за

SUBARU WRX: Фината механика доби лице

Напредок преку прецизност! Создаден да реагира! Убедлив во деталите! Функционален и при возење на максимум! Управување кое возбудува! Редефинирана страст! Контролата му е во гените! Ги надминува чувствата!

Доволно? Овие слогани на најновата студија на јапонскиот производител на автомобили Subaru, јасно го опишуваат следниот чекор на овој реномиран бренд. Ова е еден од ретките брендови на автомобили чии производи се купуваат на невидено. Зошто? Треба да се праша некој што има вакво возило и ќе се појасни. Додуша ретки се сопствениците на Subaru кај нас, но и тие малкумина што ќе се пронајдат ќе одговорат приближно вака:

  • – 100% Изработката е на врвно ниво;
  • – 90% Погонот на сите тркала ме има извадено од опасни ситуации;
  • – 80% Боксер моторот е задоволство;
  • – 50% Потрошувачката можела да е малку пониска (нормално со погон на сите тркала и мотор со позиција на цилиндри во идеална рамнина);
  • – 30% Моето возило е најубаво на светот!

Токму последната ставка е проблем за Subaru уште од првиот модел од пред 55 години. Како и секогаш, чест на исклучоците. Впрочем за нејзините верни купувачи дизајнот и не е некој проблем, но за зголемување на бројките во продажбата, привлечниот дизајн е, повеќе од јасно, задолжителен.

Со студијата WRX, Subaru сака да направи нешто повеќе од спортски доработен постоечки модел, нешто што Audi го прави со серијата RS, BMW со култниот M Sport, или Mercedes со луцидниот AMG. Тука се работи за креирање на целосно независен модел кој за разлика од претходните модели WRX, кои беа доработка на стандардната Subaru линија, е дизајниран од празен лист хартија, или празен фајл по ново.

Надворешноста ја карактеризира фигура за која доколку не се забележи рачката за отворање на задните врати, човек би се заколнал дека е купе. Отворот на поклопецот на моторот за полесно дишење на турбината, кој не е дополнително намонтиран, делува како целиот поклопец да е изработен околу него. Всушност целиот преден штитник, акцентиран со хексагоналната централна маска, е дизајниран со цел подобро ладење на веројатно моќниот агрегат, за кој засега не се коментира во Subaru.

Дали се работи за хибрид, или не, во раководството се неми за сега. Веројатно и самите ги разгледуваат опциите или пак не сакаат да се истрчаат со информации, опипувајќи ги реакциите и мечтите на потенцијалните купци, како што изјави Том Дол, шеф на Subaru America. Околу погонската група Subaru има огромна доверба во автомобилската јавност така што и нема потреба да се коментира.

Зад предните крила ѕиркаат надолжните отвори за одведување на топлината генерирана при рапидното сопирање на огромните самовентилирачки дискови. Дизајнерите и тука се потрудиле да покажат дека WRX е створен поинаку од неговите предци. Тркалата со тенки краци делуваат како да се провидни, со што димензиите на сопирачките се уште повоочливи. И крилата околу тркалата, кои се со намера истакнати, изгледаат како да се нацртани пред остатокот од школката. Се делува прилагодено на спортските перформанси. Целината е заокружена со масивен заден дифузер и четири (2+2) издувни цевки поставени во ќошевите на штитникот, обрабени во дречава жолта боја.

Единствено е необичнo отсуството (не е дека навистина му фали заради складноста) на заден спојлер на поклопецот од багажникот. За одговорот дали е ова резултат на совршената стабилност или пак се чува, како деликатес, за некоја уште полута верзија на WRX, останува да се почека сериската изведба која ќе започне сосема ново поглавје во историјата на Subaru. Секако храбар чекор на јапонската марка која забележува константен напредок во продажбата барем на северноамерикаскиот континент.

[nggallery id=6]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

JEEP CHEROKEE: ДОБРИОТ, ЛОШИОТ И …ЗАОБЛЕНИОТ

Германските коли им смрдат на Кинезите!