за ,

Sono Sion: Електро-соларен автомобил по цена од 16.000 евра

Тоа што големите производители уште долги години нема да ни го понудат, пристига како проект од тим германски техничари со генијална замисла, кои ги обезбедија потребните пари преку групно финансирање. Од следната година нивниот Sono Sion ќе се подготвува за сериски старт. Шестотини лица го подржуваат проектот, цената е 16.000 евра. Има и соларни ќелии за полнење на батериите.

Најголемата предност на електричниот погон штотуку се разоткрива. По пример на Tesla, но на сосема спротивниот ценовен крај, минхенската фирма Sono Motors се подготвува за пазарен старт со нивниот електромобил Sion, чијашто цена изнесува 16.000 евра. Очигледно е дека електричниот погон им дава голема слобода на малите компании да ги реализираат своите идеи, во случајов подобро и од големите автомобилски производители. Sion ги полни батериите од сонцето.

Sono Motors Sion

Sono Motors ја искористи платформата за групно финансирање Indiegogo, обезбедувајќи 200.000 евра и со тоа надминувајќи ја целта за над 130 проценти. Досега се добиени 600 резервации за електричниот Sion. Со овие средства ќе се покријат трошоците за пробните возења и краш-тестовите, а првиот прототип за таа цел ќе биде изработен веќе во средината на следната година.

Повеќе производители на автомобили и добавувачи во меѓувреме покажаа интерес за компактниот автомобил со погон на струја, со досег до 250 километри и цена од 16.000 евра. Од средствата од претпродажбата на Sion ќе се обезбеди капиталот за во соработка со производителите на автомобили и добавувачите да стартува производството на моделот во 2018 година.

Sono Sion е електричен автомобил што сам ги полни батериите – на сонце!

Компактниот ван располага со батерии со капацитет од 30 киловатчасови, што овозможува возење на подолги релации. Најголемиот новитет е системот за самостојно полнење на батериите наречен viSono. По целата каросерија се поставени фотоволтаички колектори со површина од 7,5 метри квадратни, коишто во најдобар случај можат да ги наполнат батериите со доволно енергија за 30 километри дневно. Бесплатно.

На батериите во Sion може да се приклучат и електрични потрошувачи со моќност до 2 киловати, со што електромобилот се претвора во еден вид подвижен акумулатор. Сонцето во секој случај повторно ќе ги наполни батериите.

Sono Motors Sion

Ванот располага со три седишта напред и три седишта во вториот ред, како и со багажик со пристојна големина. Со можноста за вградување влечна кука, во Sono Motors очигледно мислеле и на примената на нивниот електромобил во професионалното подрачје. Ентериерот е изведен едноставно, главнината од функциите ги презема дисплеј од 10 инчи, којшто се поврзува со паметен телефон. Уште една иновација во Sion е природниот филтер за воздух breSono, што всушност е посебен вид на мов, кој не бара одржување и го пречистува воздухот преку електромагнетско полнење.

Подржувачите на проектот имаат можност за преднарачка на Sion за 100 евра. Во почетокот на следната година Sono Motors ќе обезбеди пробни возења, за подржувачите и потенцијални купувачи да се убедат во способностите на возилото и на крајот да потпишат обврзувачки договор за купување на возилото. Производството ќе се реализира во соработка со постоечките автомобилски компании и добавувачи, што значи дека Sono Motors воопшто не мораат да располага ниту со сопствен производствен погон.

[FAG id=26074]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini со мини-потрошувачка: Хибриден Countryman со 2,1 литри бензин на 100 km

Герет Бејл и Серџо Агуеро се новите амбасадори на Nissan