за

Паметните лежечки полицајци Смартбампс остануваат најдобро решение

Смартбнампс паметни лежечки полицајци Кисела Вода

Паметни лежечки полицајци моментно регулираат на две локации во Скопје. Смартбампс веќе ја достигна третата прототипна фаза и се ближи моментот до одобрувањето на стартот на производство на овој единствен систем, кој е целосно конципиран и изработен во Македонија. Во меѓувреме се вршат преговори со инвеститори, за Смартбампс да им бидат достапни како готов производ на градските планери и функционери. Секако дека предностите на лежечкиот полицаец што „не постои“ кога се вози со дозволената брзина привлекуваат интерес и од странство.

Ако важи правилото дека лошата конкуренција е најдобра конкуренција, слично важи и дека лошо реализираната идеја е најдобро реализираната идеја – кога треба да се покажат предностите на добро осмислениот концепт.

Неколку години наназад се забележува како во поголемите македонски градови постојат обиди да се изнајдат решенија за регулирање на брзината на сообраќајот, кои во помала или поголема мера се разликуваат од класичните „лежечки полицајци“, со цел да се надминат нивните бројни недостатоци. Пример е улицата Козле, во делот кај автобуската постојка пред Макпетрол, каде што веројатно не постои случај двајца возачи да реагирале исто.

Регулирањето на брзината на сообраќајот е неопходност исто како што е неопходност вкрстувањето на сообраќајот од различни правци да се регулира со семафори

Тропање и тресење од подвозјето, паника, опасно влетување во спротивната лента, недоволно почетно притискање врз сопирачките, проверка во ретровизорите … Истото се случува покрај училиштето „Кочо Рацин“, во подножјето на Водно. Тоа е само еден од многубројните примери за несоодветни начини за ограничување на брзината на сообраќајот. Очигледно, тука е неопходно повеќе наука и искуство, отколку наивно пребарување на интернет и невешто копирање на туѓи примери, кои се однесуваат на конкретни услови.

Инженери, урбани планери и градски функционери ширум светот, со децении наназад се впуштени во потрага по решение, коешто ќе доведе до ефикасно намалување на брзината на возење, без притоа возачите да се чувствуваат „нападнати“ и со убедување дека возилото им се оштетува. А, решението веќе постои и се применува, и тоа што е најдобро, возачите кои ги почитуваат сообраќајните знаци, воопшто и не забележуваат дека на патот се наоѓа „лежечки полицаец“. И, изумот потекнува од Македонија!

Смартбампс е пуштен во редовна работа пред „економското“ во Кисела Вода; Возачите и локалните жители немаат забелешки за работата на овој единствен систем што е дело на наши инженери и експерти

Смартбампс или паметниот лежечки полицаец постигна значаен напредок, откако првите прототипи пред неколку години беа поставени во рамките на фабрички двор, а потоа и пробно на улица во скопската населба Лисиче. Лани следеше првото поставување на Смартбампс на улица со поголемо сообраќајно оптоварување, пред средното економско и правно училиште „Васил Антевски Дрен“, на улицата „Вера Јоциќ“ во Кисела Вода.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Набрзо потоа, паметен лежечки полицаец беше поставен и пред основното училиште „Вера Циривири Трена“ во Карпош. При секое наредно поставување на Смартбампс се користеше подобрена изведба, што е сосем вообичаено при развојот на вакви уреди, кои вклучуваат и хардвер и софтвер. Проблем што можеше да се открие само со практична примена, беше на пример, навлегувањето вода во цилиндрите во уредот.

Смартбампс 3.0: Системот се усовршува постојано, моментно се чека вградувањето на третата прототипна фаза

Тоа се типичните детски болести, кои техниката мора да ги мине. Секако дека тука влијае и искуството на тимот што стои зад Смартбампс, затоа што овие „детски болести“ мора прво да се дијагностицираат и да се надминат, пред уредот да се пушти во масовна продажба. Моментно е готов третиот усовршен прототип и чека вградување, коешто би следело или на сосем нова локација, или пак, како замена за некој од поставените уреди. Едно од подрачјата во коишто е постигнат напредокот е смалувањето на звукот при нагазувањето на Смартбампс, како и при неговото отворање.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Начинот на работа на Смартбампс е крајно едноставен, во што и се состои неговата најголема предност. Три сензорски ленти се поставени на неколку метри пред куќиштето на масивната метална ламела, којашто ја сочинува суштината на уредот. Овие сензорски ленти ја мерат брзината на возилото, односно ја мерат временската разлика од прегазувањето на едната до другата лента. Станува збор за милисекунди, тоа е брзината со којашто работи системот.

Системот работи „фер“, кога возачите не ја пречекоруваат дозволената брзина, возилата минуваат преку Смартбампс исто како преку добро впуштен капак на сервисна шахта

Кога „интелигенцијата“ на Смартбампс ќе препознае дека возилото се движи со повисока брзина од дозволената, тогаш се вклучува пневматиката, под чие што дејство се издигнува металната ламела. Кога тркалата ќе поминат преку ламелата се чувствува сличен интензитет како кај обичните лежечки полицајци.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа што прави Смартбампс да биде посебен и единствен уред за регулирање на брзината на сообраќајот е неговото „непостоење“, кога возачот ги почитува знаците за брзина и предупредување, кои му укажуваат дека наидува на уредот. Кога сензорите ќе измерат дека брзината е во дозволените рамки, не се случува активирање на пневматиката и подигнување на металната ламела. Возилото исто како да минува преку добро впуштен капак на сервисна шахта.

Корист има и животната средина: Заштеда од 5 грама гориво по возило и соодветно смалена емисија на штетни гасови и за жителите; Бидејќи нема постојоано запирање и забрзување, се смалува и околната бучава

Дополнителна предност за возачите, но и за животната средина, претставува фактот што возилото воопшто не мора да се подзапира пред Смартбампс, туку може да се продолжи со дозволеното темпо. Бидејќи отпаѓа запирањето, а со тоа и повторното забрзување, Смартбампс не предизвикува зголемување на потрошувачката на гориво. Се цени дека секое непотребно запирање и забрзување поради обичен лежечки полицаец „троши“ по 5 грама гориво. Заштедата на ова гориво значи и дека се смалува емисијата на штетни гасови во подрачјето директно околу.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека во време кога сообраќајот во градовите ни станува прегласен, како во домовите и канцелариите што се наоѓаат непоседно покрај улицата, така и за минувачите, подеднакво е добредојдено тоа што со исклучувањето на потребата од забавување и забрзување, соодветно се смалува и бучавата во околината.

Тренд е сообраќајот да се приспособува во поголема мерка според стандардите за зачувување на животната средина; Смартбампс ја има големата предност што е комплетно македонски изум и производ

Локалните жители, вработени и минувачи исто така се благонаклоно расположени кон Смартбампс, поради претходно наведените ефекти врз животната средина, но и поради самата цел на ограничувањето на брзината на сообраќајот, а тоа е безбедноста за сите. Автоманијата во повеќе земји во регионов, којашто до неодамна им даваше апсолутен приоритет и доминацијата на автомобилите над сé останато, веќе одамна го достигна прагот на подносливоста, така што во следните години ќе се случува повторно враќање на „човечките стандарди“ во сообраќајот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По поставувањето на третиот прототип, Смартбампс ќе биде чекор поблиску до почетокот на производството. Целта е паметниот лежечки полицаец понатаму да им биде достапен на градските функционери и планери, кои ќе го имаат вистинското решение за регулирање на брзината на сообраќајот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi S5 TDI

Audi S5 со трилитарски дизел и малку на струја

mitsubishi eclipse cross продажба автомобили европа

Volkswagen и Renault водечки, Dacia и Mitsubishi со најголем раст во Европа