за

Škoda Kodiaq: Први фотографии од ентериерот на новиот теренец

Непосредно пред утрешната светска премиера, Škoda ги објави фотографиите од новиот теренец Kodiaq. Вообичаено за концернот, внатре владее униформноста на Volkswagen и тука нема изненадувања. Тоа што имаат да го понудат Чесите повторно е практичност и едноставност во секојдневието.

Škoda го прикажува ентериерот на новиот Kodiaq неспоредно пред утрешната премиера. Во кокпитот се препознаваат стандардните групи прекинувачи и полиња за ракување што се веќе видени во останатите модели од концернот Volkswagen и силно ја одредуваат атмосферата на работното поле на возачот. Тоа што чешките дизајнери го примениле да побегнат од униформноста се единствено вертикалните отвори за воздух, коишто внесуваат мала доза препознатливост во кокпитот на големиот брат на Yeti.

skoda kodiaq enterier 00002

Командната табла е поделена на два симетрични дела за возачот и совозачот, со два вертикални отвори за воздух околу големиот средишен дисплеј. Над дисплејот продолжуваат два раба што формираат трапез и на тој начин ја цитираат хаубата на Kodiaq. Во секој случај, дизајнот на кокпитот го става квалитетот на изработка и на применетите материјали во прв поглед, верно на примерот со лимузинскиот знаменосец Superb. Големиот теренец на Škoda пристига и со нови седишта, со квалитетни облоги и примерен комфор.

skoda kodiaq enterier 00003

Многу посилен адут на Kodiaq од дизајнерската препознатливост во кокпитот е просторноста. Škoda тврди дека го има најголемиот ентериер при должина на каросеријата од 4,70 метри и ширина од 1,88 метри. Спорскиот теренец на Škoda е прв модел достапен со седум седишта.

skoda kodiaq enterier 00001

Чешката марка обично се занимава повеќе со практичноста и функционалноста, па така и третиот ред седишта во Kodiaq лизга надолжно, за просторот да се приспособи според потребите. Импресивна е бројката за зафатината на багажниот простор од 720 литри. Секако дека тоа е рекорд во сегментот на теренецот. „Практичарите“ на Škoda набројуваат над 30 практични решенија во стилот на мотото Simply Clever, вклучувајќи заштита на рабовите на вратите, иновативна заштита за детско седиште и потпирачи за глава што се поставуваат во положба за спиење.

Премиерата на Škoda Kodiaq ќе се случи утре на 1-ви септември, со директен пренос на интернет, почнувајќи во 19 часот. Истата ќе можете да ја следите на следниов канал на YouTube

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Виралното видео за новата Škoda Kodiaq стана интернет хит

Новиот Kia Rio го става во сенка братот од Hyundai