200
26 shares, 200 points

Во сообраќајот во општина Карпош веќе извесно време се спроведува идеја за подобрување на условите за движење на возилата, со таа разлика што идејата тука прераснува во ефективни и конкретно осмислени решенија, кои доведуваат до реален развој на сообраќајот. Во исто време, уште поголемо внимание се посветува на подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите, како и на заштита на жителите од влијанијата од сообраќајот, во емисијата на штетни материи и бучавата.

Позитивни реакции пристигаат од сите страни, по неодамнешното поставување на паметен лежечки полицаец пред основното училиште „Вера Циривири Трена“ во Карпош 2. Со градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, разговараме околу предизвикот во применувањето на напредни и иновативни решенија во сообраќајот во Општината и околу доследноста во натамошното воспоставување баланс меѓу сообраќајот и стандардите на  урбаното живеење, односно тоа што градоначалникот Богоев го води под „хуманизација на просторот.“

Сообраќајот на целата територија на градот подолго време е препуштен на спонтано одвивање, и покрај многуте промени кои посредно или непосредно влијаат врз него. Како општината Карпош ја препознава сменетата ситуација и што се презема и ќе се презема натаму, за сообраќајот и урбаното живеење воопшто, да се донесат во нормални рамки?

Стефан Богоев: Во изминативе години, можеме да признаеме дека Скопје беше погодено од непланска и агресивна урбанизација, а Карпош беше една од општините во кои, за жал, се изгуби автентичноста и уникатноста на одредени населби (на пример Тафталиџе 1). Следствено на ова, се јавија и голем број на проблеми, предизвици и во сообраќајот, но и во одржувањето на јавната хигиена и сл.

Овој период работевме на нови сообраќајни решенија за во повеќе населби, чија цел е токму да ја зголемат безбедноста и да го подобрат движењето за сите учесници во сообраќајот.

Новите сообраќајни решенија подразбираат еднонасочен сообраќај на голем број од сервисните улици (улици за кои Општината има надлежност), се воведува ЗОНА 30 (максимално дозволена брзина на возење до 30 километри на час), а сериозно се подобрува и сообраќајната сигнализација пред градинките и училиштата, со нови „лежечки полицајци“. Вакви нови сообраќајни решенија имаме во Карпош 4, како и во Тафталиџе 1 (на ул. „Прашка“), а се подготвува и за потегот околу „Млечен“.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Што Ве убеди најмногу да примените решение што и во светски рамки важи како иновативно и единствено, со првото поставување на паметен лежечки полицаец во редовна употреба, во рамките на Градот и пошироко?

Стефан Богоев: Како најмлад градоначалник во нашата држава, ми прилега и во работата да користиме поиновативни решенија. Токму таков е и случајот со „интелигентниот лежечки полицаец“ пред основното училиште „Вера Циривири Трена“, во Карпош 2. Сакам ова да биде позитивен пример кој ќе може да се примени и пред другите училишта, не само во Карпош, туку и во другите општини. Со надминување на дозволената брзина од 30 километри на час, овој „лежечки полицаец“ се активира и испраќа сигнал до возачот да ја намали брзината на движење.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Воведување каков било начин за соодветна регулација на сообраќајот обично предизвикува негодувања кај возачите или жителите во непосредна близина. Какви реакции предизвика паметниот лежечки полицаец, како возачите и жителите го оценуваат и доживуваат Смартбампс?

Стефан Богоев: Кога станува збор за првичните реакции околу „интелигентниот лежечки полицаец“, барем до овој момент, реакциите од граѓаните се позитивни и го поздравуваат истиот. Добив голем број на пораки, коментари на Facebook и Twitter кои и мене и Општината не’ мотивираат, но, притоа се и обврска повеќе да продолжиме во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Сепак, би сакал да истакнам дека при новите сообраќајни решенија за Карпош 4, Тафталиџе 1, имавме и голем број на поплаки од граѓаните. Кога воведувате нешто ново, на почетокот секогаш постои мала доза на скепса, затоа што се менуваат претходните навики кај луѓето, рутината, но, потоа, сите сфаќаат дека промената е за општо добро, затоа треба да бидеме толерантни кон новите решенија без разлика дали тоа значи да направиме круг повеќе за да стигнеме до нашето живеалиште.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Трошоците за изработка и поставување на паметните лежечки полицајци се повисоки во споредба со обичните, не земајќи ја предвид нивната ефикасност и „пријателското“ постапување кон возачите што не ја пречекоруваат брзината. Може ли Општината да си дозволи такви трошоци, особено при поставување Смартпбампс во поголем обем и, дали постојат други начини за финансирање на Смартбампс, на пример, компании што сакаат својот имиџ да го поврзат со безбедноста и со смалената емисија на штетни материи и бучава од поставувањето на паметните лежечки полицајци?

Стефан Богоев: Овој „интелигентен лежечки полицаец“ претставува донација токму од општествено одговорна компанија. Станува збор за фирмата „СТСС Смарт Трафик Сејфти Систем“.

Сите ја знаеме неповолната финансиска состојба на Општина Карпош. Наместо да бараме оправдувања, се решивме да стапиме во контакт со компании кои се подготвени да дадат конкретен придонес кон локалната заедница. Ние, во моментов работиме на проекти за поставување на „лежечки полицајци“ пред училиштата „Јан Амос Коменски“ (во Тафталиџе 1), „Димо Хаџи Димов“ (во Влае) и „Војдан Чернодрински“ (во Владо Тасевски – „Млечен). Овие ќе бидат обични „лежечки полицајци“, но ајде, ние, граѓаните, учесниците во сообраќајот, да бидеме поинтелигентни, попаметни и сами да имаме свест за почитување на сигнализација, а без притоа да постојат бариери.

Секако, ги повикувам сите општествено одговорни компании, кои сакаат да помогнат за зголемување на безбедноста во сообраќајот да ни пристапат, Општина Карпош е отворена за соработка и за спроведување на паметни решенија.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Честопати се спомнуваат правилници и регулативи, кои не дозволуваат спроведување на одредени интервенции и зафати во сообраќајот и околу него, иако сите страни ја препознаваат неопходноста од тоа. Кои се тие ограничувачки правила и, дали можеби е потребно да се интервенира во промени директно во регулативата, иако во најголемиот број случаи досега, тоа се користело како „алиби“ за неспроведување на одредени интервенции?

Стефан Богоев: Искрено и јас посакувам одредени процеси да се движат побрзо. Точно, и за поставување на одреден „лежечки полицаец“ треба да се помине одредена постапка, процедура, како и за одобрување на нов сообраќаен режим. Постојат согласности од СВР Скопје, Одделението за сообраќај при Град Скопје, сообраќајни инженери и други засегнати институции.

Постапката, административниот дел се потврда на релевантноста, оправданоста и исправноста на новото решение. Тие треба да постојат, но, сомнежот се јавува ако целата постапка предолго трае. Како млад градоначалник и јас и мојот тим инсистираме на квалитет, но и на брзина. Законскиот дел мора да биде испочитуван, но, тоа да биде во разумен рок, за да не се јават сомнежи кај целокупната јавност.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Колку е далеку времето или размислувањето, сообраќајниот концепт и осмислувањето на мобилноста на сите рамништа, да се гледа како аргумент за избор на одредена општина како место за живеење?

Стефан Богоев: Полека но сигурно, сметам дека луѓето се засегнати од сообраќајниот метеж, зголемената мобилност и бараат да имаат одреден комодитет. Живееме во динамично општество, каде што секој сака, час поскоро, да заврши со обврските и да заштеди време.

Лично сметам дека сообраќајната мобилност, организацијата во сообраќајот се меѓу клучните фактори за граѓаните да го одредат своето место на живеење. Сепак, мора да бидеме свесни и за сите придружни околности. Урбаниот дел носи поголема фреквенција на граѓани, на возила, работа на различни угостителски објекти, инстутуции, движење и слично. Можеби овие работи ќе влијаат на нашиот мир и релаксираност, но ќе бидеме поблиску до работното место, до училиштето/градинката во кое оди нашето дете…

Тешко е да се направи баланс, но, како градоначалник, заедно со секторите, се обидуваме да понудиме и еден нов тип на живеење, т.н. хуманизација на просторот.

Затоа Карпош станува општина со најголем број на маалски паркови и детски игралишта. Сакаме меѓу зградите да овозможиме зони за спорт и рекреација на најмладите, но и на сите граѓани, кои барем за момент ќе можат да се одморат од дневните обврски. Често пати, Карпош 4 го земам како добар пример. Меѓу речиси секоја зграда постои парк. Таму направивме и фитнес зона, ги обновивме детските игралишта, а од спротива, на Кејот на Вардар имаме нов парк за миленици. Тоа се содржини кои треба да овозможат спокој кај граѓаните и за момент да здивнат од „урбаниот хаос“ и брзото живеење.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Покрај Смартбампс, дали може да се очекува во иднина, на ниво на Општина Карпош да бидат применети и други напредни и трендовски решенија за мобилност од Европа, со цел да се намалат интензитетот на сообраќајот и емисијата на штетни материи?

Стефан Богоев: Апсолутно дека сме насочени да го стимулираме користењето на алтернативните превозни средства. За прв пат, во Карпош, во изминативе две години се доделија субвенции за велосипеди (при што 400 граѓани – карпошани добија субвенции). Во разговори сум со Одделението за енергетска ефикасност, за следната година да субвенционираме и купување на електрични тротинети.

Новите превозни средства овозможуваат намалување на аерозагадувањето, како еден од најгорливите проблеми во нашата средина, но и побрз и побезбеден проток на сообраќајот.

Тука може да ја искористиме и нашата мобилна апликација мЗаедница (достапна за iOS и Android) преку која би можело да се изнајми одредено превозно средство.

Мора да ја унапредуваме сообраќајната култура, да ги менуваме навиките, затоа што секој од нас носи одговорност за здрава и чиста животна средина.

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

200
26 shares, 200 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *