158
21 shares, 158 points

Електричниот погон продолжува да го освојува автомобилскиот свет, на возачите им се допаѓа секоја идеја што го продолжува досегот. Соларни панели на покрив, на пример, кои се незабележливи и дневно произведуваат енергија за десетина километри возење. Познати германски научници ќе претстават ново решение на салонот во Франкфурт.

Научниците на прочуениот институт Фраунхофер развија соларен панел што се поставува врз покривот на автомобилот и поседува соларни ќелии со висока ефикасност. Новитетот е во тоа што покривот може да се изведе во боја по желба, а тоа значи дека ќелиите не се забележуваат. Со номинална моќност од 210 W/m² покривот може во сончев ден да испорача енергија за електричниот автомобил да извози десетина километри. Гледано во рок од една година, соларниот покрив може да го зголеми досегот на возилото за десетина проценти. Институтот Фраунхофер ќе ја прикаже новата технологија на претстојниот салон во Франкфурт.

За да се постигне СО2-неутрално енергетско снабдување во сите сектори, мораме масивно да го промовираме поставувањето фотоволтаици, освен на куќните покриви и на слободните површини. Соларните модули во иднина ќе бидат интегрирани уште повеќе во нашата животна средина, на пример и во возилата
Др. Андреас Бет, директор на институтот Фраунхофер

Постои посебна техника во новите фотоволтаици. Монокристалните силициумски соларни ќелии се поставени едно врз друго и споени се со лепило што спроведува електрична енергија. На тој начин се избегнуваат неактивните површини, кои инаку се наоѓаат меѓу ќелиите. На тој начин, површината на модулот се искористува максимално за производство на струја, а воедно се постигнува и изденачен, убав изглед.

Ефикасноста се подобрува за дополнителни еден до два проценти и преку намалувањето на отпорот и избегнувањето на засенување од споевите меѓу ќелиите. Матрицата со соларните ќелии се ламинира со фолиски ламинатор меѓу стаклата на обичен, сферично заоблен панорамски покрив на автомобил.

Енергијата што ќе ја произведат ќелиите може да се користи и за клима уредот, за кабината да се разладува додека возилото е паркирано на сонце

Друга посебност е тоа што соларните ќелии се бојадисани и на тој начин се невидливи. Намалувањето на ефикасноста преку нанесувањето морфо-колор изнесува околу 7 проценти. Соларните ќелии испорачуваат енергија и за клима-уредот, за да се одржува пријатна температура во кабината додека возилото е паркирано или климата да се вклучи во претходно наместено време.

Ќелиите имаат моќност од околу 210 W/m² и за еден ден можат да произведат струја за 10 километри пат. За една година, покривот би можел да „покрие“ десетина проценти од вкупната годишна километража. Пресметката се однесува за електричен автомобил со потрошувачка од 17 kWh на сто километри и за годишна километража од 15.000 километри, при просечен број на сончеви денови во централна Германија.

Институтот Фраунхофер спроведе тестирање со неколку шпедитерски компании во 2016 и 2017 година. На шест камиони во САД и Европа беа поставени соларни модули, кои за една година произведоа меѓу 5.000 и 7.000 киловатчасови. Тоа одговара на 5.000 до 7.000 километри возење.

Со електричен автомобил најдобро одговара „соларна“ гаража


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *