за

Škoda Kodiaq стартува со продажба во Македонија

Од македонската премиера на Skoda Kodiaq во Порше Македонија

Во салонот на Škoda денес беше премиерно претставен моделот што почнува ново поглавје во чешката марка на Volkswagen, големиот теренец Kodiaq. Тој несомнено ќе привлече нов круг купувачи во Škoda, но подеднакво силно остава печат и врз имиџот на целата марка. Заедно со него пристига новото моделско годиште на Octavia, автомобилот што го одбележа почетокот на модерното поглавје на марката во средината од 1990-те години.

Порше Македонија денес ги претстави двата нови модела на Škoda, обата подеднакво значајни за имиџот и секако за продажбата на марката: Kodiaq како прв теренец од средната класа и освеженото моделско годиште на Octavia, автомобилот што во 1996 година го одбележа почетокот на модерното поглавје на Skoda по преоѓањето во Volkswagen.

Муцунски: „Планираме повеќе отколку што замислувате, а достигнуваме и повеќе отколку што очекувате“

„Глобалниот пазар наметнува едно силно темпо кое ние постојано го следиме во чекор, и кое е причина што новитетите кај нас никогаш не изостануваат. Напредната технологија и новите модели ги добиваме паралелно со нивните европски премиери и ви ги испорачуваме во истиот миг. За вас секогаш го испорачуваме најдоброто, последната технологија, најновиот дизајн, за вас критериумите ги поставуваме секојпат повисоко и одиме чекор подалеку, планираме повеќе отколку што замислувате, а достигнуваме и повеќе отколку што очекувате“ – изјави Генералниот Менаџер на Порше Македонија, г-н Златко Муцунски.

skoda kodiaq makedonija 00003

За значењето што големиот теренец го има за проширувањето на моделската понуда на Škoda и освојувањето на нов круг купувачи што произлегува оттаму говореше г-н Миле Станчев, бренд менаџер на марката: „Новиот модел на Škoda е навистина силен и го прави брендот уште попривлечен благодарение на новиот концепт, фасцинантниот дизајн, лесното поврзување, поголемата удобност, безбедност и информации во реално време. Технологијата која се вградува во Kodiaq е својствена за повисоката класа на возила, затоа новиот SUV на ŠKODA е на врвот во својот сегмент. ŠKODA Kodiaq нуди повеќе од 30 ‘Simply Clever’ решенија, од кои седум се сосема нови.“

Напредна технологија покрај традиционалните вредности на Škoda

Kodiaq ги почитува традиционалните вредности на брендот – функционалност, просторност и противвредност – додавајќи им напредна технологија, од видот на системи за асистенција, актуелизирани инфо-забавни системи и можности за поврзување со преносни уреди, коишто се вообичаени за повисоките класи возила. Новиот дизајнерски јазик секако дека придонесува големиот теренец убедливо да ги пренесе своите вредности пред купувачите.

skoda kodiaq makedonija 00004

Примената на платформата MQB меѓу другото овозможува од возилото со должина од 4,7 метри, ширина од близу 1,9 метар и висина од 1,7 метар да се извлече уште поголема просторна понуда. Покрај тоа, платформата носи и намалена тежина, што е добро и за возните својства и за комфорот, а секако и за штедливоста во возењето. Не недостигаат и комфорни ставки, како вентилација во предните седишта или електромотори за нивно местење, вклучувајќи и меморија. Со соборени седишта, во кабината може да се пренесуваат предмети долги до 2,80 метри. За првпат во поновата историја на марката е достапен модел со седум седишта, како опција. За случај просторноста на кабината да се искористи за превоз на предмети, на располагање стојат максимални 2.065 литри. При конфигурација со пет седишта багажникот располага со 720 литри, што е рекорд во класата.

Заштита на рабовите на вратите од гребење како нова ставка во „едноставно мудро“

Новите решенија за практичност, што Skoda ги води под „simply clever“ опфаќаат и заштита на рабовите на вратите од гребење, којашто се активира самостојно при отворање на вратата и спречува контакт со ѕидот на гаражата или соседните автомобили. Кога вратата се затвора, пластичните амортизери сами се повлекуваат. Иновациите продолжуваат кај системите за асистенција од регалот на Volkswagen: Систем за влечење приколка, камери со приказ на просторот околу возилото, ретровизори со широк агол, Front Assist кој внимава на возилата и пешаците пред возилото, вклучувајќи систем за итно сопирање во градски услови, адаптивен темпомат, систем за движење во лента, систем за откривање на возилата во мртвиот агол, топографски преглед Škoda Connect Google Earth, како и Google Street View.

skoda kodiaq makedonija 00001

При стартот на продажбата, за големиот теренец се достапни пет мотори, два дизела и три бензинци, со моќност меѓу 125 и 190 КС, сите чисти според Euro 6. Систем старт-стоп е стандард, исто како и повраток на енергијата при сопирање и интелигентен термоменаџмент, кој дополнително придонесува за ниска потрошувачка. Зависно од моторот, достапни се 6-степен мануелен менувач или DSG со шест или седум брзини. Новиот 7-степен автоматски менувач со двојна спојка за прв пат се испорачува со моќните мотори на Škoda.

Цените на големиот теренец стартуваат од 21.830 евра

Ценовникот за Kodiaq стартува од 21.830 евра, за моделот со 1,4-литарски бензинец со 125 КС и погон напред, додека најдостапната верзија со погон на сите тркала вози со 1,4-литарец со технологијата за штедење ACT и чини 25.230 евра. Врвот му припаѓа на 2.0 TDI DSG во врвното ниво на опрема Style, за 38.040 евра.

skoda kodiaq makedonija 00006

Со повеќе од пет милиони продадени примероци од стартот на моделската серија, Octavia е неприкосновен бестселер и главен носител на имиџот на Škoda. Отсега, Octavia двапати подобро ќе ги „гледа“ барањата на купувачите, но и исто толку подобро ќе ја надгледува конкуренцијата – со „четирите очи“, како највпечатлив белег на новото моделско годиште. Овие промени се само визуелна придружба на суштинските освежувања во техниката и во опремата. Диодните светла отсега се достапни со нивото Ambition, материјалите во кабината се заменети со поквалитетни, додадени се нови можности за поврзување на интернет и користење услуги. Понудата од погонски единици ја сочинуваат по четири бензинци и дизели, со менувач со двојна спојка достапен како опција во комбинација со повеќето мотори во понудата.

Основниот модел 1.2 TSI со 85 КС чини 14.330 евра, спортската верзија RS за 27.490 евра ќе ги привлече ентузијастите со своите 230 КС, додека за возачите што ги ценат теренските својства, но и класичната форма на комби е достапна Octavia Scout, почнувајќи од 27.500 евра за верзијата со дволитарски дизел со 110 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Astra е автомобил на годината во Јужна Африка

Два од три премиум-автомобили во светот се Mercedes, BMW или Audi