за

Шкодо, постои ли нешто што не си произведувала?

skoda 1203

Skoda 1203? Само малкумина знаат за што станува збор. Пред 50 години, Чесите изработија малечок транспортер. Неговото појавување остана во сенка на „прашката пролет“

Само малкумина познавачи на автомобилската историја имаат точна претстава за какво возило станува збор кога ќе се спомне Skoda 1203. Пред точно 50 години, Чесите го претставија малечкиот транспортер на саемот за машиноградба во Брно. Тој ги придружуваше Чесите и Словаците буквално од колевка до гроб – затоа што постоеше и во верзија на погребално возило, покрај вообичаените изведби на минибус, фургон, камион, сервисно возило и уште многу други.

Развојот на лесно доставно возило со самоносечка каросерија, како напредна конструкција за тоа време, започна уште во средината на 1950-те години во фабриката во Врхлаби. Продукцијата започна дури во 1968 година. Појавувањето на моделот на 14-ти септември 1968 остана во сенка на окупацијата на тогашна Чехословачка од армиите од пет држави на Варшавскиот Пакт, кои ја запоседнаа земјата како реакција на движењето за слобода „Прашка пролет“.

Едноволуменскиот концепт на Skoda 1203 беше врвна конструкција во тоа време, со ветробран на чело и седишта покрај моторот

Лесните доставни возила на марката дотогаш се изработуваа врз основа на автомобилските модели. Во фабриката на Skoda во Врхлаби, кон крајот на 1950-те години се изработуваа моделите 1201 и 1202, кои имаа ограничен товарен простор и мала носивост.

Инженерите во пролетта 1956 започнаа со развој на малечок и модерен транспортер. Уште од почетокот беше избран концепт со едноделна каросерија, кадешто ветробранот е најнапред и се седи буквално покрај моторот. Предноста беше во оптималното искористување на внатрешниот простор.

Skoda 1203 1

Идејата беше да се користат колку е можно повеќе делови од останатите модели. Четирицилиндарецот од 1,2 литар потекнуваше од Skoda 1202 и постигнуваше 49 КС, а инструментите и задните светла беа преземени од легендарната Skoda 1000 MB.

Сериското производство започна на 20-ти ноември 1968 во комплетно модернизираната фабрика во Врхлаби, паралелно со претходникот 1202 кој остана во производство до 1973 година. Skoda 1203 во почетокот се нудеше само како фургон. Со должина од 4,52 метри, ширина од 1,8 метар и висина од 1,9 метар, фургонот располагаше со товарен простор од 5,2 метри кубни.

Чешкиот транспортер можеше да превезува речиси исто толку товар колку што самиот тежеше

Покрај тежината на празно возило од 1.170 килограми, носивоста беше речиси идентична, со 950 килограми. Крајната брзина изнесуваше 90 km/h. Потрошувачката во тоа време се мереше при константна брзина од 60 km/h и изнесуваше 11 литри бензин на сто километри. Двете предни седишта беа раздвоени од товарниот простор со преграден ѕид со прозор. Широка лизгачка врата од десната страна и дводелен заден капак служеа за пристап до товарниот простор. До 31-ви декември беа изработени 192 фургони и три минибуси. Подоцна следеа многубројни верзии, вклучувајќи сервисно и амбулантно возило.

Skoda 1203 се продаваше строго во „социјалистичкиот сектор“, односно во фирми во државна сопственост. Приватните купувачи мораа да чекаат возилата да ја завршат својата државна служба и да бидат понудени како користени возила. Причината не беше во недостигот од возила, туку поради нивната „функционалност“. Во социјалистичка Чехословачка се попречуваа идеите за отпочнување со приватен бизнис.

Skoda 1203 2

Освен на домашниот пазар и во уште неколку држави од источнио блок, транспортерот на Skoda се продаваше и во Франција и Белгија, како и на неколку „неврзани“ пазари, како Египет. Два примерока изработени со специјална намена имаа интернационална кариера. Тие служеа за транспорт на Skoda 100 L, кои возеа во европската туристичка класа.

По 69.727 примероци, производството заврши во 1981 година. Во фабриките во Трнава во Словачка, овој универзален транспортер се произведуваше до втората половина од 1990-те години, со многубројни технички преправки.

Skoda 1203 е истото што е VW Bus за Германците или Citroen HY за Французите – икона на автомобилската и поп-културата. За ваквиот статус придонесе и тоа што транспортерот се произведуваше четвртина век во услови на монопол на домашниот пазар. Skoda 1203 оствари и бројни улоги во локалните филмски продукции од тој период.

Чесите се противат Skoda Superb да се пресели во Германија

И Папата се вози во Skoda

Skoda Fabia со нови светла и без дизел мотор во понуда

Вака изгледаа теренците на Skoda пред 70 години

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes 560 SL, Ивана Трамп

Кој го сака кабриолетот на Трамп?

SmartBumps паметен лежечки полицаец

Првиот паметен лежечки полицаец наскоро ќе регулира во Скопје