за

Skoda Superb: Чешкиот Passat напролет со премиера во Женева

Новиот Superb прво ќе има домашна премиера во Прага, а потоа и пред светот на салонот во Женева

Новиот знаменосец на Skoda со техниката од Passat и свеж дизајн ќе биде претставен во Прага во средината на февруари, а потоа следи премиерата на салонот во Женева.

Во Skoda почна одбројувањето до стартот на продажбата на новиот Superb. До крајот на оваа недела, знаменосецот на чешката марка на Volkswagen ќе го заврши тестирањето во Шпанија. За новиот Superb, Skoda најавува нов дизајнерски говор, нови пропорции на каросеријата, поголема просторна понуда, современа техника, висока возна динамика и висок квалитет на завршна изработка.

До крајот на неделава ќе завршат тестирањата пред  подготовката за сериско производство
До крајот на неделава ќе завршат тестирањата пред подготовката за сериско производство

„Новата Skoda Superb е најдобрата Skoda на сите времиња. Следната генерација на нашиот знаменосец ќе привлече нови групи на клиенти во подрачјето на деловните и приватните клиенти. Квалитетите на Superb ги нагласуваат предизвиците за марката и укажуваат на иднината на Skoda“, изјави Винфрид Валанд, шеф на марката.

Проверка до најситен детал и до крајни оптоварувања на новиот Superb:  Дизајнерот Кабан, втор од лево, главниот инженер Велш, средина
Проверка до најситен детал и до крајни оптоварувања на новиот Superb: Дизајнерот Кабан, втор од лево, главниот инженер Велш, средина

Светската премиера на новиот Superb ќе се одржи во Прага во средината на февруари, а во почетокот на март следува и претставување на моделот на салонот во Женева. Испораките се очекуваат од средината на следната година. Чесите го имаат Superb во својата понуда уште од 2001 година. Оттогаш се произведоа преку 700.000 примероци од лимузината и комбито.

Должината на новиот Superb останува на 4,85 метри, но меѓуоскиното растојание се зголемува за осум сантиметри, на 2,84 метри. Оттука може да се очекува просторност како во лимузина од високата класа, особено имајќи ги во предвид просторните мери во актуелниот модел. Багажникот исто така расте, на 625 литри, односно 1.760 литри со соборена клупа. Пропорциите на каросеријата ќе бидат слични со студијата Vision C којашто беше прикажана пролетоска на салонот во Женева.

Изгледот на новиот Superb ќе се раководи според студијата Vision C од Женева
Изгледот на новиот Superb ќе се раководи според студијата Vision C од Женева
Под хаубата ќе работат дизел мотори со зафатнина од 1,6 и 2,0 литри и моќност од 120, 150 и 190 КС, односно четирицилиндарски бензинци со турбонатполнење и моќност меѓу 125 и 280 КС. Актуелниот модел почнува на нашиот пазар од 19.510 евра за моделската изведба со бензински мотор 1.4 TSI со 125 КС и основно ниво на опрема. Мал број конкурентски модели можат да понудат таква противвредност. Одговорите на прашањето дали новакот ќе ги задржи цените може да се бараат од примерот од Passat. Volkswagen го подигна моделот на ниво на премиум во секој поглед, единствено цените останаа непроменети. Нема причини истиот пример да не го следи и новиот Superb.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Apple и IBM со заеднички бизнис апликации за iOS

Volvo развива нов бензинец со три цилиндри