141
19 shares, 141 points

Наскоро започнува продажбата на четвртата генерација на Skoda Octavia на европскиот пазар. Прва пристига комби-изведбата, лумузината следи малку подоцна.

Со должина од 4,69 метри, бестселерот на чешката марка е подолг за два сантиметри и поширок за 1,5 сантиметар од претходникот. Најголемиот багажник во класата ја зголемува предноста за уште десет литри и сега нуди вкупно 600 литри, односно 640 литри кај комби-изведбата (+30 литри).

Сите функции на предните светла се изведени со диодна техника. Во преработениот стил во кабината се наоѓа нов волан со два краци, како и арматурна табла што е изведена во повеќе нивоа. Во средината, вообичаено доминира голем средишен дисплеј. За првпат во гамата се нудат седишта со печат од германските ортопеди, како и проекциски дисплеј или климатизација во три зони.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Skoda Octavia е прв модел на Чесите што користи технологија Shift-by-Wire за управување со работата на менувачот со двојна спојка. Таа по електронски пат го пренесува изборот на степенот за возење до менувачот. Место со класична и масивна рачка во средишната конзола, степените се бираат преку малечок преклопник, со копче за паркирање покрај него.

Моторите покриваат дијапазон на моќност од 110 КС до 245 КС, вклучувајќи три хибриди и верзија на метан

Понудата од мотори опфаќа девет различни погонски единици, од 1,0-литарски TSI со 110 КС, до дволитарски дизел во два степени на моќност и плагин-хибриден RS iV со системска моќност од 245 КС. Во понудата влегуваат и два благи хибриди и една верзија со погон на метан,

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системите за безбедност се збогатени со асистент за избегнување пречка и скршнување на крстосница, предупредување за велосипед или возило што наидува од назад, како и локално предупредување за опасност. Фамозниот пакет „Travel Assist“ нуди релативно високо ниво на автопилотирано возење, со помош при менување лента и следење лента, радарски темпомат, камера за знаци и асистент за застој на пат, како и приказ на возилото во 360 степени.

Лаура, дигиталната асистентка на Skoda

За Octavia стојат на располагање четири инфо-забавни системи, со дисплеј од 8,25 до десет инчи. Понапредните изведби се ракуваат преку гестикулација или говор, преку дигиталната асистентка што Skoda ја именуваше Лаура. Преку интегрирана СИМ-картичка, возилото секогаш е онлајн.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како шампиони во пронаоѓање нови практични решенија, низата идеи Simply Clever се збогатува со инка за лесно полнење Адблу кај возилата со дизел мотор, односно со можност да се полни адитивот и со пиштол за точење за камиони. Нови се и двата џебови за телефон од задната страна на предните седишта, како и опционалниот пакет за спиење, за комбито.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основната моделска изведба на Skoda Octavia на германскиот пазар чини 21.590 евра, за комбито треба да се издвојат 700 евра повеќе. Очекуваме Порше Македонија наскоро да го објави датумот кога ќе стартува новата генерација на овој мошне популарен и ценет модел на нашиот пазар, исто како и цените, за кои е сосем извесно дека ќе бидат далеку попристапни од германските цени.

Целосната понуда од мотори во новата Skoda Octavia:

Бензинци

  • Skoda Octavia 1.0 TSI Evo, 110 КС, 6-степен мануелен менувач
  • Skoda Octavia 1.5 TSI Evo, 150 КС, 6-степен мануелен менувач
  • Skoda Octavia 2.0 TSI, 190 КС, 7-степен менувач со двојна спојка, погон 4х4

Дизели

  • Skoda Octavia 2.0 TDI, 116 КС, 6-степен мануелен менувач
  • Skoda Octavia 2.0 TDI, 116 КС, 7-степен менувач со двојна спојка
  • Skoda Octavia 2.0 TDI, 150 КС, 6-степен мануелен менувач
  • Skoda Octavia 2.0 TDI, 150 КС, 7-степен менувач со двојна спојка
  • Skoda Octavia 2.0 TDI, 150 КС, 7-степен менувач со двојна спојка, погон 4х4

Метан

  • Skoda Octavia 1.5 TSI G-Tec, 130 КС, 6-степен мануелен менувач
  • Skoda Octavia 1.5 TSI G-Tec, 130 КС, 7-степен менувач со двојна спојка

Благ хибрид

  • Skoda Octavia 1.0 TSI Evo E-Tec, 110 КС, 7-степен менувач со двојна спојка
  • Skoda Octavia 1.5 TSI Evo E-Tec, 150 КС, 7-степен менувач со двојна спојка

Плагин-хибрид

  • Skoda Octavia 1.4 TSI iV, 204 КС, 6-степен менувач со двојна спојка
New photo by Automedia MK / Google Photos

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

141
19 shares, 141 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *