117
83 shares, 117 points

Во јануари пред шест децении, од фабриката на Skoda во Млада Болеслава излегоа првите автомобили со моделското име Octavia. По 30 години, името се врати, откако Volkswagen го презеде чешкиот производител.

Skoda Octavia го прославува својот 60-ти роденден. Во јануари 1959 година од фабриката во Млада Болескава излегоа првите примероци од легендарната моделска серија. Octavia е збор со латинско потекло и означува „осмо“. Тоа беше осмиот модел на марката по втората светска војна и воедно осми модел на Skoda со независно водење на тркалата, како еден од тогашните заштитни знаци на марката. Напредното подвозје најде примена во чешките автомобили уште во 1933 година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првите примероци од Octavia имаа каросерија со две врати и во почетокот се произведуваа заедно со моделите од претходните серии S 440 и S 445. Под хаубата работеше четирицилиндарец од 1,1 литар, со моќност од 40 КС, кој ја пренесуваше силата до задните тркала преку четиристепен менувач. Крајната брзина изнесуваше 110 km/h, а просечната потрошувачка 7,7 литри на сто километри. Постоеше и посилна изведба, Octavia Super, со 1,2-литарски мотор со 45 КС. Веднаш стартуваше и извозот.

Три победи по ред на Skoda Octavia TS на рели Монте Карло од 1961 до 1963

На салонот во Женева, на 10-ти март 1960 година, се одржа премиерата на спортската изведба Skoda Octavia Touring Sport (TS) со мотор со 50 КС. Овој автомобил послужи како основа за хомологација за рели. Octavia TS постигна хет-трик со трите победи во класата на стандарни возила на релито Монте Карло во 1961, 1962 и 1963 година.

Во септември истата година, Skoda првпат ја воведе и комби изведбата на Octavia, со дводелен заден капак, со хоризонтална поделба. При компактни димензии, возилото нудеше доволно простор за пет патници и простор за багаж долг 96,5 сантиметри. При соборување на задната клупа се ослободуваше простор со зафатнина до 1.050 литри.

Наследникот на Skoda Octavia е добро познат автомобил на нашите простори

Последната лимузина со две врати се произведе на 11-ти април 1964 година, кога пристигна наследникот, моделската серија Skoda 1000/1100 MB, мошне добро позната и во нашиот регион. Комби изведбата од Octavia продолжи да се произведува до декември 1971 година, во фабриката во Квасини. Во овој период се произведоа вкупно 360.000 примероци од Skoda Octavia, од кои повеќе од 54.000 примероци во комби изведба.

Кусо по преземањето на Skoda во концернот Volkswagen, во 1992 година започна развојот на новата моделска серија со легендарното име. Новата Skoda Octavia беше претставена на 4-ти април 1996 година. Сегашниот модел од третата генерација треба да добие наследник во текот на годинава. Вклучувајќи ја првата Octavia од 1959 година, под ова моделско име досега се продадени повеќе од 6,5 милиони примероци. Освен во Чешка, моделот се произведува и во Кина, Индија, Русија, Казахстан и Алжир.

Skoda Kamiq им се придружува на T-Cross и Arona

Skoda Scala стартува со продажба во Германија: Почеток од 17.350 евра

Кој вели Skoda е (само) чешка марка?

Тест: Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

117
83 shares, 117 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *