за

Skoda Karoq: Наследникот на Yeti со премиера во мај

Мечката“ на Skoda уште е свежа на пазарот, а веќе се најавува следниот модел во офанзивата на чешката марка. Karoq уште вози маскиран, но во средината на мај ќе се покаже пред јавноста на премиерата во Стокхолм. Нов е 1,5-литарскиот бензинец со 150 КС и исклучување на дел од цилиндрите, за првпат се нуди и дигитална табла со инструменти.

Третиот модел во бранот компактни кросовери од концернот Volkswagen пристига под знакот на Skoda. Техничкиот сродник на Seat Ateca и Audi Q2 доаѓа на местото на Yeti и го носи моделското име Karoq. Дизајнот го следи стилот на поголемиот Kodiaq, заедничката платформа со Ateca, Q2 и идниот кросовер врз база на Golf обезбедува просторна кабина и голем багажник, на тоа се надоврзуваат освежена понуда од системи за асистенција и диодни светла, а за првпат во Skoda и дигитална табла со инструменти. Кросоверот се појавува маскиран на првите фотографии од Skoda, како интересен детал во изгледот се забележуваат двете светла со правоаголна форма под главните светла – како надградување на стилот на Kodiaq и на освеженото моделско годиште на Octavia.

Пет мотори стојат на располагање во Karoq, во дијапазон на моќност од 115 до 190 КС, вклучувајќи го и новиот 1,5-литарски TSI со 150 КС. Приспособливата задна клупа и отворањето на задниот капак преку замавнување со стопало под браникот се актуелните ставки што одат во прилог на пропагираната практичност на моделите на чешката марка.

Skoda Karoq

Каросеријата е долга 4.382 милиметри, широка 1.841 и висока 1.605 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.638, односно 2.630 милиметри во верзија со погон на сите тркала. Од дополнителните 19 милиметри во должината на каросеријата наспроти Ateca произлегува и за единаесет литри поголемиот багажник во споредба со шпанскиот посестрински модел: 521 литри стандардно, 1.630 литри максимално (+24 литри). При доплата за поместлива задна клупа, просторот одзади може да варира меѓу 479 и 588 литри. Специјалноста на Karoq е можноста за отстранување на задните седишта, по што останува чист товарен простор со зафатнина од 1.810 литри.

Skoda Karoq

Помошник“ за паркирање, за следење лента или за појди-запри во колона може да се ангажираат, исто како и за систем за следење на мртвите агли или за самостојно запирање при опасност од судир. Максималната тежина на приколка изнесува точно два тона. И за тоа постои асистенција, за олеснување на возењето наназад при закачена приколка. Почнувајќи од нивото на опрема Ambition, како опција се нуди и диодно амбиентално осветлување, со избор на десет бои.

Skoda Karoq

Пет мотори се нудат во компактниот кросовер на Skoda: 1.0 TSI (115 КС) и 1.5 TSI (150 КС), како и 1.6 TDI (115 КС) и 2.0 TDI (150 и 190 КС). Сите мотори доаѓаат стандардно со систем старт-стоп и повраток на енергијата при сопирање. Седумстепен менувач со двојна спојка може да се комбинира со сите мотори, истиот се вградува стандардно во верзијата со најсилниот дизел, којашто воедно располага и со погон на сите тркала. Посебност кај новиот 1.5 TSI е исклучувањето на дел од цилиндрите при пониско оптоварување, заради заштеда во горивото.

Премиерата на Skoda Karoq ќе се случи на 18-ти мај во Стокхолм, продажбата ќе стартува кон крајот на годината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

И во Porsche имаат ден на дрвото: Посадени 5.000 млади стебла

Камион на Toyota вози на водород во Лос Анџелес