136
18 shares, 136 points

Скинати запчести ремени, пукнати црева и расклатени издувни цевки, порано беа најчестите дефекти кај автомобилите. Денешните автомобили ги немаат тие проблеми. Искуствата на клубот АДАК се покажуваат од голема корист при барањето на одговорот, дали порано автомобилите навистина беа подобри?

Фразата за „добрите стари времиња“ се слуша често. Тоа можеби важи за некои други работи, но не и за автомобилите. Во последните дваесетина години беше постигнат голем напредок во техниката. За тоа сведочи една статистика што ја објави клубот АДАК, најголемото здружение на возачи во Европа. Статистиката го споредува бројот на дефекти што сервисерите на клубот ги регистрирале пред дваесетина години и денес, во различни категории на дефекти. Се покажува дека во пет од категориите, бројот на дефекти се смалил значително во споредба со 1998 година.

Кинењето на запчестиот ремен е меѓу најскапите дефекти што може да му се случат на моторот – односно на сопственикот на автомобилот. Клубот АДАК во 1998 година регистрирал 60.000 случаи со овој дефект, дваесет години подоцна, бројот на овие дефекти изнесувал близу 10.000, односно шестпати помалку. Една од причините е тоа што материјалите се подобрија значително во последните две децении. Покрај тоа, денешните мотори често користат синџир место ремен. Тој исто така може да предизвика цела низа проблеми, но не може да се скине одненадеж.

Денес и малечките автомобили често поседуваат издувен лонец од нерѓосувачки челик

Издувниот систем порано кородираше буквално по првото возење по дожд. Издувните цевки кородираа, придушувачките лонци брзо се продупчуваа. Денес овие компоненти се изработуваат од неорѓосувачки челик дури и кај повеќето модели од класата на градските и мини автомобилите. Точно е дека тоа влијае врз цената на возилото, но не кородира и не мора да се заменува веќе по неколку години. Според последната статистика на клубот, сервисерите во 2018 година регистрирале 12.000 дефекти со издувниот систем. Пред повеќе од две децении, тие имале 30.000 интервенции.

Резервни кабли за палење во багажникот повеќе не се практика на искусните возачи

Кога денешните автомобили одбиваат да стартуваат, најчеста причина за тоа е испразнет или дотраен акумулатор. Кусо пред влегувањето во новиот милениум, сервисерите на АДАК го лоцирале проблемот на друго место. Техничарите тогаш интервенирале 20.000 пати поради дефект на каблите за палење. Денешните системи за палење, дури и не користат кабли. Проблемот се чини решен? Клубот пред две години сепак имал 8.000 случаи на интервенции заради овој проблем.

Алтернаторот е причината поради којашто акумулаторот повеќе нема енергија

Уште една честа причина за утринската непослушност на автомобилите биле проблемите со алтернаторот. Доколку тој не функционира правилно, акумулаторот не се полни доволно при возењето и поради тоа не може да испорача енергија при палењето. Во 1998 година, алтернаторот бил причина за дефект во 120.000 случаи. Иако техниката и материјалите напредуваа значително, бројот на дефекти уште е релативно висок. Пред две години, службата за помош на пат на АДАК имала 60.000 интервенции на ова поле. Но, за тоа не е виновна само техниката. Денес е значително зголемен бројот на потрошувачи, а сето тоа само ја става електриката пред уште поголеми предизвици.

Течењето од цревата од системот за ладење веќе не е толку чест проблем

Времето на летните одмори и застоите поради метеж на патот, на службите за помош на пат порано им носеше екстра работа. Системот за ладење попушташе поради прегревањето на моторот. Пред две децении, АДАК регистрирал 40.000 интервенции поради овој проблем, додека според последната статистика, бројот се смалил на 16.000 случаи. Заслугата за тоа е во подобрите материјали и во подобреното ладење.

Секако дека и денешните автомобили не се отпорни на дефекти. Големиот број потрошувачи често води до преоптоварување и хаварија на целата електрика. Покрај тоа, расте и бројот на проблеми во турбонатполнењето и во рециркулацијата на издувните гасови. Но, причината за тоа не се пропустите во техниката, туку фактот што овие два системи се вградуваат во многу поголем број возила, отколку пред две децении.

Извештај на ТУВ: Ова се најрасипливите и најиздржливите автомобили


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

136
18 shares, 136 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *