166
21 shares, 166 points

Компанијата SSC долго најавуваше дека ќе го понуди најбрзиот сериски автомобил во светот. Првиот од стоте примероци во серијата штотуку е претставен, но техничките податоци и изгледот на каросеријата побудуваат сомнежи дали Tuatara навистина е способна да постави рекорд.

Автомобилската сцена првпат дозна за намерата на американската компанија SSC да го произведе најбрзиот автомобил во светот уште во 2011 година. Почетокот на сериското производство се оддолжуваше премногу. На еден салон на автомобили во Филаделфија, Американците конечно го претставија првиот автомобил од серијата од вкупно 100 примероци.

Исто како досегашните прототипи, серискиот автомобил има долга и ниска каросерија. Меѓутоа се смени податокот за моќноста од 1.774 КС при користење гориво E85, наспроти податокот што се наведуваше за верзијата на автомобилот во 2018 година.

Доколку се користи обичен бензин место етанол, моќноста повеќе не изнесува 1774 КС, туку „само“ 1.369 КС

Доколку во резервоарот се наточи бензин со 91 октани, моторот V8 од 5,9 литри постигнува моќност од 1.369 КС и максимален вртежен момент од 1.107 њутнметри. Оваа моќност се пренесува само на задната оска преку роботизиран менувач со седум степени. Уште недостига доказот дека е постигната рекордна брзина. Според ветувањата, SSC Tuatara треба да надмине 300 милји на час, односно 480 километри на час.

Освен моќноста на моторот, за способноста на возилото да постигне брзина блиску до 500 km/h придонесува и тежината од 1.250 килограми, како и аеродинамичноста, со коефициент на отпор на воздух 0,279. За стабилност при висока брзина се грижи активен заден спојлер. Други впечатливи детали се вратите што се отвораат нагоре и на многу места видливата карбонска конструкција на каросеријата.

Многу карбон се забележува и во кабината, кадешто се наоѓаат две школкести седишта и голем дисплеј за инфо-забавниот систем. Погонската спрега се наоѓа под голем заден капак. Цената уште не е прецизирана, но начелно таа ќе се движи во седумцифреното подрачје. Уште во 2013 година се спомнуваше цена од 1,2 милион долари за хиперавтомобилот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

166
21 shares, 166 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *