Секоја дискусија околу електричните автомобили не може да мине без спомнување на јавната мрежа од полначи за струја. Но, не мора. Фотоволтаички панели на покривот на гаражата или како настрешница произведуваат количина на струја што е повеќе од доволна за цела година.
Сцената на соларната техника претрпе драстични промени во последниве неколку години. Во оптимални услови, просечна семејна куќа може речиси целосно да се снабдува со електрична енергија со само 25 метри квадратни под фотоволтаички панели. Тоа е јасна потврда за напредокот на техниката. Во исто време се смалија и цените, барем на поголемите пазари во Европа, кадешто и побарувачката е повисока отколку кај нас – и платежната способност.
Големите автомобилски производители, меѓу нив првенствено Daimler и Nissan, веќе подолго време нудат стационарни уреди во коишто се акумулира електричната енергија што е произведена дење од колекторите, за истата да се користи навечер. Но, целата слика се комплетира кога во игра влегува електричниот автомобил.
Површина од 5 х 3 метри произведува доволно енергија за со електричниот автомобил да се извозат 17.500 километри годишно
Секако дека сите овие предности најлесно можат да ги користат семејствата што живеат во куќи со двор и со настрешница или гаража за автомобилот. Во тој случај, соларните колектори на покривот самите ќе произведуваат електрична енергија за полнење на батеријата на автомобилот. Според просечниот број сончеви часови за територијата на Германија, површина од 15 метри квадратни под фотоволтаички модули ќе произведува доволно струја во текот на една година за вкупно 17.500 километри да се извозат со просечен електричен автомобил. Доколку во системот се вклучи и брз, место обичен полнач, батеријата ќе се наполни за помалку од три часови.
Просечниот број сончеви часови во годината на територијата на Македонија изнесува 2.128 часови, додека за Германија, вредноста изнесува 1.563 часови. Со едноставна пресметка, излегува дека кај нас е доволна за една третина помала површина под колектори. Или аналогно на тоа, истата површина ќе произведува за една третина повеќе енергија.
Полутранспарентните соларни модули овозможуваат поголема флексибилност при поставувањето на самиот систем
Применливоста на соларните модули исто така е подобрена. Полупроѕирните соларни стаклени модули може да се постават како настрешница на тераса или во дворот. Тие ја обезбедуваат потребната сенка, поседуваат заштита од штетно зрачење. Овие модули поседуваат 80-процентна заштита од сонце, истовремено пропуштајќи 98 проценти од видливата светлина.
Холанѓани најавуваат електромобил со соларни ќелии
Електро-соларен Sono од старата фабрика на Saab