270
849 shares, 270 points

Славче Таневски е името поради коешто новиот Mercedes CLA добива уште поголем публицитет меѓу македонската јавност. Така е впрочем по секое појавување на нов модел со сребрената ѕвезда, веќе извесно време. Сцената во меѓувреме научи да го препознава потписот на македонскиот дизајнер, секогаш кога Штутгарт ќе објави нов модел. Во интервју за Аутомедиа, нашиот автомобилски број 1 нé потсетува повторно дека дизајнот на автомобилите не е само „цртање“. Во интервјуто, Таневски ни дава привилегија подобро да го разбереме автомобилскиот дизајн.

Доколку беше веродостојна помислата дека сé што дизајнерите имаат да му кажат на светот, го кажуваат преку своите креации, тогаш правењето интервју со врвен дизајнер на автомобилската сцена ќе беше бесмислена идеја. Но, овие „режисери на автомобилскиот филм“ што секојдневно се одвива по улиците, секако дека и на човечкиот збор и мисла умеат да му природадат посебна и различна, уметничка нота. Нивната работа е толку апстрактна за луѓето кои дизајнот го доживуваат како конзументи, потрошувачи, а во исто време, резултатот од нивната работа е толку конкретен, што не може да биде поконкретен. Автомобилите се секаде околу нас. Некои автомобили, сепак, ги забележуваме повеќе.

Славче Таневски сигурно беше најспомнувано име во комуникациската размена по дружбените мрежи, во моментот кога автомобилската сцена го поздравуваше и прославуваше појавувањето на новиот Mercedes CLA. Македонскиот дизајнер во Mercedes-Benz Cars, во ова интервју ни овозможува сите подобро да го разбереме автомобилскиот дизајн, сите по малку да се чувствуваме како креатори. Со една мала, но особено важна напомена. Врвни креатори, во автомобилската компанија од којашто сé започна.

Аутомедиа: Каде се раѓа добриот дизајн? Од каде доаѓа креативната моќ на Славче Таневски, што е тоа во секојдневието што Ве инспирира и дали може да се случи тоа да биде некој објект што одеднаш го забележувате во поразлично светло на пат до работното место или можеби некоја нова средина, ситуација, емоциска експресија, музика, храна, театар?

Славче Таневски: Од сé по малку. Добриот дизајн се раѓа директно на моделот од глина. Цртежот е само визија која ја дава насоката. И кога сум тажен или изнервиран, и кога сум среќен, можам таа моја состојба да ја преточам во креативна енергија. Целото визуелно искуство што го имам собрано низ животот има влијание на тоа како се изразувам. Секако потсвесно може да се случи нешто конкретно да ве инспирира. Најважно е да можете да ја задржите таа детска наивна фантазија. Секогаш да сте два чекори пред другите, да можете така да ги заобиколите правилата, а сепак да бидете убедливи дека тоа е вистинскиот предлог и да го продадете дизајнот.

Автомобилизмот моментно минува низ една од најрадикалните трансформации. Електричниот погон е реалност, наскоро пристигаат и автономните возила, додека услугите за мобилност целосно ќе го сменат нашето секојдневие. Колку овие промени го менуваат автомобилскиот дизајн? Дали на Вашата цртачка табла веќе го имате дизајнот на Mercedes од иднината?

СТ: Секогаш работиме четири и повеќе години во иднината. Возилата коишто ги цртам моментално, планирани се за 2023 година. Големите концептуални промени во индустријата секако имаат влијание и на дизајнот. Моето прво концепт возило Concept EQA стилски ја најавува таа офанзива на електрични возила која доаѓа наскоро. На предниот дел имаме нова подреденост на елементите. Маската и светлата се слеани во еден елемент, во Black Panel. Површините се смирени, со многу скулптура, за автомобилот да изгледа тивко, seamless. На задниот дел исто така имаме намален број на формални елементи, со цел автомобилот да изгледа што поедноставно и по gadget-like.

Првиот сериски електро-автомобил (EQC) ќе биде пуштен во продажба во мај, а ќе следат и модели од различни сегменти во наредните години. Моментално се градат 6 нови фабрики на три континенти за производство на електро-возила.

 

Mercedes почитува врвни стандарди во сите аспекти, во конструирањето, производството, изработката, техниката, продажбата, маркетингот. Како Mercedes го манифестира тој премиум-карактер во подрачјето на дизајнот? Зошто дизајнот на неговите модели може лесно да се препознае и без знаците на марката?

СТ: Некогаш тие високи стандарди на квалитет и ни пречат во дизајнот, но работиме напорно, за секогаш да најдеме креативно решение буквално за секој квадратен центиметар на автомобилот. Тоа е и најголемиот предизвик при процесот. Хартијата трпи сé, може да нацртате каква сакате форма, но вистинскиот предизвик е уметничкото дело да го утилизирате, да му дадете функција и тогаш постанува дизајн. Со целата додатна вредност и инпутот на инженерите и специјалистите, добиваме премиум производ, кој е водечки во светот и секогаш е репер за конкуренцијата.

И покрај тоа што Mercedes е производител со најголема историја во автомобилскиот свет, доста експериментираме со нови креативни решенија. Сепак постојат неколку водилки, key-елементи, коишто го прават Мерцедесот Мерцедес.

Премиум карактерот го постигнуваме со тоа што правиме безвременски дизајн. Чисти форми со доста скулптура, тензија во нив, драматични пропорции и неочекувани графики. Не следиме трендови.

Колку денешниот дизајн одговара на замислата за иднината што светот ја имаше пред десет или дваесет години. И како Славче Таневски во тоа време ги замислуваше денешните автомобили, автомобилите што Вие ги создавате денес, непосредно пред преодот во третата декада од новиот милениум?

СТ: Тие што се сеќаваат на серијата Knight Rider со Хазелхов ќе се присетат на KITT, автомобилот што зборува. Денес на пазарот имаме А-Class, B-Class, CLA … кои зборуваат и извршуваат наредби од возачот. Тие што се пољубопитни може да побараат мои постари цртежи на интернет и ќе видат како сум ги замислувал автомобилите и каква визија сум имал. Летечки автомобили немаме сеуште.

Како изгледаше работниот налог за создавање на CLA, и како воопшто изгледа почетокот на создавањето на некој модел? Сигурно дека менаџментот не го формулира своето барање „нацртајте ми лимузина долга 4,53 метри, со големи светла…“

СТ: Налогот беше како и секој друг налог. Да се дизајнира наредната генерација на CLA. Беше планирано автомобилот да биде покус од C-Class, иста ширина како А-Class. Но доколку одите по правилата е досадно. На крај завршивме со автомобил подолг за 2 милиметри од C-Class и 40 милиметри поширок од А-Class. Понекогаш треба да бидете бунтовник и да се борите за тоа што сакате да го постигнете. Со мојата идеја и предлогот, CLA да се позиционира полу-класа над А-Class Sedan, и тој да биде суперавтомобил во компактниот сегмент, успеав да ги убедам инжинерите и менаџментот да се инвестира во нова оска напред, што секако оди во прилог и на динамиката на возење. Кога го презентирав моделот немаа аргументи за намалување на димензиите или слично.

На што посебно да посветиме внимание кога го гледаме CLA? Кога неговите форми, површини и пропорции би ги свеле на зборови, што ни кажува CLA? Што е тоа што прави средината да реагира кога ќе се појави на овој автомобил?

СТ: Прво што препознавате е предниот дел – лицето на возилото. Ние го нарекуваме Predator Face. Агресивно, но не вулгарно. Shark Nose ја „влече“ колата нанапред и оптички ја зголемува хаубата, каде што ги имаме и двете Power Domes од легендарниот 300 SL. Странично, силуетата е исклучително аеродинамична, спортска и елегантна во исто време. Имаме мускулеста скулптура без остри линии. Coke Bottle на рамењата (ако гледате од назад или од горе). Задниот дел, како контраст, е погеометриски, скоро фасетиран, што оди во прилог на аеродинамиката. Исто така ќе забележите дека првпат предните светла се складни со задните кај еден Mercedes. Имаме графики на светлата со триаголник на надворешниот агол што е карактеристичен само за CLA.

Кој е моментот од Вашето школување, лекцијата, искуството, што го помните и денес, што е тоа што Ви oстави најсилен впечаток во таа фаза? И, како вооошто изгледа школувањето, во едно подрачје коешто е од сферата на уметноста?

СТ: Секогаш ќе ја памтам работата на првиот проект Lamborghini Ankonian, кој ги исполни сите блогови за автомобили низ светот, се појави во светски списанија, а беше само студентски проект. Средбите со многу дизајнери и директори на дизајн. Случајната средба со Крис Бенгл, директорот на дизајн на BMW, при еден лет за Париз, после која ја добив првата работа во Mini.

Школувањето е испреплетено со индустријата. Се работеше многу на практични проекти, со директно менторство на специјалисти од дизајн студијата од Европа.

Многумина Ве ценат како национална ѕвезда, на дружбените мрежи моментно како да е разгорен натпреварот, кој ќе ја опише Вашата најнова креација со поголем пиетет и кој ќе ѝ придаде поголемо значење. Постојат ли такви моменти и ситуации во коишто сте се почувствувале како ѕвезда, на пример, луѓето да Ве препознаат и да Ви пријдат на аеродром, во кафуле, да Ви побараат автограм, да Ве побараат за пријател на дружбените мрежите?

СТ: Не сум јас ѕвезда, моите дизајни се. Ми се има случено да ме препознаат на улица или на аеродром, но највеќе на социјалните мрежи секако. Убаво ми е кога ќе добијам фидбек од публиката, а посебно кога ќе ми пристапи некој со иста пасија како мојата.

Што претставува работата во дизајнерското одделение на Mercedes? Дали тоа е привилегија или повеќе е товар, обврска, сигурно голема сатисфакција?

СТ: Сеуште работата ми е хоби. Напорно е, со многу одговорности и термини, но кога ќе го видите резултатот и кога ќе се потсетите дека тоа сеуште ви е работата од соништата, заборавате на стресот и уморот.

Кога дизајнот на еден автомобил се смета дека е завршен? Кога може да се каже дека работата е комплетирана, дека повеќе нема што да се дотерува, приспособува, кога може да се премине на следниот модел? Како воопшто изгледа еден работен ден на Славче Таневски? Под кој прекар Ви се обраќаат колегите?

СТ: Дизајнот е готов кога ќе дојде фазата „Design Freeze“. Имаме рокови коишто мора да ги почитуваме за да може да се запази процесот на производство во предвидениот рок и пласирањето на пазарот. Но, до тој степен има доволно време за разработка на дизајнот. Процесите се скратуваат и стануваат поефикасни. Обично работам на повеќе проекти паралелно. Не може проект да чека за сметка на друг. До мене е како ќе се изменаџирам да постигнам сé.

Работниот ден ми е исполнет со работа на моделот, состаноци со колеги од разни области, цртањето е можеби само 1 процент. Ме викаат по име, немам прекар. Во Македонија во училиште повеќе ми го грешеа името отколку во Германија.

Како човек што создава автомобили, веројатно е сосем поразлично чувството при посета на салон на Mercedes или пристапување на салонски штанд? На што помислувате кога ќе здогледате автомобил со сребрена ѕвезда на улица или паркинг, можеби токму CLA или GLC Coupe? Кога да го очекуваме следниот автомобил од Славче Таневски?

СТ: Убаво е чуството, сте дале нешто од себе на светот. Се потсетувате на анегдоти и доживувања при креирањето на тој модел. Со тек на времето научив дека целта како цел е добра, но и патот да стигнете до таму треба да ви биде за паметење, да ви биде убаво искуство, да научите нешто позитивно.

Наредниот автомобил го најавувам за март, во Женева. Се гледаме таму!

 

На Mercedes CLA му се посреќи во Лас Вегас

Овој Mercedes е сé освен автомобил од Б-класа

Премиера на моделот на Mercedes дизајниран од Славче Таневски

Mercedes-AMG GLC 43 Coupé ја извлекува целосната динамика од креацијата на македонскиот дизајнер


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

270
849 shares, 270 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

One Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *