за

Škoda Octavia отсега гледа со четири очи

Најпродаваниот модел на Škoda не смее да остане запоставен во еуфоријата од воведувањето на големиот Kodiaq и во конкуренциската чистка што Superb ја прави во средната класа возила. Чешката марка ја пушта Octavia да гледа со четири очи во новото моделско годиште.

Тоа што беше заштитен белег на многу генерации на Mercedes E-Class сега ќе продолжи да опстојува како најкарактеристичен детал во новото моделско годиште на Škoda Octavia. Бестселерот на Чесите ја гледа конкуренцијата со четири очи. Лимузинската и комби изведбата на Octavia од почетокот на следната година пристигаат со нов дизајн на предниот дел и опашот, неколку нови системи за асистенција и можности за поврзување со преносни уреди, како и дополнета опрема.

Skoda Octavia

Новите и поостри линии во дизајнот ја приближуваат Octavia до стилот на Kodiaq и Superb. За предните светла е достапна опција за диодна техника, што дополнително го нагласува „кристалниот“ изглед, со когошто чешките дизајнери сакаат да асоцираат на традиционалното занаетчиско мајсторство во работата со кристал.

Кај комбито може да се доплати за електрично ракување со задниот капак

Просторната понуда останува меѓу најголемите во класата, исто како и багажникот со зафатнина од 590 литри во комбилимузината и 610 литри во комбито, со тоа што кај Octavia Combi може да се доплати за електрично ракување со задниот капак.

Четири нови мултимедиски системи се нудат во Octavia, со дисплеј на допир од 9,2 инчи во „стаклен“ дизајн во најскапата верзија. Понудата од системи за асистенција е дополнета со помош при паркирање со приколка во рикверц, како и со систем за самостојно запирање при пешак на патот, предупредување за возило од попречен правец при излегување во рикверц и предупредување при возило во мртвите агли.

Skoda Octavia

Клучевите за возилото може да се програмираат за повеќе корисници и за различни дотерувања, а од практичните функции што се својствени за марката следуваат греење на воланот, преклопливи масички за задната клупа, држачи за шише со „помош“ за отворање и отстранлива светилка во багажникот кај комби изведбата.

Подвозје со динамична контрола и избор на спортски или комфорен режим

Понудата од мотори се состои од пет бензинци и четири дизели, со работна зафатнина меѓу еден и 2,0 литри и моќност од 84 до 184 КС. За повеќето мотори е достапна опција за менувач со двојна спојка, додека 1.8 TSI и 2.0 TDI може да се комбинираат и со погон на сите тркала. За подвозјето може да се доплати динамичната контрола DCC, со којашто се избираат неколку модуси на работа на управувањето и амортизацијата.

Испораките на освеженото моделско годиште на Škoda Octavia стартуваат од почетокот на следната година.

[FAG id=26134]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Каде завршуваат старите батерии од електричните автомобили?

Во новиот хибрид на Nissan моторот е само за помош