за

Skoda Vision RS најавува возбудлива идна генерација на Spaceback

skoda vision rs paris-sneak-preview

Skoda Vision RS ја подготвува сцената за новата генерација на Rapid Spaceback, а воедно го најавува и стилот на идните модели RS. Има и плагин-хибриден погон

Чесите како да спакувале три автомобили во концептот Skoda Vision RS за салонот во Париз. Формата на комбилимузината прикажува добар дел од изгледот на идниот Spaceback. Во исто време, спортските акценти укажуваат на стилот што во иднина ќе го применуваат спортските варијанти RS. Погонот ја заокружува целината. Оваа комбилимизина од неполни 4,4 метри вози со плагин-хибриден погон.

Под хаубата работи познатиот 1,5-литарски бензинец со 150 КС. Батерија со капацитет од 13 kWh е вградена пред задната оска и го снабдува со енергија електромоторот со моќност од 102 КС. Системската моќност изнесува 245 КС. Крајната брзина е ограничена на 210 km/h, а забрзувањето од место до темпо сто трае 7,1 секунди. Помошта од електромоторот се чувствува и при меѓузабрзување: Од 80 до 120 km/h минуваат 8,9 секунди. Погонската спрега ја комплетира менувач DQ400e, познат од останатите плагин-хибриди од концернот Volkswagen. Батеријата може да испорачува енергија за 70 километри.

vision-rs-skoda-sneak-premiere-paris

Тоа што Skoda го најавува идниот Spaceback преку студија со плагин-хибриден погон и RS-значка укажува на намерата, идната генерација на моделот да се позиционира поубедливо во споредба со постоечката. Честа прв да го воведе плагин-хибридот во Skoda ќе му припадне на знаменосецот Superb, веќе в година.

Стилот на идните RS-модели може да се пронајде во изгледот на предната маска, којашто е осветлена заради шоу-ефект пред публиката во Париз и брои дури 15 ламели. Во светлата има по уште пет ламели, што значи дека стилот на маската практично преоѓа во светлата – или обратно. Skoda Vision RS импресионира и со масивната употреба на карбон. Рамката околу хексагоналната маска, предниот спојлер, праговите и уште многубројни делови се изработени од лесниот и скап материјал. Добар шоу-ефект постигнува и осветленото лого на Skoda од кристал.

vision-rs-skoda-paris-sneak-preview

Рефлектирачката лента по целата ширина останува препознатлив белег на RS, со таа разлика што тука станува збор за светлечка, место рефлектирачка лента. Издувната цевка не се забележува, за разлика од постоечките RS-модели на Skoda, кои уште не се откажуваат од овој „важен“ детал.

Бандажите имаат мошне самоуверен формат од 20 инчи, а дополнително имаат и карбонски елементи, по пример на Lamborghini Reventon. Иако се води како концепт, Skoda Vision RS е многу блиску до изгледот на серискиот модел, доколку се замисли дека на местото на ретровизорите, карбонските додатоци и бандажите се наоѓаат обични компоненти.

SKODA auf der Paris Motor Show 2018

Спортска атмосфера владее во кокпитот. Доминацијата на црната боја е разбиена со црвени детали. Повеќе „приказна“ има во еко-материјалите: Седиштата се изработени од рециклиран полиестер, со неколку делови од карбон, додека патосниците се од листови ананас – иако и тие изгледаат како да се од карбон. Тркачки детал се јамките изработени од црвен безбедносен ремен, како поздрав од GT-верзиите на Porsche. Како за концептен автомобил, не изненадува тоа што целиот кокпит е дигитален, вклучувајќи и втор дисплеј за ракување со климата, како поздрав од Audi.

Skoda ќе претстави десет модели со електрифицирана погонска спрега, што значи или „батериски“ автомобили или плагин-хибриди. Чешката марка е дел од Ionity, заедничка инвестиција на неколку автомобилски производители и компании блиски до електромобилноста, којашто има план до крајот на следната година да создаде мрежа од 400 станици со брзи полначи низ Европа.

Чесите се противат Skoda Superb да се пресели во Германија

И Папата се вози во Skoda

Skoda Fabia со нови светла и без дизел мотор во понуда

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra Ateca

Cupra ги отвори тефтерите: Старт од 42.850 евра

Peugeot 5008

Peugeot најпродавана марка на францускиот пазар во септември