179
48 shares, 179 points

Во минатата среда, стотина германски пулмолози излегоа со став, дека непотребно им се придава толку штетно влијание на ПМ-честичките и азотните оксиди во издувните гасови од дизел моторите. Тоа предизвика бурна реакција во поширок размер, па дури и неколку тукашни блогери избрзаа да ги преведат германските објави. Зад обидот да се ублажи штетното влијание секако дека стојат одредени интереси.

Петнаесет врвни пулмолози од светски калибар, кои преку своите здруженија претставуваат повеќе од 70.000 членови, во понеделникот излегоа со заеднички став против позицијата на стотина германски лекари, кои пред неколку денови бараа да воведат поблаги гранични вредности за емисијата на азотни оксиди и ПМ-честички од возилата со мотори што користат фосилни горива, особено дизел.

Во нивното писмо се наведува: „Форумот на интернационалните пулмолошки здруженија ФИРС, се согласува со националните германски стандарди, со европските стандарди и со стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), противејќи се на тој начин на групата германски пулмолози, кои побараа да се воведат поблаги гранични вредности. Според податоците на СЗО, загаденоста на воздухот со штетни материи е причинител за 4,2 милиони смртни случаи годишно.“

Издувните гасови од дизел моторите се одговорни за „кобните промени во организмот“

Во писмото се укажува дека белите дробови се погодени најмногу од загаденоста на воздухот, но се нагласува дека и другите органи исто така трпат штетни или хронични заболувања поради нечистиот воздух.

Лекарите објаснуваат: „Акутните ефекти се препознатливи веднаш, но долготрајната изложеност предизвикува хронични промени, кои можат да бидат кобни во подолга временска рамка. Рак, срцеви заболувања, оштетувања кај новороденчињата, деменција, сето тоа се поврзува со загаденоста на воздухот. Тоа најмногу го предизвикуваат честичките кои се помали од 2,5 микрометри (ПМ2,5) и останатите штетни материи од дизел моторите.“

Штетно е и кога загаденоста на воздухот е под граничните вредности

Според лекарите, влијанието е штетно и кога загаденоста на воздухот е под меѓународните гранични вредности. „Опасноста од срцев удар предивикан од честички ПМ2,5 е најголем по 12 до 14 часови од изложувањето. Тоа важи и кога концентрацијата со ПМ2,5 е во рамките на меѓународните стандарди. Граничните вредности во стандардите се поставени на ниво, на коешто се исклучуваат негативните ефекти врз здравјето дури и за хроничните болни. Поради тоа, ФИРС категорично ги подржува интернационалните стандарди. Секоја активност за чист воздух, го подобрува здравјето.“

Врска до писмото на ФИРС: https://www.firsnet.org/news-and-actions/114-was-treibt-die-lungenaerzte-an-firs-statement-in-response-to-frankfurter-allgemeine-article-on-air-pollution

Со оваа реакција на врвните специјалисти на светско ниво се дава силен отпор на иницијативата на извесен Дитер Келер, германски пулмолог и поранешен претседател на германското здружение за пулмологија. Тој во минатата среда објави петиција потпишана од 106 германски пулмолози, со којашто се бара воведување поблаги стандарди, односно поместување на граничните вредности за штетните материи во воздухот на повисоко ниво. Во основата на петицијата беше наведено дека ПМ-честичките и азотните оксиди вооопшто не се штетни во толкава мера, односно дека граничните вредности непотребно се поставени ниско. Во Германија претстои воведување на забрана за сообраќај за стари возила со дизел мотор во повеќе градови.

протести еко-активисти, загадувањето од возилата

Германското здружение на пулмолози заклучува дека позицијата на групата од стотина лекари е во недвојбен конфликт со јавните ставови на експертските здруженија, за релевантноста на штетните материи во воздихот врз здравјето. На крајот се дозна и вистината: Потписите на 106 лекари се добиени како резултат на анкетата штои била спроведена меѓу 4.000 членови на Германското здружение на пулмолози. Тоа, според експертите, воопшто не го отсликува мислењето на главнината од пулмолозите во земјата.

Исто како што во Македонија упорно се избегнува да се посочи главниот виновник за екстремната загаденост на воздухот, така и некој во Германија се обидува да го ублажи проблемот со дизел моторите

Но, кој е интересот што стои зад овој мошне контроверзен настап на стотината германски специјалисти. Одговорот е еднозначен и недвојбен: Автомобилската индустрија. Германија е „автонација“, производството на автомобили е темел на индустријата и економијата. Покрај фабриките за автомобили, во земјата и во директното и индиректното соседство постојат илјадници компании, со по неколку производствени погони, во коишто се изработуваат компоненти за автомобилите, односно тоа е таканаречениот синџир од добавувачи.

забрана за дизел

Очигледно станува збор за непроценливо вредна структура, која во исто време е мошне чувствителна. Најголемиот дел од тамошната автомобилска индустрија, за разлика од јапонската или американската, ориентиран е на дизел моторите. Во дизел-аферата се откри дека производителите долги години биле во тесна спрега со политиката, којашто „премолчувала“ и дозволувала да се произведуваат автомобили со недоволно чиста емисија, во интерес на зачувување на стопанството во земјата и регионот.

Дизелот повеќе не може да се спаси, а со тоа пропаѓаат и илјадниците фабрики во коишто се произведуваат компоненти за дизел мотори или се врши завршна монтажа на истите

Дизелот веќе одамна „падна“, но проблемот е што производителите продолжија да живеат во сон дека светот уште децении и децении ќе продолжи да вози на нафта, и воопшто, на фосилни горива. Одеднаш, масивните инвестиции во производството на дизели – вклучувајќи ги и илјадниците добавувачи, на кои треба да им се исплаќаат баснословни пенали при прекинување на нарачките на компоненти – повеќе не може да се вратат, затоа што политиката изгради силна брана за дизелот.

Фабриките поврзани со дизелот мора да се затвораат. Место во дизел, мора да се вложува уште помасовно во новата погонска техника, во електричниот погон. Под овој „експертски мантил“, германските производители веројатно го направија последниот обид за саботирање на електромобилноста.

На македонските власти им одговара дезориентираната јавна дебата околу изворот на екстремната аерозагаденост; Наплата на акциза за полнење на буџетот, алиби за масивни трошења во име на заштита од опасните материи во воздухот, политички мир

Каде е тука Македонија? Како што нашата редакција има објавувано многупати, причината зошто по сите овие години „опасно дишење“ уште не се посочува изворот на загадувањето е следниов: Старите автомобили и воопшто сите категории возила со мотор со внатрешно согорување, мора да продолжат да возат и да трошат гориво. Повеќе од половина од цената на горивото оди на име на акциза, покрај ДДВ. Тоа значи дека од секој согорен литар гориво, повеќе од половина литар се „уплатува“ на име на буџет. Тоа понатаму се расчленува на државна администрација, на крупни инвестиции и проекти, на купување пречистувачи за воздух во училиштата и болниците, за бесплатно делење маски, за плати за квази експерти, за купување стотици мерни станици од 150.000 евра …

загадување профит коментар

На државата ѝ одговараат сите контроверзи, дилетантски искази, банални изјави и дубиозни процени, коишто го одвлекуваат вниманието на јавноста од главниот извор на загадувањето, а тоа се: Старите автомобили со дизел мотор и половина милион километри, пресечени катализатори, непроверена емисија на штетни материи при технички преглед, на истите оние автомобили што Европа уште пред десет години почна да ги исфрлува, затоа што стана свесна дека масовноста во сообраќајот на тие возила им го уништува воздухот за дишење.

Дополнителен аспект во нашето секојдневие: Политичката сцена. Какви ли реперкусии би имало во јавноста, доколку властите, од кое било ниво, се решат (навистина) да воведат ограничување во сообраќајот или дополнително даночно оптоварување при регистрирање автомобили со лош квалитет на емисија, со намера да се прочисти воздухот? Или, барем, построг технички преглед, со вистинска проверка на издувните гасови?

Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув?

Коментар: Кој тоа профитира од загадениот воздух?

Каква ни беше автомобилската 2018 година: Препишано, неразбрано

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Македонија: Три од четири автомобили се постари од 10 години

Зошто користените автомобили станаа толку евтини?

Дизелите чмајат на германските плацеви, ни претстои ли нова инвазија загадувачи?

Увозот на користени автомобили пораснал за 36 проценти


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

179
48 shares, 179 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *