за

Споредбен тест меѓу Audi A6, BMW серија 5 и Volvo S90 на АУТО БИЛД

Споредбен тест меѓу Audi A6, BMW серија 5 и Volvo S90 на АУТО БИЛД

Мајсторите на споредбените тестови од АУТО БИЛД направија едно од најважните соочувања годинава. Новиот Audi A6 настапува против серијата 5 на BMW и Volvo S90. Сите модели на тестот имаат моќни дизели и тешка опрема, но постојат големи разлики меѓу нив. Главното прашање е сепак, кој победува?

Споредбениот тест меѓу Audi A6, серијата 5 на BMW и Volvo S90 на АУТО БИЛД го објавуваме во неговата целосна форма. Сите податоци, цени и забелешки се однесуваат на германскиот пазар

Ова се тешки времиња за Audi. Шефот е во затвор, дизел-скандалот никако да заврши, а како врв на сé, сестринската марка Porsche приложи дебела сметка за 22.000 примероци од Cayenne, коишто мораше да бидат повикани во сервис. Причината за сервисниот повик беа моторите на Audi. Новиот А6 се појавува како зрак светлина. Може ли тој повторно да го одредува тонот во вишата класа? Тоа нема да му биде лесно, затоа што го пречекуваат исклучително талентирани конкуренти, во форма на серијата 5 на BMW и Volvo S90.

Новиот A6 одушевува во поглед на дизајнот

Audi мошне убаво го среди дизајнот на новиот A6. Со маска извлечена надолу, со широки крила – слично како кај првиот quattro – и со маркантен опаш. Единствено дизајнерите можат да дадат објаснување за лажните маски што се таму. BMW гордо си ги носи двете пристојни издувни цевки. BMW 530d изгледа речиси нежно во директна споредба со корпулентниот и надуен A6, иако надворешните димензии одвај им се разликуваат.

А, Volvo? Тој не мора да се крие меѓу двата германски автомобила, напротив. Тој едноставно изгледа одушевувачки, издолжен и со низок покрив како кај купе. Но, тоа значи дека има и нешто помалку простор за глава отколку во A6 и 530d. Мерните вредности докажуваат дека Швеѓанецот е скроен малку потесно, што речиси и не се чувствува во секојдневието. Сите три автомобили се просторни и комотни.

Два различни концепти на ракување одземаат премногу внимание

Кокпитот на A6 целиот сјае и светка, што не е чудо покрај трите огромни дисплеи: 12,3 инчи за дигиталните инструменти (серискиот има седум инчи), 10,1 инчи за навигација и мултимедија (серија 8,8 инчи). За двата дисплеи, во пакет со навигација, треба да се доплати 2.200 евра. Постои и трет дисплеј, со големина од 8,6 инчи, кој главно служи за климата, а по потреба и како пишувачки пулт за навигацијата.

Audi A6 enterier

Дисплеите имаат фина графика и нудат пријатна повратна информација. Кога ќе се притисне врз дисплејот на допир, се чувствува мала вибрација. Но, поради многубројните функции и менија, ракувањето не е наједноставно. Истото се однесува и на исправениот дисплеј на допир од 9 инчи во Volvo. Тој е поставен средишно и исто така располага со изобилство од функции и по малку испомешани менија. Накусо: Ракувањето се учи лесно, но и натаму го одвлекува вниманието.

Volvo S90 enterier

BMW, како и секогаш, негува обичен стил, речиси со класичен распоред, со јасни инструменти, но и со систем iDrive, со когошто се ракува беспрекорно. BMW 530d има трилитарски шестцилиндарец со 265 КС под хаубата, во комбинација со осумстепен спортски автоматик (250 евра). Оваа комбинација тешко се победува. Финиот линиски шестцилиндарец врти нежно, гризе без двоумење и зуе со сонорен звук, а осумстепениот автоматик реагира совршено.

BMW serija 5 enterier

Серијата 5 одушевува со изненадувачката леснотија

Автомобилот на тест располага со управување на сите тркала (1.250 евра), со приспособлива амортизација (1.190 евра) и стои на бандажи од 18 инчи. Наспроти надворешниот впечаток за моќ и тежина, BMW се движи исклучително лесно и зачудувачки вешто за неговата големина. Кога на тоа ќе се надоврзе директното и чувствително управување, уживањето е загарантирано. Покрај тоа, BMW амортизира нежно и подолгите бранови ги прифаќа меко.

BMW serija 5 vozenje

Volvo најчесто доаѓа со дволитарски мотор, осумстепен автоматик и погон на сите тркала. Во најсилната изведба D5 располага со 235 КС. Четирицилиндарецот работи без вибрации и моќно – меѓутоа не може да се споредува со шестцилиндарците. Вртежите се качуваат потешко, звукот при повисоки вртежи е погруб, моторот едноставно мора да се напрега повеќе.

ауди а6 споредба бмв и волво-3

Тестираниот Volvo поседува пневматска амортизација на задната оска (1.970 евра), а покрај тоа и бандажи од 20 инчи. Во оваа конфигурација, тој вози ненападно, меѓутоа поради полесното управување кога ќе се спореди директно, не е толку управлив како A6 и 530d. Повеќе тежина паѓа врз предната оска. Амортизацијата нуди солиден основен комфор, меѓутоа релативно круто ги прима попречните жлебови и сличните нерамнини.

За Audi препорачуваме управување на сите тркала

Audi го опреми тестираниот A6 со сé што е добро и скапо: Управување на сите тркала (1.900 евра), пневматска амортизација (2.000 евра), спортски диференцијал на задната оска (1.500 евра), бандажи од 20 инчи (2.200 евра). Трилитарскиот V6 со 286 КС пука од сила, звучи поостро и погласно од линискиот шестцилиндарец на BMW, но не работи толку смирено. Покрај тоа, соработката со автоматикот не функционира безгрешно: Се чини дека трае половина вечност откако ќе се притисне педалот, додека моторот повлече вистински. Тоа е непријатно на семафор или кога возачот сака брзо да мине крстосница, а 40-тонски камион се приближува сé повеќе.

ауди а6 споредба бмв и волво-4

Пневматската амортизација во целина остава покрут впечаток во споредба со BMW, со неговите челични пружини. Покрај тоа, A6 реагира потврдо на погрубите нерамнини. Препорака заслужува управувањето на сите тркала, коешто реагира директно. Со него, A6 кој тежи над два тони, изненадува впечатокот за леснотија и управливост.

Со богатата опрема во тест возилото, Audi чини 75.680 евра. Тоа е многу, како што се покажува во споредбата: BMW бара релативно скромни 68.560 евра за 530d, додека за Volvo се потребни 64.820 евра за S 90 D5. Тешки времиња за Audi.

3-то место со 538 од 750 бодови: Volvo S90 D5 AWD.
Стилот и дизајнот одушевуваат. Моторот и подвозјето се пристојни и добри.

Volvo S90

2-ро место со 576 од 750 бодови: Audi A6 50 TDI quattro.
Просторен, уреден квалитетно, технички напреден.

Audi A6

1-во место со 595 од 750 бодови: BMW 530d.
Истрениран и со многу комфор. Комбинацијата од мотор и менувач е од врвна класа.

BMW serija 5

Заклучок на авторот Дирк Бранке

Изненадува колкава е предноста на BMW пред сосем новиот Audi. BMW 530d остава впечаток дека е подобро компониран до најсилниот детал, додека A6 некако се чини како да не е доразвиен до крај. Volvo е препорака за луѓето што сакаат сé да им биде по малку порелаксирано.

Peugeot 508 против Volkswagen Arteon на споредбен тест на Ауто Билд

Mitsubishi Eclipse Cross на тест во магазинот Ауто Билд

Alfa подобра од Audi на споредбен тест на Ауто Билд

Ауто Билд со споредбен тест на C4 Cactus, Civic, Megane и Leon

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sportage teenager sad

Kia Sportage најдобар избор на СУВ за тинејџерите во САД

audi e-tron pocetok proizvodstvo

Стартува производството на електричниот Audi e-tron