за

Skoda Kamiq скроен по мера и со опција за метан

Skoda Kamiq napred

Skoda Kamiq настапува со стил во сегментот кадешто Nissan Juke докажа дека стилот е повеќе од важен, додека во секој друг поглед, најмалиот чешки СУВ почитува стандарди како во повисоките класи. Списокот на опции е бескраен, моторите досегаат до 150 КС, но има и можност за избор на погон на метан.

Skoda Kamiq е третиот СУВ-модел во понудата на чешката марка, покрај Kodiaq и Karoq. Името исто така потекнува од Инуитите и означува нешто што одговара совршено. Како модел што треба да ги привлече помладите возачи, дизајнерите постигнаа мошне впечатлива стилска појава на Kamiq, со рокада на дневните светла, кои тука целосно доминираат над главните светла.

Со платформата MQB меѓу другото доаѓаат и лесна конструкција и добра просторна искористеност

Основата на градскиот СУВ доаѓа од платформата MQB. Каросеријата е долга 4,24 метри, а според примерот од сестринските модели T-Cross и Arona, може да се очекува добра просторна понуда, што повторно се должи на платформата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Изгледот несомнено ќе се смета како силен адут на Skoda Kamiq во густо запоседнатиот сегмент на СУВ-модели на база на Polo & Co. Широката маска со двојни ребра внесува робусност во појавата. Бандажите покриваат дијапазон меѓу 16 и 18 инчи. Нов детал во дизајнот е сменетата традиционалната светлечка графика во форма на потковица во задните светла.

Ако производителот нагласува дека Kamiq е прв модел на Skoda со дневни светла горе, значи дека и идните  модели ќе ја следат шемата

Kamiq е прв модел на Skoda со дводелни диодни светла, кај коишто дневното светло е поставено над главните светла. Во случај кога возилото е опремено со целосно диодни светла, четири засебни диодни модули ги сочинуваат дневните светла. Првпат кај модел Skoda се користат и динамични трепкачи напред и назад, во случај на доплата за целосно диодни светла.

New item by Automedia MK / Google Photos

По новата Scala, малечкиот СУВ е следниот модел на чешката марка со новиот кокпит, кој главно се раководи според централно поставениот голем дисплеј. Пречникот на овој дисплеј во топ-изведбата изнесува 9,2 инчи. Со доплата се испорачува и дигитална табла со инструменти, со пречник од 10,25 инчи.

Посебен површински релјеф на облогата на таблата и вратите што ќе се користи и во останатите модели на Skoda

Горната половина од арматурната табла и од предните врати се обложени со мека пена, со посебен релјеф по пример на формите при изработка на предмети од кристал. Во поопремените нивоа следи и амбиентално осветлување, со избор на бакарна, црвена или бела боја. Во зависност од овој избор, Skoda ги изведува и штеповите на облогите на седиштата. По желба, може да се нарача и микрофибер. Комфорните можности вклучуваат и греење во воланот и загреван ветобран, а грејачи во седиште може да се добијат и за задната клупа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Каросеријата на Skoda Kamiq е долга 4.241 mm, широка 1.793 mm и висока 1.531 mm, а меѓуоскиното растојание изнесува 2.651 милиметри. Според стандардните мерења на Skoda, патниците назад добиваат 73 милиметри слободен простор за колена.

Бангажник од 400 литри стандардно и можност за превоз на предмети долги до 2,45 метри

Багажникот располага со зафатнина од 400 литри, односно 1.395 литри со соборена клупа. Со доплата може да се соборува и совозачкото седишта, така што внатре може да се превезуваат и предмети долги до 2,45 метри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сите мотори користат турбонатполнење и директно впрскување, систем старт-стоп и повраток на енергијата при сопирање. Основен мотор е 1.0 TSI со 95 КС и вртежен момент од 175 Nm. Во посилната изведба на еднолитарецот со 115 КС и 200 Nm следува шестстепен мануелен менувач, а може да се доплати за седумстепен менувач со двојна спојка.

Сите мотори освен основниот се комбинираат со седумстепен менувач DSG

Врвен бензинец е 1.5 TSI со 150 КС и вртежен момент од 250 њутнметри. Посебност на овој мотор е активното исклучување на два цилиндри при ниско оптоварување, заради заштеда во гориво. Единствен дизел е 1.6 TDI со 115 КС и 250 њутнметри, кој поседува SCR-катализатор и резервоар за Адблу, заради исполнување на нормата Euro 6d-Temp.

New item by Automedia MK / Google Photos

Важен новитет е моделската изведба со мотор 1.0 G-Tec, кој фабрички е приспособен за погон на метан. Моќноста изнесува 90 КС, максималниот вртежен момент 160 њутнметри. Концернот Volkswagen моментно дава силен акцент на овој вид на погон, кој има значително пониска емисија на СО2 и азотни оксиди, но и самото гориво е поевтино.

Два прста поголемо растојание од подлогата од Scala; Четири возачки профили и електронски контролирани амортизери

Растојанието од подлогата е за 37 милиметри поголемо во споредба со Scala, што овозможува и куси излети надвор од теренот. При избор на спортско подвозје, растојанието повторно се намалува за 10 милиметри. Во пакет со спортското подвозје следат и електронски контролирани амортизери, со можност за избор на нормален и спортски режим. Покрај тоа, возачот може да избира и меѓу четири профили на работа на погонската спрега и подвозјето: Нормален, спортски, Еко и индивидуален. Со доплата се нуди и посебна заштита на подвозјето при возење по терен. Погон на сите тркала сепак не е достапен во Kamiq.

New item by Automedia MK / Google Photos

Преден радар и камера за следење лента се вградуваат стандардно. Радарот е основа за самостојното запирање при опасност од судир. Опција е радарски темпомат, кој потсопира автоматски кога напред има побавно возило, вклучувајќи и целосно запирање. Чешкиот СУВ постигнува голема предност во достапноста на системите за асистенција – повторно, тоа се должи на платформата MQB.

Индуктивно полнење мобилен телефон, школкасти седишта со интегриран потпирач за глава – Kamiq не сака да биде „само“ ценовна алтернатива на поголемите СУВ-модели на Skoda

Истото важи и за можностите за поврзување со телефон и за користење услуги за мобилност. Секако дека во модел со ваква целна група не смее да недостига и озвучување со моќност од 405 вати и десет звучници. Skoda Connect овозможува возилото постојано да е во мрежата. Згодна можност е преку мобилна апликација да се заклучи или отклучи возилото, или оддалеку да се провери колку гориво има во резервоарот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Како прв модел во класата, Kamiq поседува систем за заштита на рабовите на вратите од оштетување при отворање. Отворањето и затворањето на задниот капак може да биде работа на електромотор, исто како и извлекувањето на влечната кука.

Повеќе детали за опремата, за перформансите и потрошувачката ќе следат по премиерата на Skoda Kamiq на салонот во Женева, во март.

Пример за неисцрпната креативност на тимот на Skoda за изнаоѓање „едноставно мудри“ решенија: Посебен капак за долевање течност за стакла, за избегнување на потребата од центрирање што никогаш не успева

New item by Automedia MK / Google Photos

Skoda Vision iV прикажува сосем различна внатрешност

Skoda во јануари испорачала над 100.000 возила

Skoda Kamiq ќе биде заводничката меѓу градските кросовери

Skoda Scala стартува со продажба во Германија: Почеток од 17.350 евра

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen touareg v8 tdi

Volkswagen Touareg добива осумцилиндарски дизел со 421 КС

Honda e

Honda E каква што сцената уште одамна ја обожува