за

Тест: Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition

Skoda Fabia 10 TSI Ambition test

Skoda Fabia имаше темелно моделско освежување, во дизајнот, техниката, опремата. На тест е изведба којашто чини колку Octavia. Ова е уште еден чешки автомобил што се купува со душа, а се плаќа со разум

Многу убаво, ова Audi! Со каросерија лакирана во боја што стилистите на марката ја нарекуваат тркачки сина, рејсинг блу. Со турбо и со директно впрскување, со голем дисплеј на допир со висока резолуција, со најновата технологија на осветлување што ја претвора ноќта во ден. Вистина, од фотографиите може да се стекне впечаток дека не станува збор за Audi, но фактите говорат инаку.

Сеедно дали се работи за Skoda Fabia или за Audi S8, со снагаторски 360 КС од 4,2-литарски V8, со три норми зад сестринскиот модел на Polo и со внимателно извозени 360.000 километри, кој потекнува од најраните години на тековниот милениум, двата автомобила всушност вредат исто. Според тоа, оваа штотуку разработена Skoda Fabia е исто што и петнаесетина години стар Audi S8. Зарем тоа не е факт!

Класата на Skoda Fabia постигнуваше најголем пазарен удел во времето кога во Македонија се продаваа до 18.000 нови автомобили годишно

Традиционално најпродаваната класа возила во Македонија, во времињата кога пазарот регистрираше до 18.000 нови автомобили годишно, одненадеж стана неинтересна, откако дружина добри луѓе решија на сите македонски возачи да им понудат привилегија да возат Audi – или модел од конкурентските премиум марки, иако нам Audi најмногу ни се допаѓа за текстов. Така се случи, место Punto, Polo и легендарната Felicia, по улиците да завладее „ретро тренд“ на тешки лимузини и страшни теренци.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 1am# ip

Тоа што се чинеше како наше автомобилско откритие на векот, всушност беше поглавје коешто македонскиот пазар мораше еднаш да го мине, имајќи предвид дека пред пролетта 2010 година, во Македонија немало можност за толку масовна разонода во скапи лимузини, а вредни колку половина Југо. Поглавјето во меѓувреме привршува, затоа што (и) македонскиот возач сега има искусено на сопствена кожа, и уште поболно, на сопствениот џеб, дека навистина е престиж да се вози престижен автомобил, но подеднакво е престиж тој и да се одржува и сервисира, без разлика дали е нов или стар. Тоа, меѓу другото, најверно го појаснува „феноменот“, зошто петнаесет години стар Audi S8, може да чини исто колку нова Skoda Fabia.

Како што можемe да се увериме, автомобилските фабрики сé уште произведуваат автомобили и во 2018 година, и тоа ќе го практикуваат уште повеќе во следната и во наредните години. Како дополнителен и апсолутно неспореден фактор, составот на воздухот во нашите градови, којшто добива сé посложена хемиска формула, повторно учи дека е неопходно да се води повеќе сметка околу емисијата на штетни материи од автомобилите, особено на оние со екс-проблематичен филтер за честички гареж и со мотори со рекордни километражи, кои испуштаат гасови од сите страни, уште пред тие да доспеат до системот за пречистување.

Денешната „градска класа“ доаѓа со целосно диодни светла, пристап на интернет, радарски темпомат, сензори, камери

Значи, ни претстои враќање во нормала. На Skoda Fabia, на пример. Убава и разумна, со каросерија лакирана во боја што стилистите на марката ја нарекуваат тркачки сина, рејсинг блу. Со турбо и со директно впрскување, со голем дисплеј на допир со висока резолуција, со најновата технологија на осветлување … Секако дека заслужува внимание фактот што овие технологии станале достапни веќе во класата на градските автомобили.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 2am# ip

Времињата денес се менуваат многу побрзо и подинамично. Сведоци сме на револуција што е еквивалентна на воведувањето на подвижната лента во автомобилското производство. Или барем блиску до тоа. Skoda Fabia, конкретно, по моделското освежување повеќе не се нуди во изведба со дизел мотор. Техниката којашто е потребна за дизел моторите да ја исполнат нормата Euro 6d-Temp, едноставно стана прескапа за оваа класа автомобили. Крајната цена би била неатрактивна за купувачите, а марката што ќе излезе на пазарот со таа цена би била несериозна.

Колку се строги денешните норми за заштита на животната средина, потврдува фактот што и хајтек-бензинецот под хаубата на оваа Skoda мора да биде комбиниран со филтер за честички гареж, сличен како кај актуелните дизели. Тоа, меѓу другото, беше и главната причина за моделското освежување на „фабулозната“.

Од некогашните десет мотори, денес во Fabia се нудат само два мотора: Тоа е резултат од напредокот на технологијата, но и постепената подготовка за целосно преоѓање во ерата на електричниот погон

Во првата генерација на Fabia, Чесите нудеа дури 10 различни мотори: 1.0 8V со 50 КС, 1.2 6V со 54 КС, 1.2 12V со 64 КС, 1.4 MPI со 60 и 68 КС, 1.4 16V со 75, 80 и 101 КС, 2.0 8V со 116 и 120 КС, 1.4 TDI 6V со 69, 75 и 80 КС, 1.9 SDI со 64 КС, 1.9 TDI PD 8V со 101 КС и 1.9 TDI PD 8V RS со 131 КС. Во актуелната генерација, по моделското освежување, понудата од мотори се сведува на четирицилиндарски атмосферец со индиректно впрскување 1.0 MPI, со 60 или 75 КС, и на трицилиндарски турбо со директно впрскување 1.0 TSI, со 95 или 110 КС. Единствена опција во погонската спрега е 7-степен менувач со двојна спојка во посилниот TSI. Каде исчезнаа моторите?

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 17am# ip

Новите „мотори“ се следниве: Smart Link за поврзување со телефон преку Android Auto и Apple Car Play, систем за следење на мртвите агли и предупредување за возило што наидува попречно при враќање наназад, приспособлив темпомат до 160 km/h, предупредување за замор, радар кој иницира автоматско запирање во случај на опасност од удар, систем за следење лента или автоматско долго светло.

На големите европски пазари дополнително се нуди и опција за поврзување на интернет. Сите овие технологии го сочинуваат тоа што автомобилската бранша заеднички го пробива на сцената под поимите дигитализација, конективност, автономно возење. На тоа се надоврзува и електричниот погон, кој напредува со фантастично темпо.

Дизајнот на каросеријата на Skoda Fabia потсеќа на кристал во изработка на чешките мајстори

Не е пристојно да не се забележи дека Skoda Fabia има неколку нови детали во изгледот. Дури и премалку е промените да се водат како детали. Маската е комплетно редизајнирана, со дебели вертикални ламели, кои оддаваат робусност, а во исто време и надменост како на британска лимузина. Внатрешниот свет во предните светла исто така живее поинаку и сугерира на уметност од кристал, нормално, како дело на чешки мајстори. Промени има и во браникот.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 8am# ip

Целиот дизајн, всушност, потсеќа на кристал и на врвна мајсторија, кога ќе се погледне, на пример, рамката на маската којашто има еднаква дебелина по целиот обем, или рабовите кои продолжуваат надолу и косо под светлата, за повторно да се сретнат со некои соседни и сродни форми. Профилираната хауба, засекот во задните прозорци, и прецизно, речиси дрско изведениот раб по должината на каросеријата, укажуваат дека дизајнот на Skoda Fabia не е таков што ќе биде оценет како добар или грд, за потоа незаинтересирано да се оттргне погледот од возилото. Тука, едноставно, има еден тон дизајн. И, тој трае. Оваа генерација на Fabia е веќе четврта година на пазарот.

Првпат во Fabia се вградуваат и диодни светла, со доплата од 656 евра. Чисто, без условување да се комбинира уште една ставка. Диодната техника за задните светла исто така се нуди како посебна опција, по цена од 130 евра, при што оптички уште повеќе се нагласува C-шемата на светлата. Браникот со новиот дизајн се распознава по интегрираните рефлектори.

Чешкиов автомобил не се откажува од ниту еден тренд: Се е достапно, по принципот на доплата – но, чесна доплата, со опции што се чини како да се нудат по фабрички цени

Чесите имаат вкупно единаесет дизајни на бандажи за новата Fabia, од кои девет се нови, вклучувајќи и црна, бела или црвена варијанта. Првпат фабрички се вградуваат и бандажи од 18 инчи. Останува можноста каросеријата да биде лакирана во две контрастни бои, односно покривот, предните столбови, ретровизорите и бандажите да се изведат во црна, бела или сребрена боја. Овој стилски потег би чинел околу 200 евра.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 13am#

Тоа што солидните рачки на вратите, уште пред седнувањето посредуваат впечаток на добар автомобил, стар трик е на автомобилските марки под Волфсбург. Но, вистинскиот аха-ефект следи при затворањето на возачката врата. Skoda не наведува дека се интервенирало во каросериската структура при моделското освежување, но овој звук навистина е впечатлив. Ако звукот воопшто може да се опише, најблиску би било до следново: „Добар ден, Вие седите во возило од концернот Volkswagen.“ Тоа, соопштено со грофовски самоуверен тон, со доза на техничка ладнокрвност. На германски јазик, почнувајќи со „Гутен Таг“.

Покрај тоа што инструментите имаат нова, убава графика, и покрај средишниот дисплеј од 6,5 инчи кој доминира во кокпитот, следното што ја сочинува глетката на работното место на возачот е масивниот средишен појас, кој успешно имитира финиш на четкан алуминиум. Резултатот од класичниот „чукни-тест“: Арматурната табла нема добиено мек површински слој.

Ценовната предност наспроти Volkswagen се постигнува со мудро штедење, место со рециклирање на стара техника и технологија

Тоа, сепак, не е откритие. Всушност е многу логично: Стратезите за скусување на трошоците во Skoda мора некаде да посегнат, за да ја постигнат ценовната предност во споредба со VW. Тоа се однесува и на полето за ракување со климата, кое навистина изгледа како да е заборавено од некое друго време. Прашањето што во салон на Skoda сигурно нема да го постават, но добро е човек да го знае одговорот: Дали е подобро чешката марка да заштеди на финиш и на убавина, или е подобро да го постигне тоа преку вградување стара техника и напуштена технологија?

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 20am# ip

Забелешката за изгледот на полето за климата се решава веднаш. Поубав изглед, во стил на старо авторадио, чини 285 евра во нивото Ambition – заедно со автоматска контрола на работата на климатизацијата. Неизоставен е коментарот за политиката на дополнителна опрема на Skoda. Цениве повеќе изгледаат како да се фабрички, како грешка во ценовникот: Потпирач за рака напред 97 евра – заедно со 2хУСБ чини 139 евра, грејачи во прскалки за ветробран 23 евра, дополнително затемнети задни стакла 126 евра, алу-плочки на педалите 74 евра, патосници 37 евра. Најскапата ставка во ценовникот се алу-бандажи Savio од 17 инчи, кои чинат 1.199 евра, доколку се нарачаат за основното ниво на опрема. Тоа се мали големи детали, кои прават марките да се почитуваат.

Постојат причини зошто некои купувачи го чекаат фејслифтот на моделот што го имаат во план: Новите материјали на седиштата и самата изработка на Fabia ‘18 оставаат многу поубедлив впечаток од претходно, а има новитети и во функционалноста. Прекинувачите за сите четири прозорци отсега поседуваат импулсна функција. Корисна е и новата можност, сите прозорци да се отворат или затворат со задржување на соодветното копче во клучот од возилото. Новите пакети опрема исто така говорат во корист на фејслифтот. Второто ниво на пакетот за динамика, за цена од 715 евра, нуди спортски седишта обложени со микрофибер, спортски волан, алу-педали, спортско подвозје, украсни лајсни во кокпитот, црн ентериер или облоги во вратите со црвен штеп на потпирачот за рака. Такви детали успеваат да го одоброволат купувачкиот дух.

Мудрите купувачи го чекаат фејслифтот: Пакетите се поевтини, изработката е усовршена, од сé има повеќе отколку при стартот

Најважното кај секое моделско освежување, нешто што производителите официјално не го опишуваат толку пластично: Сите пропусти кои дотогаш се забележани кај моделот, се отстранети. Настрана фактот што ситни преправки и интервенции се вршат многу често и во редовното производство. Правилото за избор на автомобил од крајот на производството на одреден модел, важи подеднакво и при купување користен автомобил. A, Skoda Fabia има уште многу за возење додека дојде време за наследник.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 16am# ip

Вториот аха-ефект кај „фабулозната“ на тест е чувството при поаѓање. Начинот како електрониката го модулира вртежниот момент, односно притисокот на натполнење на турбината, кога се поаѓа од место, веднаш наведува на помисла на автоматски менувач. Вистина, ретко се случувало досега, бензинец да поаѓа толку релаксирано, без инстинктивно наслушнување на вртежите, коешто се стекнува уште во авто-школа. За модел што веројатно најголемиот дел од својот век ќе го мине по градскиот асфалт, тоа е важен момент.

Погонската спрега е силна страна на Fabia 1.0 TSI. Точно е дека моторот има три цилиндри и работна зафатнина од само еден литар, но приказните дека „кубикажата“ е премала за моќноста од 95 КС, или 110 КС во посилната варијанта, односно дека моторот нема да издржи километража колку дволитарец со 50 КС од 1960-те години, веќе се безпредметни.

Додека конкуренцијата гласно ќе најавуваше нов мотор, Skoda тврди дека се работи „само“ за оптимизација на 1.0 TSI

Вистинското објаснување зошто трицилиндарските мотори станаа толку масовна појава, не е друго, освен дека е постигнат огромен напредок во технологијата и техниката на моторите. Втората, и за производителоте многу посуштинска причина, е модуларниот принцип во конструирањето и производството на моторите. Многу мотори со три и со четири цилиндри во рамките на ист концерн, постигнуваат исклучително висок степен на примена на заеднички компоненти.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 18am# ip

Еднолитарскиот TSI во Fabia работи примерно во секој поглед. Ослободувањето на моќноста е рамномерно, моторот располага со широко работно подрачје и лесно ги качува вртежите до крај, без притоа да се слуша непријатно татнење. Нема вишок вибрации ниту во воланот, ниту во каросеријата, а не постојат и оние здодевни тонови, кои возењето на долги релации го претвораат во главоболка.

За разлика од првата генерација трицилиндарци – Fabia беше еден од првите модели во концернот со таков мотор – потрошувачката при возење по автопат, со релативно високи вртежи, повеќе не се зголемува натпропорционално. Позитивните впечатоци за погонската спрега ги заокружува менувачот. Поточно, ги крунисува. Со пет степени, на овој MQ 200 можеби му недостига еден степен, но во реалноста се добива сосем спротивен впечаток. Совршена е хармонијата меѓу 1.0 TSI со 95 КС и преносните односи на петстепениот менувач. Шест степени има кај верзијата на TSI со 110 КС, со идентични преносни односи во првите три степени со „TSI 95“ и само незначително скусени IV и V степен.

Дали ова навистина е верзијата со 95 КС или во Порше „случајно“ ја дале на тест посилната изведба со 110 КС?

Потрошувачката на гориво за време на тестот се движеше меѓу шест и седум литри, што е сосем во рамките на класата на Fabia и на моќноста на 1.0 TSI. Тоа што прикажаната динамика на возење нé наведе да провериме во сообраќајната книшка, дали навистина се работи за верзија на моторот со 95 КС, или сепак со 110 КС, се покажа како уште еден аргумент плус за моторот. И, не е случајност.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 10am#

Двата мотора TSI добија повисок притисок на впрскување на горивото. Извршени се зафати и во издувниот систем, вклучувајќи го турбополначот, исто како и во системите за ладење и подмачкување, а во најоптоварените подрачја се применети и материјали со поголема отпорност на високи температури. Електрониката на моторот е преработена, додаден е филтер за честички гареж за бензински мотори, заради намалување на емисијата на ПМ-честички. Соодветно се дотерани и сензорите за контролната електроника на моторот. Повеќето конкуренти ќе тврдеа дека имаат нов мотор.

Без забелешки и за подвозјето. Тивко, без вибрации и лошо придушени удари до кабината и патниците, вешто балансирано меѓу комфорно и спортско возење. Fabia, сепак, не е спортска машина за возење во класата, и каросеријата ќе реагира со осетно вертикално забрзување, кога оптоварувањето е префлено на едната страна на возилото и тркалата ќе наидат на нерамнина во подлогата. Во секој случај, тоа се екстремни ситуации, кои се специјалност за сестринскиот Polo GTI, или евентуално, бараат доплата за спортско подвозје, како дел од пакетот за динамика, или како посебна ставка, со цена од 112 евра. На крај, стандардното дотерување се покажува како најдобар избор. Овој комфор на амортизација е реткост во класата. Управувањето – стандардно врв.

Доплата од 800 евра за комби изведбата: Вредноста на сите опции во тест-возилото надминува една петина од цената на стандардниот модел

Практичноста останува традиционален домен на Skoda, како во поглед на големината и формата на багажникот, кој со 330 литри и со правилните пропорции е поблиску до компакт класата, така и во поглед на Clever-решенијата. Само неколку од тие решенија: Познатиот гребач за мраз под капакот за резервоарот, држач за чадор под совозачкото седиште, приспособлива странична преграда во багажникот или рачна светилка со диодна техника, која се полни од мрежата на возилото – кај варијантата Combi.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition 22am#

Наспроти основниот модел со 1,0-литарски MPI со 60 КС, основно ниво на опрема Active и цена од 9.700 евра, тестираниот модел со 1.0 TSI со 95 КС и со второ ниво на опрема Ambition чини 12.190 евра. Во опремата во ова ниво следуваат централна брава со далечинска команда, електрика за предните прозорци, клима уред, поделена задна клупа, радио Blues, патен компјутер, магленки и висинско местење на возачкото седиште.

Англиското благородништво негува манир на „андерстејтмент“: Да покажуваш помалку отколку што имаш

Од дополнителните ставки, во возилото на тест беа вградени радио Swing со дисплеј од 6,5 инчи, Skoda Surround и Smart Link (218 евра), кожа и мултифункциски команди на волан, црна сјајна лајсна околу дисплеј (302 евра), патен компјутер со висока резолуција (149 евра), алу-бандажи од 15 инчи Cygnus со гуми 185/60 R15 (475 евра), странични воздушни перници напред, со воздушни завеси (447 евра), затемнети задни стакла (126 евра), диодни предни светла со шест диоди и со динамична контрола (656 евра), електрика на задни прозорци (148 евра), металик лак (235 евра).

Збирот на дополнителните ставки изнесува 2.756 евра. Тоа е повеќе од една петина од цената на стандардната изведба на возилото. Вкупно, оваа Skoda Fabia со маркантна сина боја чини близу 15.000 евра. Речиси колку Octavia, но во основната варијанта. Британците имаат пригоден збор за тоа, андерстејтмент. Да прикажуваш помалку отколку што навистина имаш. Тоа е дел од манирот на тамошното благородништво. И така, повторно доаѓаме до „нашиот“ Audi S8.

[FAG id=36383]

Технички податоци · Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition

Мотор бензин, 3 цилиндри, 4 вентили, турбо, директно впрскување, старт-стоп и рекуперација на енергија при сопирање, 999 cm3, пречник х од 74,5х76,4 mm, моќност 70 kW (95 КС) при 5500/min, вртежен момент 160 Nm при 1800-3500/min, компресија 10,5:1, издувна норма EU 6d-temp Погон и пренос Погон напред, мануелен менувач MQ 200 со пет степени Подвозје Водење на предни тркала мекферсон со триаголни водилки и стабилизатор, назад торзиска задна, сопирачки напред диск/назад барабан, електромеханичко сервоуправување Димензии и тежини Д х Ш х В 3997 х 1732 х 1467 mm, меѓуоскино растојание 2470 mm, растојание од подлога 133 mm, висина на товарен раб на багажник 659 mm, ширина на трага напред/назад 1463/1457 mm, багажник 330/1324 L, празно возило 1121 kg, дозволена тежина 1576 kg, тежина на приколка со сопирачки 1000 kg, резервоар 45 L Перформанси Vmax 184 km/h, 0-100 km/h за 10,8 s Потрошувачка (град/отворено/просек) 5,3/4,1/4,6 Емисија на СО2 104 g

Дополнителни информации од увозникот Порше Македонија:

Испорака:

Предвиден рок на испорака за горенаведеното возило е од 100 до 120 дена од датумот на прифаќање на понудата. Важи за возила од порачка.

Гаранција:
  • 2 години комплетна гаранција на возилото, без ограничување на поминати км.
  • 12 години заштита од корозија, каросерија целосно поцинкувана.
  • 3 години гаранција на надворешниот лак.
Пост-гарантен период:
  • 2 години гаранција за оригиналните резервни делови на Skoda, без ограничување на поминати километри.
  • 2 години гаранција за сите сервисни услуги.
  • 15 години снабдување со оригинални резервни делови по истекот на моделот.

Врска до веб-страницата за Skoda Fabia

Кус историски наврат на Skoda Fabia и нејзините претходници во Македонија

Преку нејзиниот далечен предок од пред повеќе од три децении, Favorit, градскиот автомобил на Skoda ги проживеа и посведочи сите фази од трансформацијата во регионот, во фабриката во Чешка, на македонскиот автомобилски пазар. Skoda Favorit се појави на македонскиот пазар кон крајот на 1980-те години, како комплетна револуција во споредба со претходникот Skoda 105/120 L. Моделот наиде на одличен прием, возачите веруваа во марката. Посебно беше популарна комби-изведбата Forman, како и пикапот.

Favorit практично го навести уривањето на берлинскиот ѕид и низата промени кои следеа.  Во 1991 година, концернот Volkswagen стана сопственик на чешкиот производител. Три години подоцна следеше премиерата на Felicia, којашто во голем дел се базираше врз Favorit, но присуството на Volkswagen веќе се чувствуваше.  Нормално, VW вгради дизел, а се нудеше и верзија со 1,6-литарски бензинец со 75 КС. Македонскиот пазар не остана рамнодушен на автомобилот, во периоди, Felicia беше најпродаван модел на нашиот пазар.

Во меѓувреме се случуваа и промени во дилерството. Тогашниот дилер Еурокар, лоциран во Битола, изгради огромен центар за марката, во некогашниот поштенски дом во градот, кој се издвојуваше од „домовите“ на другите марки. Потоа следеше Fabia, денес во својата трета генерација.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia Dokker

Шампион во сенка: Dacia Dokker на автогас и со „попуст“ во серија

chery exeed LX auto china

Кинескиот Chery се враќа во Европа во 2020 година