139
53 shares, 139 points

Во концернот Volkswagen му се дава нова шанса на метанот, како замена за дизелот. Skoda Citigo е следниот нов модел со евтиното и чисто гориво. Кај нас уште нема поголем поттик за метанот, којшто треба да се постигне првенствено преку државни субвенции и повластици за корисниците

Skoda Citigo е следниот модел од концернот Volkswagen што вози со чистото и евтино гориво метан. Трицилиндарскиот мотор со зафатина од 1,0 литар е оптимиран за работа на природен гас и постигнува моќност од 68 КС во малечкиот, но способен градски автомобил. Секако дека моторот во Skoda Citigo G-Tec ја исполнува последната норма Euro 6d-TEMP, а за екстра штедливост располага и со систем старт стоп. Цената на моделот во Германија изнесува 12.720 евра.

Моторите со погон на метан во матичната марка VW се водат како TGI

Во комбинација со петстепен мануелен менувач, моторот троши 2,9 литри метан на сто километри. Според македонската цена од 39,50 денари, тоа значи дека 100 km пат со „метанскиот“ Citigo би чинел околу 110 денари. За споредба, бензинец со просек од шест литри, би потрошил околу 400 денари. Емисијата на СО2 изнесува 81 g/km, што во повеќето европски држави му обезбедува најмалку привилегирана стапка на давачки при регистрација.

Покрај резервоар за метан, Skoda Citigo G-Tec поседува и 10-литарски резервоар за бензин. Првиот е доволен за 350 километри, вториот за двесте, така што вкупната автономија изнесува 550 километри. Посебен индикатор во патниот компјутер го потсеќа возачот кога претстои редовното одржување на системот за гас.

Европски лидер во користењето на природниот гас во автомобилите е Италија со 1.178 станици и над 600.000 регистрирани автомобили со погон на CNG лани. Повластиците може да бидат од најразличен вид, почнувајќи од субвенција за возило со ниска емисија на штетни материи, преку ослободување од ДДВ, како за приватни лица, така и за фирми, до секојдневни привилегии, како ослободување од плаќање паркинг, патарина или право на користење на сообраќајната лента за градскиот превоз.

Не мора секогаш да се „сонува“ за електрични автомобили, може да им се придаде повеќе внимание на возилата на метан – и на преправките за погон на метан

Моментно во Македонија постојат четири јавно достапни станици за точење на гориво на Макпетрол, на коишто е достапен метанот. Чистиот гас заслужува повеќе внимание поради значајните придобивки за животната среидна. Во споредба со дизел мотор, емисијата на СО2 се смалува за 5%, на јаглероден моноксид за 50%, на реактивни јаглеводороди за 80%, на азотни оксиди за 70% и на честички гареж – најголемото евидентирано загадување во македонските градови – за 99 проценти.

Решенијата за смалување на штетните емисии не мора секогаш да се бараат, некои се веќе присутни и достапни, но не се „најдени“.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

139
53 shares, 139 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *