа вкупно 35 фабрики во 24 држави и региони. Во светски рамки, за компанијат работат повеќе од 50.000 лица.

Осаму Сузуки ја прекина соработката со Volkswagen, тој не сакаше Suzuki да биде следната марка во портфолиото на Волфсбург

Во јануари 2010 година, Volkswagen презеде малцински удел во Suzuki. Германскиот концерн откупи 19,9% од акциите, додека Suzuki за една милијарда американски долари купи 1,9% во Volkswagen AG. Претседателот на компанијата Осаму Сузуки ја прекина натамошната соработка и зголемувањето на уделот на Германците, затоа што сакаше да избегне неговата марка да биде следна во портфоилото на Волфсбург.

Тест: Suzuki Jimny 1.5 GL

Соработката беше прекината со одлука на Меѓународниот арбитражен суд во Лондон во август 2015 година. Во септември, Suzuki го врати преостанатиот удел од 1,5% во Volkswagen.

Лани во август започна соработка со Toyota, којашто презеде удел од 4,9% во Suzuki, додека Suzuki купи 0,2% од акциите во Toyota.

Suzuki во 2019 година беше десетти најголем производител на автомобили во светот и на третото место на домашниот пазар.

Логото за стогодишнината на Suzuki

Стилски изведените две нули во логото воедно го формираат знакот за бесконечноста, а во исто време симболизираат и тркала, како мотив што ја прикажува мобилноста. Трите линии ги означуваат сите производи на компанијата, автомобилите, мотоциклите и вонбродските мотори.

Деталните поглавја во историска приказна на Suzuki може да се погледнат на посебиот вебсајт за прослава на стогодишнината

https://www.globalsuzuki.com/100th/


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

170
22 shares, 170 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *