за

Ssangyong Tivoli ќе има премиера на салонот во Женева

Tivoli е добдедојден новитет во сегментот што бележи огромен раст во продажбата

Корејскиот специјалист за теренци влегува во острата конкурентска битка во сегментот на Opel Mokka & Co. Компактниот Tivoli е прв модел по спојувањето со индиската Mahindra.

Спортските теренци базирани на платформа од модел од класата на Polo бележат огромен раст во продажбата и соодветно на тоа се зголемува и бројот на модели што влегуваат во битка за купувачите. По најавата за влез во класата со неколкуте студиски автомобили, корејскиот специјалист за теренски возила го претстави серискиот модел Tivoli, којшто од јануари се продава на корејскиот пазар. Моделот го носи името на италијанскиот град Тиволи, во близина на Рим, којшто во светот е познат по стилската архитектура. Tivoli е прв модел по спојувањето на SsangYong и Mahidra, и резултат е на 42-месечен развој и инвестиција од 275 милиони евра.

Со должина од 4,2 метри и впечатливи линии по страниците, SsangYong Tivoli цели на помладите купувачи на коишто ова ќе им биде првиот спортски теренец
Со должина од 4,2 метри и впечатливи линии по страниците, SsangYong Tivoli цели на помладите купувачи на коишто ова ќе им биде првиот спортски теренец

Новиот модел ги следи линиите на поголемиот Korando, со когошто на Корејците за првпат им успеа да понудат дизајн што е близок до европскиот вкус. Внатрешноста исто така ја следи вообичаената шема, со табла со инструменти на којашто возачот може да избира меѓу шест бои на осветлување. Во согласност со ориентацијата кон помладите купувачи, ентериерот исто така се одликува со богат колорит. Стандардната големина на багажникот изнесува 432 литри.

Ентериерот може да биде во црна, беж или црвена боја
Ентериерот може да биде во црна, беж или црвена боја

Изборот на погонски единици го сочинуваат 1,6-литарски бензинец и дизел со истата зафатнина. Новиот бензинец со ознака e-XGi160 постигнува моќност од 126 КС. Моторот може да се комбинира и со шестстепен автоматски менувач од Aisin. Електричното сервоуправување нуди три степени на поддршка, односно нормална, комфорна и спортска програма, за полесно вртење при паркирање или подиректно чувство при брзо возење.

Можност да се остави личен печат во изгледот со црн покрив и црни детали во ккаросеријата
Можност да се остави личен печат во изгледот со црн покрив и црни детали во ккаросеријата

Подвозјето е изведено со мекферсон водење на предните тркала и торзиска задна оска. Според Ssangyong, 40 проценти од каросеријата се изработени од челик со висока цврстина, со когошто се постигнува висока отпорност на торзија и цврста структура на каросеријата при судир. Безбедносниот пакет го сочинуваат седум воздушни перници, вклучувајќи перници за колената на возачот, контрола на стабилноста, диодни дневни светла и контрола на притисокот во гумите.

Корејскиот производител посвети внимание и на можноста за поврзување со паметни телефони и стриминг на видео или музика, како и со голем дисплеј од 7 инчи, на когошто се прикажува и сликата од задната камера. Повисоките нивоа на опрема поседуваат двозонска автоматска клима со мемориска функција и три степени на интензитет, пристап без клуч и паркинг сензори напред и назад.
Цената на подобро опремените верзии на Tivoli на европскиот пазар би требало да изнесува под 20.000 евра, а комерцијализацијата би следувала кон крајот на вториот квартал од годинава.

Технички податоци
SsangYong Tivoli

Димензии 4,195 х 1,795 х 1,590 m
Меѓуоскино растојание 2,600 m
Мотор e-XGi160, бензински, 1.597 ccm
Моќност 126 КС при 6.000/min
Вртежен момент 157 Nm при 4.600/min
Менувач Мануелен, 6-степен
Сопирачки Напред вентилирани дискови, назад дискови
Суспензија Напред мекферсон, назад торзиска оска
Гуми 205/60R16
Тежина 1.270 kg
Резервоар 47 литри
Багажник 423 литри
Потрошувачка (просек/пат/град) 8,1/7,2/8,8 l/100 km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Microsoft со два нови модела на Lumia

Детроит 2015: Испечати ми еден автомобил, молам!