Автомобилските паради коишто се случуваат пред училиштата им пречат и на Германците. Надминувањето на проблемот не бара капитални инвестиции, потребно е само преиспитување на навиките
Близу 60.000 деца од преку две илјади училишни одделенија во Германија, од утре ќе доаѓаат на училиште и во градинка пеш, со тротинет или велосипед. Автомобилската нација ја започнува акцијата „Пеш до училиште и градинка“, којашто ќе се одвива во периодот од 17-ти до 28-ми септември. Под мотото „Оставете го родителското такси!“, акцијата упатува на напуштање на навиката, децата секаде да се возат со автомобил.
Според клубот на еколошки возачи (VCD), кој ја организира акцијата, „родителските такси возила пред училиштата и градинките предизвикуваат сообраќаен хаос.“ Самиот тој метеж всушност создава непрегледни и опасни ситуации за децата. Во клубот сметаат дека со намалување на бројот на родителски такси возила ќе се добие повеќе слободен простор и ќе се постигне повисока безбедност за сите деца. Воздухот што го дишат децата исто така ќе биде почист. „Децата, кои одат пеш, со тротинет или велосипед до училиште и градинка, рано учат да ја ценат климата“, додаваат од VCD.
Генијалноста на акцијата е во организирање „пешачки автобуси“ и во договарање „станици за одење пеш“
За децата да се навикнат да одат пеш до училиште или градинка преку забава и дружење, се организираат таканаречени „пешачки автобуси“. Притоа, повеќе деца од соседството се собираат на договорени „станици за одење пеш“ и заедно одат до училиште. Тоа е всушност и највредната идеја на оваа акција, којашто ава универзална применливост на идејата.
Клаудија Нојман, експертка за игра и движење во германската агенција за деца, советува дека „децата што одат пеш на училиште, учат да се движат безбедно во сообраќајот.“ Самодовербата на децата се зајакнува кога тие пешачат до училиште заедно со другите деца. Покрај тоа, децата што одат до училиште сами или со другари, учат да внимаваат на себе и на останатите. Госпоѓа Нојман посочува и на тоа дека пешачењето до училиште е добро за развојот на децата. На тој начин стекнатата сопсвена одговорност им помага на децата и во други ситуации.
При паралела со локалните навики, доволни се клучните точки. Ситуацијата на сите ни е позната премногу добро, за натамошно елаборирање:
· Метеж пред училиштата, како парада за самодокажување и негијагностицирана форма на егзибиционизам
· Тротоари кои уште пред децении се претворени во паркиралишта
· Возачка свест изградена според начелото „Возачи и минувачи“ (во смисла дека дека ‘минувачите’ се неважни)
· Возачки рефлекс, при опасност прво да се пуштат сите сирени на автомобилот, па да се сопира дури кога ќе биде предоцна
· Учење погрешни вредности
· Ниво на аерозагаденост, којашто на локално ниво честопати достигнува и катаклизмични вредности
Сообраќајот очигледно не е појава којашто може да биде препуштена да се одвива спонтано, особено во случаи на прекршување на урбанистички, инфраструктурни, сообраќајни, па и морални и етички норми. Акциите и иницијативите на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, кои во последно време стануваат се погласни, може само да добијат охрабрување да бидат уште подрастични и поконкретни.
Нико Розберг коментира во смисла на акцијата
Откако се роди ќерката Алаја осознав дека сите заедно мора да придонесеме, на децата да им оставиме свет што е добар за живеење и љубов. За тие да растат здраво и со вистинска перспектива за иднината. Дел од тоа е децата да се движат доволно.
Добра можност за тоа се акциските денови „Пеш до училиште и до градинка“. Сметам дека е одлична идеја откажувањето од родителското такси и заедно со детето, по пат до градинка или училиште да се запознава околината, а притоа да се зголеми и безбедноста во патниот сообраќај. Тоа не е можно на задната клупа во возилото. Се надевам дека во акциските денови ќе учествуваат голем број деца, родители, одгледувачи и учители.