за

Skoda Kodiaq GT во чест на најголемиот пазар во светот

Skoda Kodiaq GT

Купе-теренецот Skoda Kodiaq GT ќе се продава само на кинескиот пазар, како локален топ-модел на чешката марка. Тоа ја зголемува неизвесноста: Кое и какво ќе биде европското СУВ-купе?

Кај Skoda месеците минуваат како денови. Пред само неколку денови, Skoda Kodiaq GT за јавноста постоеше само како скица. Денес, Чесите веќе го прикажуваат големото СУВ-купе во неговата конечна форма. GranTurismo изведбата на Kodiaq ќе биде нов топ-модел на Skoda во Кина – и само во Кина. Привилегија и ексклузивитет на најголемиот пазар во светот ќе биде да има четири СУВ-модели во понудата: Kamiq, Karoq, Kodiaq и Kodiaq GT.

Skoda Kodiaq GT 3

Официјалната премиера на чешкиот X4 ќе се случи на салонот во Гуанжу, од 16-ти до 25-ти октомври. Носот на првото СУВ-купе на Skoda го карактеризира широка хауба, црна рамка околу маската и хромирани двојни ребра во неа. Моќ даваат графиката на диодните светла и профилираниот браник со широки отвори за воздух.

Иако Skoda Kodiaq GT би требало да изгледа само како верзија на оригиналот со закосен опаш, резултатот е хармонична и згодна појава

Главниот „детал“ сепак е линијата на покривот, којашто почнува да се спушта веднаш зад предните врати. Арките во задните крила се нагласени дополително, исто како и страничните прагови, со додатоци во мат боја. Задните светла имаат сосем различен дизајн, со нагласок на формите на кристалите, коишто се користат како стилска инспирација во актуелниот дизајн на Skoda. Широката рефлекторска лента, заедно со црниот и масивен дифузор, го заокружува робусниот изглед на опашот. Како прв сериски модел на Skoda во Кина, името на марката е испишано со посебни букви на задниот капак. И новата Skoda Scala ќе го користи истиот детал.

Skoda Kodiaq GT 1

Виртуелниот кокпит следува како стандард за кинеските возачи. Како големи фанови на социјалните мрежи и мобилните апликации, тие добиваат и пристап на интернет преку WLAN, како и мобилни услуги преку MirrorLink, Apple CarPlay или Baidu Carlife.

Во понудата од мотори влегуваат две погонски единици: Дволитарски TSI со 186 КС, во варијанта со погон напред, и верзија на истиот мотор со 220 КС, којашто стандардно се испорачува во комбинација со погон на сите тркала и седумстепен менувач со двојна спојка. Од системите за асистенција се вградуваат помош при менување лента и радарски темпомат, со самостојно поаѓање и запирање во застој.

Skoda Kodiaq GT 4

Skoda се врати на кинескиот пазар во 2007 година, за три години подоцна, тој да стане најголем пазар за марката. Лани Чесите продадоа 325.000 возила во азиската земја, односно една четвртина од продукцијата. До 2022 година, Skoda вложува над две милијарди евра во проширување на понудата од СУВ-модели и во дополнувањето со алтернативни погонски варијанти.

Rapid станува Skoda Scala и вози самоуверено во класата на Golf

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

инструктор по возење пијан германија

Инструктор фатен пијан на часови за возење во Германија

Бил Гејтс фабрики батерии Европа

Бил Гејтс вложува 100 милиони евра во фабрики за батерии во Европа