Во матичната фабрика на Skoda во Млада Болеслав повторно се произведуваат и високонапонски батерии за електрични автомобили, кои се вградуваат во Superb iV и во други модели со плагин-хибриден погон од целиот концерн Volkswagen.
Во историското седиште на Skoda во Млада Болеслав продолжува монтажата на високонапонски батерии кои се вградуваат во моделите со плагин-хибриден погон од повеќе марки и модели од целиот концерн Volkswagen, вклучувајќи го секако и Superb iV. Овој чекор е дел од планот за продолжување со производството, откако фабриките на чешката марка мируваа пет недели поради корона-кризата.
За гарантирање на здравјето на вработените, воведени се повеќе од 80 единечни мерки на работните места. Мерките важат во производствените хали, исто како и во канцелариските и сите заеднички простории во кругот на фабриката. Денес е четврти ден откако Чесите на 27-ми април ги вратија во погон своите три фабрики во земјата.
Батериските системи се монтираат на посебна производствена лента, се тестираат и се полнат пред вградувањето. Во овој оддел работат околу 200 лица. Планот е капацитетот да почне да се зголемува уште во текот на годинава. Во производството учествуваат и 13 роботи Kuka, со носивост меѓу 210 и 500 килограми, кои ги подигнуваат тешките батерии.
Млада Болеслав произведува батерии уште од септември лани. Тие се вградуваат во моделите со плагин-хибриден погон од марките Skoda, Seat, Audi и Volkswagen, кои ја користат платформата MQB. Од септември, во Чешка се произведува и Skoda Superb iV, со погонската техника од Passat GTE.