за ,

Топ 10 совети за добро да го продадете автомобилот

совети продадете автомобилот

Секаква грешка при продажбата на возилото значи губење пари и создавање непотребна нервоза. Како и обично, Automedia има неколку совети коишто ќе Ви помогнат да ги избегнете грешките при продажбата на автомобилот

Кога ќе се решите за продажба на автомобилот, првата и основна работа е да го изберете најдобриот начин на продажба. Најлесно и најбрзо е тоа да се заврши кај локален дилер со користени автомобили. Но, тоа е најмалку поволниот избор, затоа што понудата на дилерот ќе биде пониска. Тој сепак гледа да заработи, да си ја награди сопствената умешност за трговија.

Следна опција е шемата старо за ново. Предностите се во тоа што постапката завршува релативно лесно и брзо, како и во тоа што обично се работи за голема и сериозна компанија. Но, и во овој случај мора да се смета на пониска цена на откуп на возилото, отколку при самостојна продажба. Секако дека оваа опција важи во случај кога се купува нов автомобил. Нема да биде на одмет да се провери какви поволности нудат салоните со нови возила. На оваа врска можете да ја погледнете понудата конкретно на Аутомакедонија.

совети за добро да го продадете автомобилот 7

Кога сопственикот сам ќе си го најде купувачот, се разбира дека и цената ќе биде повисока отколку при продажба на дилер со користени возила или во авто салон. Но, тоа не е толку едноставно. Претстои огласување, темелно чистење и отстранување на малите оштетувања, фотографирање, одвојување време за тест возење, многу трпение.

Ова се десетте совети коишто ќе Ви помогнат да постигнете задоволнителна цена при продажбата на возилото:

1. Создадете доверба

совети за добро да го продадете автомобилот 1

Повеќето луѓе стравуваат при купување користен автомобил од истата причина поради којашто имаат страв од летање. Бидете релаксирани и не поттикнувајте загриженост кај заинтересираните купувачи. Избегнувајте ги маркетиншките трикови од типот на цена од 5.999 евра или огласување со ГОЛЕМИ И ЗАДЕБЕЛЕНИ БУКВИ! Сигурно не сакате кај купувачот да стекнете впечаток дека сте дилер со користени автомобили, кој само гледа да го надмудри купувачот. Најважното е да бидете искрени и да не усложнувате непотребно. Имајте предвид дека луѓето што го проценуваат Вашиот автомобил, исто толку темелно ве проценуваат и Вас.

2. Проверете дали огласот е напишан правилно и јасно

Важно е тоа што ќе се напише во огласот да биде без правописни грешки и да биде лесно разбирливо. Ако пишувањето не Ви е силна страна, побарајте помош од некој што тоа го умее подобро. Можеби тоа изгледа банално, но е мошне важно. Кога заинтересираниот купувач ќе ги воочи грешките или нејаснотиите, тој веднаш почнува да се сомнева во понудата.

совети за добро да го продадете автомобилот 2

Еден портал за запознавање спроведе истражување коешто покажа дека 40% од луѓето ги рангираат потенцијалните партнери според тоа колку е јасно и точно нивното изразување. Според едно друго истражување, овојпат спроведено од онлајн-продавница, шест од секои десетмина посетители нема да купат производ доколку воочат правописни грешки и пропусти во текстот на понудите.

3. Проверете ја состојбата на возилото

совети за добро да го продадете автомобилот 3

Пред да огласувате, однесете го возилото на проверка во сервисна работилница. Тоа не е прескапо и обично чини нешто повеќе од 1.000 денари, но вреди да се направи. Потврдата за извршениот сервисен преглед остава добар впечаток кај можниот купувач, говори за состојбата на возилото, но и за чесноста и грижата на продавачот околу автомобилот.

Одличен продажен аргумент е кога на идниот сопственик ќе му кажете дека цела година не мора да посетува сервисна работилница. Затоа вреди да се размисли, редовното сервисирање да се изврши порано, ако до него преостануваат само неколку месеци. Секако дека купувачот треба да биде информиран ако останува кусо време до поголемите ставки во редовното одржување, како замена на синџир или запчест ремен. Но, тие информации сочувајте ги за подоцна.

совети за добро да го продадете автомобилот 6

Во огласот опишете ја состојбата на возилото едноставно и без долги реферати, но не ги премолчувајте видливите и значајни недостатоци. Тоа е голем пропуст уште во старт. Луѓето ценат кога однапред знаат за недостатоците, и полесно ги прифаќаат кога ќе го разгледуваат возилото.

4. Утврдете ја точната цена

совети за добро да го продадете автомобилот 12

Ценкањето може да биде интересно кога се купува од тезга, иако многумина не се возбудуваат премногу околу тоа. Сепак е факт дека ценкањето е неизбежно при продажбата на користен автомобил, па затоа треба да бидете подготвени. Споредете го своето возило со останатите возила на огласите на интернет и реално проценете ја вредноста. Огласете малку повисока цена, за да оставите простор за ценкање.

Но, поставете си го долниот праг, под когошто нема да одите. Никако не ја спуштајте цената уште при првата комуникација преку електронска пошта или телефонски разговор, затоа што купувачот ќе побара уште пониска цена кога ќе дојде да го разгледа возилото. Не преговарајте околу цената пред заинтересираниот купувач да заврши со темелната проверка на возилото. Дозволете попуст единствено ако купувачот наведе конкретен дефект или забелешка.

5. Миењето на автомобилот е недоволно

совети за добро да го продадете автомобилот 4

Кога некој ќе го разгледа Вашето возило, само неколку секунди се доволни за тој да знае дали ќе го купи возилото или ќе бара друго. Огласот привлекува најмногу внимание веднаш по објавувањето. Затоа е важен првиот впечаток. Измијте го автомобилот темелно, надвор и внатре, и никако не ги заборавајте бандажите, а уште помалку багажникот. Дајте им малку сјај и на гумите, тоа ја заокружува целата претстава.
Не претерувајте со средството за кокпит и со закачување мирисни борови. Премногу труд има спротивен ефект. Истото важи и за моторот. Доволно е да се исчисти само покривната пластика и неколуте делови што се на дофат на рака, во спротивно ќе изгледа како да сакате да прикриете протекување масло од моторот.

6. Фотографиите треба да ја прикажуваат реалната состојба

Секако дека возилото треба да биде измиено и исчистено пред да го фотографирате. За тоа можете да ја прочитате нашата објава со правилата за добро фотографирање на автомобилот при продажба. Избегнувајте да го правите тоа при лошо време, директно спроти сонце, на прометно место, на паркинг покрај други автомобили и слично. Изберете едноставна и чиста заднина и сликајте од сите агли (напред, назад, од обете страни, од сите четири агли). Најдобро е да сликате од висина на светлата.

совети за добро да го продадете автомобилот 14

совети за добро да го продадете автомобилот 13

Слики од целата арматурна табла и од инструментите (со вклучен контакт) не смее да недостигаат, исто како и слики од седиштата и задната клупа, багажникот, моторот. Доколку има кородирани места, траги од истрошеност или вдлабнувања на ламарината, задолжително сликајте го и тоа. Но, истото важи и за позитивните страни, на пример, нови гуми, ставки од опремата (автоматска клима, грејачи во седиштата).

7. Поправете ги малите оштетувања

совети за добро да го продадете автомобилот 5

Вклучени контролни светилки, прегорени светилки, сопирачки што чкриопат, сето тоа е знак дека сопственикот не се грижел околу возилото. Тоа создава впечаток кај заинтересираните купувачи дека автомобилот само што не почнал да откажува.
Пред да огласите, променете го моторното масло, проверете го нивото на сите течности и поправете ги дефектите што влијаат врз возната состојба. Доколку постои дефект што не сте успеале да го отстраните, добро е барем да се информирате за цената на поправката или на резервите делови, и тоа да му го соопштите на купувачот – но, дури откако тој ќе праша за тоа.

8. Отстранете ги сите Ваши траги од користењето на автомобилот

совети за добро да го продадете автомобилот 8

Пред да го покажете автомобилот, секако дека треба да ги отстраните сите лични предмети и траги, како налепници или украси што висат од ретровизорот – без разлика колку Вие мислите дека тие се смешни или се надоврзуваат на карактерот на Вашиот автомобил. Купувачот повеќе сака да замисли како би изгледал автомобилот кога тој ќе го среди по свој вкус, место да се чувствува како во автомобил што бил нечиј личен простор.
И најважното: Одвојте време за идниот сопственик да направи пробно возење. Тоа е суштински дел од купопродажната процедура.

9. Не ги премолчувајте недостатоците

совети за добро да го продадете автомобилот 11

Зборувајте отворено за историјата на автомобилот, за сите претходни поправки и сервисирања. Најдобро е кога Вашите тврдења можете да ги потврдите со фактури и евиденција во сервисната книшка. Во огласот наведете ја продажната цена, километражата, реалната техничка состојба, бројот на претходни сопственици. Во некои огласи може да се сретне и VIN-кодот, за заинтересираните купувачи да можат да се уверат во веродостојноста на понудата. Огласите во коишто недостигаат овие основни податоци, најчесто се прескокнуваат или се земаат со предрасуди. При разговорот со купувачот, соопштете му ги начините на плаќање што ги прифаќате (во готово, трансфер на конто итн.) – одбивајќи понуди за плаќање на рати или замена.

10. Изберете го вистинскиот тајминг

совети за добро да го продадете автомобилот 9

Според дилерските искуства, пазарот на користени автомобили нема сезона, како што беше случај порано. Тоа значи дека автомобилот може да се огласи дури и за време на летните одмори. Сепак, постојат некои правила. Моделите со погон на сите тркала, на пример, побрзо се продаваат во есен или рана зима, кога патиштата стануваат лизгави. Од друга страна, спортските автомобили и кабриолетите се бараат повеќе кога ќе се појават првите знаци на пролетта.

На оваа врска можете да го погледнете и комплетниот список на проверки на Automedia, кога сакате да проверите во каква состојба состојбата е користениот автомобил за когошто се интересирате.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

товарни велосипеди берлин

Берлин со субвенции за товарни велосипеди

bmw x3 kina

Европски автомобили поскапуваат во Кина поради трговскиот спор со САД