162
57 shares, 162 points

Од врвната македонска научничка институција произлезе студија којашто нуди единствена основа за воспоставување правилни политики во управувањето со автомобилскиот возен парк. Во студијата на МАНУ за првпат воопшто се разграничува јасно меѓу еколошки и нееколошки автомобили. Соодветно се предлагаат повластици и даночни олеснувања при купување и експлоатација на возила што не оставаат печат врз животната средина.

По еднодеценискиот период во когошто автомобилските прашања беа препуштени да се решавааат спонтано по странски автоплацеви и по неминовното стекнување на титула светски рекордер во аерозагаденост од повеќето македонски градови, дебатата околу управувањето со возниот парк се враќа во својата природна база, во интелектуалната сфера.

Во Македонската академија на науките и уметностите, во претпоследниот ден од јануари се одржа форумот на тема „Македонска транспортна револуција“. На форумот се обработуваа теми во насока на стабилизација на штетните емисии коишто произлегуваат од транспортот. Изборот на терминот токму за претпоследниот ден од првиот месец во новата година, веројатно е случаен, но не и без симболика. Претпоследниот ден се однесува на претпоследната, ако не и последна шанса за преземање мерки за заштита од штетните емисии од возилата, додека новата година укажува на неопходноста од постојано преземање на сé поригорозни мерки во таа насока во светот.

СТУТРА докажува дека е можно во Македонија да се воспостави еколошки возен парк, почитувајќи ги и социјалните аспекти

Главното постигнување на форумот беше прикажувањето на „големата слика“, како Македонија да напредува во намалувањето на емисијата на стакленички гасови од транспортот, разгледувано во временска рамка до 2035 година. Сликата најверно ја пренесе студијата на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ. Во својата интегрална форма, Студијата за секторот транспорт: Анализа на политики и мерки (СТУТРА), се состои од 60 страници, со детален приказ на аналитичката обработка на тематиката во повеќе од 40 графикони и табели.

Прегледајте го инфографикот за Студијата

Со финансиска и техничка поддршка од „Глобалниот фонд за животна средина: Програма за развој на ОН (UNDP)“, под проектно раководство на дипл. ел. инж. Павлина Здравева, СТУТРА воспоставува спрега меѓу патничките автомобили и животната средина, применувајќи сличен пристап како во земјите во ЕУ и останатите еколошки освестени средини, но земајќи ги предвид локалните специфики, и најголемиот предизвик меѓу нив, социјалниот аспект.

Несомнено е дека станува збор за врвно научно достигнување, коешто влева надежи дека барем од аспект на интелектуалните капацитети, Македонија е подготвена и способна да ја реализира електрификацијата на возниот парк, односно во почетокот да нé приближи до „приклучокот за струја“.

Во својот воведен говор, Академик Глигор Каневче, раководител со Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР-МАНУ), го отвори форумот и во манир својсвен за врвен научник, во неколку минути ја прикажа глобалната слика за настанокот на штетните емисии, посочувајќи на комплексноста на системот, но и на неопходноста од соочување со предизвиците во надминувањето на проблемот.

На тоа се надоврза госпоѓа Нарине Сахакјан, заменик претставник на програмата за развој на Обединетите Нации, која го заокружи своето обраќање осврнувајќи се на „револуцијата“ во насловот. Како што посочи високата претставничка на ОН, револуцијата е чувствителен збор во регионален контекст, но е неизбежна кога станува збор за заштитата на животната средина, затоа што е веќе предоцна за каква било форма на еволуција.

Владата го подготвува системот на еколошки налепници, кои ќе овозможат регулирање на интензитетот на сообраќајот при прекумерна загаденост на воздухот

Потоа следеше и обраќањето на господин Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање, кој нагласи дека за решавањето на проблемот со загадувањето се неопходни строги, место популистички мерки, како и интегрирана и масовна акција во сите сектори. Владата моментно работи на системот на еколошки налепници, со коишто меѓу другото се овозможува основа за регулирање на сообраќајниот интензитет во деновите со прекумерна загаденост.

Студијата ја претстави магистар Александар Дединец, асистент истражувач во Центарот, кој се вбројува меѓу водечките македонски експерти за моделирање на енергетската стратегија. Тоа што го предлага студијата, базирајќи се на повеќе регистри и проекции коишто покажуваат дека патниот сообраќај е најголем извор на емисии во секторот транспорт, се однесува на приспособување на даночниот систем при купување и експлоатација на патничките возила.

Грижата кон животната средина е само симболично застапена во постоечкиот даночен систем

Сегашниот систем предвидува царина од 5%, акциза според вредноста на возилото, ДДВ од 18% и еколошка такса за користени возила, којашто се движи од 1.500 денари за бензински мотори до 1,0 литар зафатнина, до 3.500 денари за возила со дизел мотор со зафатнина над 2,5 литри. При регистрација се наплаќа еколошка такса, во вредност од 70 денари за мотори до 22 киловати, до 210 денари за мотори над 100 киловати. Животната средина фигурира во трошоците за купување и возење автомобил единствено уште во цената на горивата, со 0,08 денари за литар бензин и 0,03 денари за литар дизел.

За возилата со пониска емисија да бидат привилегирани над возилата со висока емисија на штетни материи, се предвидуваат 15 категории за одредување на висината на еколошката такса при регистрација, зависно од емисијата на СО2. Возила со нулта емисија, односно батериски електрични возила, би биле целосно ослободени од оваа такса, додека за возилата во најлошата категорија, со емисија над 300 грами СО2 на километар, таксата би изнесувала 8,1 денари за секој грам од стакленичкиот гас, односно повеќе од 3.500 денари. За споредба, сопствениците на возило со плагин хибриден погон би платиле максимално 81 денар при годишната регистрација, односно до 250 денари за класичен хибрид и околу 700 денари за автомобил со конвенционален погон.

СТАТРА - еколошки такси при регистрација на возило

Коефициентот би се зголемувал секоја наредна година до почетокот на следната декада, на пример за категоријата со СО2 меѓу 131-140 g/km, од 3,8 денари за секој g/CO2 во 2018 година, на 5,0 денари за периодот од 2020 до 2035 година. Средствата од еко-таксата при регистрација би се користеле за субвенционирање на електрични возила, во висина од 5.000 евра. На овој начин, возниот парк секоја година би се обновувал со 400 до 800 електрични возила.

Со зголемување на еко-таксата може да се субвенционираат до 2.000 електрични автомобили годишно

Втората измена се однесува на еколошката такса за горивата. Возач кој годишно минува 10.000 километри со своето возило, при просечна потрошувачка од 10 литри гориво на сто километри, моментно издвојува за екологија 80 денари на годишно ниво. Предвидувајќи еко-таксата да се зголеми од сегашните 0,08 ден./литар за бензин, односно 0,03 ден./литар дизел, на 0,3 денари по литар, истиот возач би издвојувал годишно по 300 денари за заштита на животната средина. Таксата би се зголемувала пропорционално и би достигнала 2 ден./литар во 2035 година, кога истата би изнесувала 2.000 денари. Овие собрани средства исто така би се намениле за субвенции за електрични возила во висина од 5.000 евра, односно за 420 до 1.960 нови возила секоја година.

Еколошките возила би дошле во најголема предност при плаќањето на еколошката такса при увоз. Оваа такса, според предложените промени, би се плаќала и при увоз на нови возила. Поставените 15 категории на емисија на СО2 би важеле и при пресметката на оваа такса. Во најдрастичниот случај, кога емисијата на СО2 е над 300 g/km, коефициентот би изнесувал 65 денари за секој грам СО2 во 2018 година, односно 110 денари во периодот меѓу 2020 и 2035 година. Тоа значи дека при увоз на тешко теренско возило со слаб квалитет на издувни гасови, еко-таксата по 2020 година би изнесувала над 28.500 денари. Под претпоставка дека сите средства од оваа такса ќе се наменат за електро-субвенции, годишно до 1.620 возачи би купиле електричен автомобил за 5.000 евра под вообичаената цена.

СТАТРА - еколошки такси при увоз на возило

Понатаму се предвидува изедначување на акцизите за дизелот и бензинот, што би довело купувањето возило со дизел мотор да биде неисплатливо по 2023 година, намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти за хибридни и електрични возила, како и директно субвенционирање со 10.000 евра за електрични и 7.000 евра за плагин хибридни возила. Тоа би довело електричните возила да станат конкурентни во 2026 година, заменувајќи ги новите дизел возила.

Намалување на емисијата на стакленички гасови за повеќе од една третина до 2035 година

Со предложените мерки, учеството на електрични возила во 2035 година би достигнало 11,3%, односно 8% за плагин-хибридите. Емисиите на СО2 би се намалиле за 14 проценти. Во студијата се предвидува и второ сценарио, со комбинација на директно и индиректно субенционирање, со коешто би се постигнал уште поголем продор на возилата со нулта и ниска емисија на штетни материи. Крајниот ефект, меѓу другото, би бил и намалување на емисијата на СО2 за повеќе од една третина до 2035 година.

СТАТРА - број на патнички автомобили

Стручната анализа на политики и мерки е толку комплексна што тука пренесуваме само еден дел од студијата, оној што се однесува на предложените промени во даночното оптоварување. Во студијата понатаму се спомнува и учеството на обновливи извори во производството на електрична енергија, улогата на електричните возила како стационарни извори на струја во периодот на нивно мирување, оптимизацијата на хидро-акумулациите… Ова е македонскиот манифест на електромобилноста.

Како и во повеќето подрачја денес, основниот предуслов за реализација на секакви унапредувања во возниот парк во насока на електромобилноста се податоците, располагањето со нив и обработката на истите. За овој аспект, којшто додава дополнителна комплексност на предизвикот, говореше магистар Јоже Јовановски од Регионалниот центар за животна средина.

јагуар и-тајп платформа

Споредбата на електричните и конвенционалните автомобили беше предмет на излагањето на нашиот еминентен експерт за моторни возила, проф. др. Милан Ќосевски од Машинскиот Факултет. Професорот ги посочи низата предности коишто електричните автомобили ги поседуваат наспроти конвенционалните, особено во динамиката во возење, во комплетно новиот конструкциски пристап кој овозможува рационална искористеност на просторот, во значајно помалиот број на компоненти и поевтиното одржување што произлегува оттаму. Беше спомната и спрегата меѓу политиката и индустријата, од којашто последно произлезе дизел-аферата, а не остана неспомнат и главниот недостаток на електричниот погон, а тоа е ограничениот рок на експлоатација на батериите и високата цена за нивна замена.

Форумот го заокружи претставувањето на софтверската алатка за проценка на загаденоста со СО2 што е предизвикана од сообраќајниот метеж, развиена од магистар Костадин Мишев и проф. др. Димитар Трајанов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

[tie_slideshow]

[tie_slide]

Заклучни препораки и следни активности
(извадок од Студијата на ИЦЕОР-МАНУ)

Од направените анализи може да се заклучи дека:

потребно е да се направи промена на методологиите за пресметување на еколошките такси, кои ќе бидат во согласност со Европските и светските начини на пресметување;

постепено изедначување на акцизите на дизел горивото со моторниот бензин;

ослободувањето (укинување) од плаќањето на акциза за хибридните возила да продолжи и понатаму, а да се додадат и електричните возила;

намалување на ДДВ од 18% на 5% за хибридните и електричните возила;

директно субвенционирање на електричните возила, додека за хибридните не е потребно дополнително директно субвенционирање;

со промената на методологиите за пресметување на еколошките такси, парите собрани да се насочуваат на посебни сметки и потоа да може да се искористат за директно субвенционирање на електричните возила;

имплементирање на пакет на мерки (сите заедно), за побрза обнова на возниот парк и намалување на емисиите на стакленички гасови до 35% во подкатегоријата патнички автомобили во однос на Референтното сценарио која е и главната цел на анализите направени во оваа студија. Како дополнување на овие мерки, а со цел да се направат хибридните и електричните возила попривлечни за луѓето се препорачува:

резервиран зелен паркинг во сите јавни паркинзи

бесплатен паркинг или со половина цена (се препорачува ова да се применува додека да се достигне 10% од автомобилите да бидат електрични и хибридни)

полначи во сите јавни паркинзи

бесплатни патарини (се препорачува ова да се применува додека да се достигне 10% од автомобилите да бидат електрични и хибридни)

дозволено возење во автобуски ленти (се препорачува ова да се применува додека да се достигне 10% од автомобилите да бидат електрични и хибридни)

обврска да се стават брзи полначи на сите бензински станици на автопат (на секои 100 км до 2020 година)

обврска на јавните институции да купуваат автомобили со ниско ниво на јаглерод (ограничување до 90 gCO2 / km до 2020 година, и 50 gCO2 / km до 2025 година). Квантифицираните ефекти од оваа мерка исто така треба да бидат аналитички моделирани, а трошоците за ублажување се проценуваат.

[/tie_slide]

[tie_slide]

Со цел да се направат електричните автомобили попопуларни и да се овозможи дополнителна декарбонизација на транспортниот сектор, во иднина следните чекори би требaло да се направат:

Анализа на локалното загадување од патничките автомобили, и придобивките од воведувањето на хибридните и електричните автомобили, особено во градовите Скопје и Тетово;

Анализа на корелацијата помеѓу возењето хибридни возила и брзината при возење во градот, и евентуален придонес за намалување на просечната брзина на возење низ градските улици, со што би се обезбедила поголема безбедност во сообраќајот и помал број на сообраќајни незгоди;

Детална анализа на политиките и мерките во Европа и во светот за зголемување на ефикасноста и електрификацијата на лесните товарни возила. Потребно е прилагодување и оцена на влијанието на ваквите мерки во транспортниот систем во Македонија;

Анализа на оптималниот развој на инфраструктурана на полначи за електрични возила, земајќи ги предвид карактеристиките на сообраќајот и на електроенергетската мрежа;

Оцена на влијанието на изедначувањето на цените на моторниот бензин и дизел горивото врз целокупниот транспортен сектор во Македонија;

Детална анализа за електрификација на јавниот транспорт

 [/tie_slide]

[/tie_slideshow]

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Дизелите чмајат на германските плацеви, ни претстои ли нова инвазија загадувачи?

Овие автомобили се шампиони во загадување на животната средина

Колку чини лажниот автомобилски луксуз по македонските улици?

Ова се најеколошките (и најевтини) автомобили на македонскиот пазар

Европските градови го ограничуваат пристапот за нееколошките автомобили

Топ 10 Најпродавани електрични автомобили во Европа

Lexus NX 300h F Sport: Луксуз со двотарифно броило


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

162
57 shares, 162 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743