за

Skoda Fabia ја победи Opel Corsa на споредбен тест на Auto Bild

Фото: Auto Bild

Германскиот магазин Auto Bild спореди четири модели од „градската“ класа, меѓу нив новата Skoda Fabia и фејслифтот на Opel Corsa. На крајот победува чешкиот модел со техника од Volkswagen.
Марката со четирите прстени е во голема криза и успехот на фејслифтот на Corsa во голема мера решава за иднината на марката од Риселсхајм. За таа цел, германскиот Auto Bild ја пушти Opel Corsa на споредбен тест со новата Skoda Fabia, како и со актуелните генерации на Seat Ibiza и Ford Fiesta, за да провери какви шанси има „новиот“ модел на Opel со конкурентите во класа.

Освежената Corsa настапува со новиот трицилиндарски мотор од Adam, со турбонатполнење и 115 КС, Fabia вози со 1,2-литарски четирицилиндарец со 105 КС, исто така со турбо, Fiesta го има „светскиот мотор“, еднолитарскиот Ecoboost со три цилиндри и 125 КС, додека под хаубата на Ibiza работи постариот 1,2-литарски турбо со два вентила и без иновативната електроника од новата Fabia.

Од последново е сосема разбирливо што шпанскиот модел завршува на последното место на споредбениот тест. Во следната година му претстои фејслифт на Seat, за разликата со обновените Fabia и Polo да се сведе на помала мера. Магазинот забележува за минимално повисоката потрошувачка на тестот од 6,6 литри, за непрегледната каросерија и за нервозното тресење на подвозјето на лоши патишта. Затоа, пак, Ibiza покажува убедлив темперамент со своите 105 КС и ги има најдобрите сопирачки на тестот. На крајот, Auto Bild ги пофалува пријатното седење на задната клупа и добрата противвредност на Ibiza.

Претпоследна е Ford Fiesta, со најсилниот мотор на тестот, со 125 КС. Германскиот магазин го цени темпераментот на моторот и рамномерното ослободување на моќност сé до дозволените 6.200 вртежи, така што „честопати воопшто не мора да се посегнува по менувачот“. Секако дека ниту овојпат не отсуствува забелешката за карактеристичниот звук на трицилиндарецот. „Финото управување и будното подвозје со куси одови се сон на спортските возачи“, оценува Auto Bild. Забелешка добиваат доцното, но сигурно загризување на контролата на стабилноста во свијоците, како и непрецизниот менувач, непрегледната средишна конзола што е преоптоварена со прекинувачи и малите надворешни ретровизори, додека седиштата добиваат пофалба.

Победената Corsa добива позитивни оцени за просторното чувство напред, поради оддалечениот ветробран. Според Auto Bild, назад има доволно простор за колената, а задоволува и практичната стра
на на возилото. Подвозјето пристојно ги амортизира малите нерамнини, а трицилиндарскиот мотор е добро изолиран. Германците забележуваат за тоа што моторот мора постојано да се држи на високи вртежи, за најслабите перформанси на тестот (10,1 секунда до сто), за тесните и тенко поставени седишта, како и за гласните звуци од струењето на воздухот околу каросеријата.

На крајот, со убедлива предност победува Skoda Fabia „со темпераментниот и штедлив турбо-бензинец“, со подвозјето што се „држи цврсто во брзи свијоци и на лоши патишта“, како и со спортските седишта што се добиваат како опција за само 190 евра. Натаму, новата чешка комбилимузина го одушевува тест-тимот на Auto Bild со широкото отворање на гоелмите врати, со добрата прегледност, солидната изработка, како и со најголемиот багажник на тестот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие автомобилски јубилеи ни претстојат во 2015 година

spyker aileron

Spyker банкротира: Нов старт со електрични автомобили?