144
19 shares, 144 points

Берхнард Мајер, извршниот директор на Skoda, во виртуелно интервју зборува за тековните предизвици и за последиците од пандемијата од вирусот корона, но и за иднината.

Господин Мајер, правиме виртуелно интервју. Како е канцелариската работа да се врши од дома?

Изненадувачки добро. Виртуелно ги одржуваме состаноците на одборот, речиси сите останати состаноци исто така се онлајн, а секако дека користиме е-пошта и телефони. Сепак, со големо нетрпение чекам да се видам со луѓето лице во лице, тоа е незаменливо. Тоа им недостига на многумина и сигурно ќе го ценат тоа повеќе кога ќе се вратиме.

Како реагиравте во Skoda во првите неколку денови во кризата од вирусот од корона?

Во вонредна состојба, како оваа, неопходно беше да се постапува брзо и истрајно. Итно составивме работен тим и кризен менаџмент, за заедно да ги разгледаме сите важни информации и да воведеме ефикасни процеси и структури. Здравјето на нашите вработени и на општеството во целина, беше и останува наш врвен приоритет. Соодветно на тоа, на 18-ти март, го запревме производството во трите чешки фабрики и се координиравме со добавувачите. Моментно сме посветени за дисциплинирано да го користиме времето додека фабриките мируваат и да организираме навремено, постепено рестартирање. Некои функции мораше да продолжат, како нашата електрана или снабдувањето со резервни делови. Во исто време, продолжуваме да работиме на бројни проекти, како што е развојот. Имаме среќа со тоа што многу работи може да се извршат и од дома.

Продукцијата првично требаше да рестартира на 6-ти април. Сега го одложивте прекинот до 20-ти април. Кои се причините за тоа?

Причината е продолжувањето на мерките за спречување на ширењето на пандемијата во земјата и тоа што дистрибутерската мрежа во Чешка и во голем број останати држави во ЕУ уште е затворена. Уште не е гарантирана функционалноста на нашите добавувачки синџири и снабдувањето со делови. Доколку сега започнеме со производство, ќе ни недостигаат важни делови, на пример од добавувачите во јужна Европа. Рестартирањето на производството мора да се испланира на ниво на цела Европа.

Да претпоставиме дека производството ќе стартува повторно на 20-ти април: Како ќе ги заштитите вработените? Мала е веројатноста дека вирусот корона ќе се победи дотогаш.

Моментно работиме на концептите на ‘Safe Production’ и ‘Safe Office’ со цел да обезбедиме најдобра заштита за сите наши вработени, особено за тие што работат на мала оддалеченост, на пример, во производството. За тоа ќе се користат маски за лице и средства за дезинфекција. Тоа веќе е случај со персоналот што е задолжен за итните и неопходните активности за време на прекинот.

Колку кризата од вирусот корона ја погодува Skoda?

Нашите светски пазари се погодени сериозно. Тоа значи дека моментно постигнуваме мошне мал промет, додека нашите фиксни трошоци остануваат непроменети. Тоа е огромен товар. Поради тоа, особено го ценам фактот што чешката влада обезбеди брза и небирократска поддршка за економијата во оваа сложена ситуација, на пример, преку пакет за помош, што е споредлив со помошта за скусено работно време во Германија. Но, оваа мерка не може да трае вечно. Во следните денови и недели, за општеството ќе биде клучно да го најде вистинскиот баланс, овозможувајќи најдобра заштита за граѓаните од вирусот и во исто време сигурност во економијата и работните места.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Може ли во моментов да се проценат финансиските последици од пандемијата од вирусот корона?

Не, прерано е за тоа. Од позитивно гледиште, работевме профитабилно и моментно имаме доволно ликвидност. Skoda постигна рекордни резултати во последните години и точно е дека секој автомобил што не ја напушта производствената линија, нé погодува. Со години произведувавме на врвот на нашите капацитети. Поради тоа, за жал, веројатно нема во целост да го надоместиме пропуштеното производство годинава. Тоа е уште една причина повеќе да продолжиме со надеж дека пандемијата на вирусот корона ќе биде запрена колку е мошно побрзо, за потоа да им испорачаме на клиентите што ги чекаат нашите возила. Со нашата комплетна понуда од модели со напредна технологија, ние сме во одлична позиција, откако повторно ќе се отворат продавниците, јавниот живот ќе се врати во нормала и економијата ќе закрепне. И покрај тешката ситуација, убеден сум дека нашата компанија ќе излезе посилна, не само поради фактот што во овие времиња се доближуваме уште повеќе како големо семејство на Skoda. Сега го покажуваме тоа што нé прави посебни: Солидарност, доверба и обѕирност. Сакам оваа можност да ја искористам за искажување на мојата искрена благодарност на сите „шкодијанци“, кои толку добро се соочуваат со оваа ситуација.

Дали верувате дека кризата може да се надмине без скусување на работните места?

Со нашата Стратегија 2025, ние пред десет години дефиниравме јасен план за напредок и тој се покажа ефикасен. Нашата намера е да продолжиме со тој план, откако ќе ја надминеме оваа тешка ситуација. Времето по вирусот корона ќе дојде. Нашиот главен приоритет е да ги задржиме сите „шкодијанци“ за тоа време.

Какви последици очекувате пандемијата од вирусот корона да остави врз глобалната економија?

Глобалната економија со глобално вмрежени трговски патишта веќе е погодена сериозно. Никој моментно не може точно да ги процени последиците; тие ќе бидат поголеми од кризите во последните децении. Колку подолго мируваат јавниот живот и економијата, толку е поголема опасноста дека ќе еродира генералниот просперитет што го создадовме во минатите години. Поради тоа, единствениот начин за заеднички да се надмине овој предизвик е координирана меѓународна акција. За да се надомести за штетата што ќе биде предизвикана, потребна е уште поголема солидарност отколку сега.

Што точно значи тоа?

Сега е уште поважно постоењето на паневропска кохезија, за на тој начин да се вратиме во форма по кризата. Ценам дека е правилно, на пример, да се зборува за евро-обврзници или за алтернативни мерки што долгорочно ќе ја зајакнат нашата Европска Унија. Во Skoda сме дел од глобално активна група што има корени во Германија и во Европа. Убеден сум дека силна, обединета Европа ќе биде незаменлива за нашата економија, на пример за слободната размена на стока, како и за нашето демократско општество.

Актуелната ситуација е мошне комплексна, непресметлива. Како можете да планирате нешто?

Работиме на различни сценарија, за да бидеме подготвени за сé. Врз основа на претходните примери на здравствени кризи, едното сценарио што го опишуваат експертите е „V-сценариото“. Таквиот развој уште би можел да се контролира. Според тоа сценарио, ќе се соочиме со огромна рецесија во кус период, но од неа ќе излеземе брзо и уште посилни. Моментно во Кина ги гледаме првите знаци за такво сценарио. Убеден сум дека ќе можеме да го изведеме истото и во Европа – со вистински заштитни мерки за луѓето, но пред сé, со вистински став. Дополнително, владите ќе мораат да обезбедат соодветен стимул во форма на програми за поддршка и заеми за времето потоа. Повеќе ЕУ држави моментно разговараат за такви мерки. Тоа е единствениот начин за V-сценариото да биде барем остварливо. Потребно е големо жртвување. Нациите што постапуваат единствено во сопствен интерес не помагаат да се постигне неопходниот баланс меѓу хуманоста, моралот и економијата, како основа на животот.

Компаниите, исто така, на различни начини обезбедуваат поддршка за општеството. Што презема Skoda?

Помагаме на различни начини. На пример, нашето одделение за технички развој произведува респиратори FFP3 за повеќе примени, во соработка со центарот за индустриско производство Ricaip и со институтот за информатика и роботика Ciirc. Исто така обезбедивме 150 електрични скутери преку платформата BeRider и повеќе од 200 возила Skoda за медицинска поддршка и за луѓето на кои итно им е потребна мобилност. Во Индија, исто така, кадешто имаме одговорност за целата Групација, нашите колеги во фабриката во Пун произведуваат заштитни маски и ги донираат на медицинарите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како кризата од вирусот корона влијае врз вашата стратегија за електромобилност?

Моментно постапуваме според два планови: До крајот на 2022 ќе имаме десет делумно или целосно електрични модели во понудата. До крајот на годинава, ќе го претставиме Enyaq iV, нашиот прв посебно развиен електричен модел.

Што лично научивте од кризата?

Можам да наведам две работи: На пример, работите никогаш не треба да ги потценуваме, а најмалку оние едноставни и најосновни работи во нашето секојдневие. Ова време ни дава нова смисла да го цениме тоа. Што се однесува до комуникацијата и дигитализацијата, забележувам дека веќе сме многу понапред отколку што ценевме пред кризата од вирусот корона. Можеме брзо да се приспособиме на новите форми на работа. Ние ќе продолжиме да ги користиме предностите на оваа ефикасност во дигиталната комуникација, откако ова ќе заврши. За крај, по кризата, може парадоксално да откриеме дека вирусот – иако тој моментно прави физички да се оддалечиме повеќе – всушност не прави поблиски. Поради тоа, и покрај актуелната неизвесност, можам да кажам само едно: Секоја криза, дури и оваа, претставува шанса за сите нас.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

144
19 shares, 144 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *