за

Subaru е најпотценетата автомобилска марка

Од Јапонија потекнуваат најиздржливите автомобили во светот. Марката ги има своите најверни клиенти во Америка, иако и не се грижи нешто особено околу имиџот. Ова е најпотценетата марка.

Сопствениците на Subaru ги возат своите автомобили со децении и веруваат во нив, обично се во џинс, можеби возат и мотоцикл, а мошне веројатно имаат и еден спортски автомобил во возниот парк. Основното што ги соединува луѓето кои поседуваат автомобил од марката Subaru сепак е нивната фасцинираност од робусни теренски возила. Тој што еднаш ќе вози автомобил од јапонската марка, ретко дека некогаш ќе седне во конкурентска марка. На некои пазари лојалноста на клиентите достигнува и 80 проценти – слично како Mercedes, кому сепак таксистите му се најверни.

Сопствениците на Subaru ретко се раздвојуваат од своите автомобили

Според официјалните американски статистики, дури 95 проценти од автомобилите што се продадени во земјата во последните десет години уште се наоѓаат во сообраќај. Сопствениците на Subaru ретко се раздвојуваат од своите автомобили. Немаат ниту причина за тоа, автомобилите едноставно не им се расипуваат и најмногу што може да се случи обично е продупчена гума.

Покрај тоа што им е докажана техниката, моделите на Subaru честопати доаѓале со иновативна и револуционерна технологија, особено во погонот на сите тркала. Уште од почетокот на 1970-те години, погонот на сите тркала е неразделен од имиџот на Subaru. Јапонците го претставија нивниот Leone Station Wagon 4WD со вклучлив погон на сите тркала уште во 1972 година, во време кога европските производители не ни помислуваа да го понудат погонот 4х4 во автомобил од големосериско производство.

XT Turbo 4WD е еден од највпечатливите модели на Subaru
XT Turbo 4WD е еден од највпечатливите модели на Subaru

Откако Audi и BMW конечно го открија вклучливиот погон за тешки услови на возење, Subaru во 1987 година го претстави првиот модел со постојан погон на сите тркала, XT Coupe. Само половина деценија пред тоа, јапонската марка имаше деби на поширокиот европски пазар, со моделот 1800 во лимузинска и комби изведба. Освен по некој ловец или земјоделец, во почетокот никој не се интересираше за туѓата марка од Далечниот Исток.

За тоа време, Јапонците ги соборуваа рекордите во продажбата во САД, од година в година. Американците и денес се најголеми купувачи на јапонската марка. Лани Subaru имаше одлична година во САД. Додека во 2008 година во големата земја се продаваа помалку од 190.000 возила, лани продажбата достигна близу половина милион. Трендот ќе продолжи, Subaru очекува 2015-та да биде нова рекордна година.

Шесткратен шампион во светското првенство во рели

Од 1972 година, во светот се регистрирани близу 14 милиони возила на Subaru со погон на сите тркала. Јапонците релативно доцна стартуваа со варијабилниот погон на сите тркала во мотоспортот, којшто е важен за маркетингот и за имиџот, но влезот брзо влоди со плод. Subaru шестпати ја освојуваше титулата на светски шампион во рели. Сината Subaru Impreza со златни бандажи прерасна во легенда меѓу другото и поради лудите возења на шкотската возачка ѕвезда Колин Мекри, којшто почина во хеликоптерска незгода во 2007 година.

Subaru Leone Coupe од 1974 година
Subaru Leone Coupe од 1974 година

Спортското возење сепак не им е толку важно на повеќето сопственици на Subaru, колку што им е важна издржливоста на автомобилите. Заедно со добриот квалитет на изработка, тоа е една од најголемите причини за трајниот, но за жал и незабележан успех на Subaru. Марката не им се препушта на краткотрајните трендови, но и не мора. Модерните гаџети, како што се системите за асистенција или поврзувања со мобилни телефони и други преносни уреди, залудно е да се бараат во оваа марка.

Новиот Outlback не нуди ништо револуционерно, купувачите се задоволни со издржливоста и квалитетот
Новиот Outlback не нуди ништо револуционерно, купувачите се задоволни и „само“ со издржливоста и квалитетот

Добар пример за тоа е новиот Outback, којшто во споредба со претходникот навидум не нуди ништо ново, но во сé е подобар од него. Сопствениците на Subaru знаат за што станува збор. Моделите на јапонската марка се конципирани за секојдневно користење и непотребните работи се изоставуваат. Друга причина за големата лојалност на клиентите претставува и задржувањето на вредноста на нивните автомобили. По три години експлоатација, Outback стар три години задржува околу 65 проценти од вредноста на ново. Кај останатите марки, сопствениците се „ослободуваат“ од возилата кусо пред да им опадне вредноста премногу.

Subaru повеќе внимава на механиката отколку на краткотрајните трендови

Ако треба да се вгради нова технологија, Subaru и тоа го прави на свој начин. Пример е безбедносниот систем EyeSight. Место безброј сензори, системот користи две камери покрај внатрешниот ретровизор и покрива подрачје широко 35 степени, до 110 метри пред возилото, снабдувајќи ги системите за асистенција со потребните информации.

Разликата е во тоа што камерите во Subaru немаат висока резолуција. Техничарите на марката сметаат дека тоа само ќе го забави системот, чијашто функција е да спречува судир при брзини до 50 km/h, односно барем да ги намали штетите при брзини до 180 km/h. Покрај тоа, EyeSight поседува и следење лента, радарски темпомат и спречува налетување во возилото напред при невнимателно поаѓање.

Погонот на сите тркала е неразделен од возилата на Subaru уште од 1970-те години. Актуелниот Forester е ценет по теренските својства
Погонот на сите тркала е неразделен од возилата на Subaru уште од 1970-те години. Актуелниот Forester е ценет по теренските својства

По краткотрајното заживување на Subaru на македонскиот пазар во последната деценија во минатиот век, главно со евтиниот контингент на Impreza, се чини дека марката уште некое време ќе остане во улога на аутсајдер. Покрај тоа што недостигаат бројни комфорни и безбедносни ставки, исто како и широка понуда од мотори, што со години е стандард кај водечките европски марки, моделите како Forester, Outback, Impreza и XV не се евтини. Комбито со погон на сите тркала Outback 2.0 Diesel со 150 КС, во претходната генерација чинело 37.490 евра, според последниот македонски ценовник за Subaru. За споредба, Audi A4 Avant TDI, со 150 КС и погон quattro, чини 38.347 евра, додека новиот Volkswagen Passat во моделска изведба со дволитарски дизел со 190 КС, менувач со двојна спојка DSG и погон 4Motion стартува од 37.705 евра во нивото Comfortline.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi RS3 Sportback: Рели во приватна режија

BMW и Volkswagen заеднички ќе поставуваат полначи за струја во САД