за

Skoda со три спапоцени олдтајмери на релито Визбаден

Skoda 1102 tudor roadster

Чешката марка одбележува два вредни јубилеја на релито на олдтајмери Визбаден: 120 години на фирмата и 110 години од првиот автомобил. Во таа чест на релито дефилираат три вредни олдтајмери од историјата на Skoda

Вредни модели од историјата на Skoda учествуваа на 32-то издание на меѓународното рели на олдтајмери во германскиот Визбаден. Фановите на олдтајмери и на Skoda можеа да го видат во живо и на дело впечатливиот модел Skoda 634 од 1931 година, заедно со Skoda 640 Superb од истата година, како еден од врвните модели на Чесите од тоа време. Одбележувањето на 120-годишнината на Skoda во рамките на релито го комплетираше Skoda 1102 Tudor Roadster од 1949 година.

Skoda Superb 640 како еден од технички најнапредните модели во своето време

Повеќе од 100 автомобилски икони стартуваа на манифестацијата за олдтајмери во Визбаден, којашто се вбројува меѓу најзначајните на глобално ниво. Меѓу моделите што привлекуваа особено внимание се најде петметарската лимузина од високата класа Skoda 645, со каросерија долга преку пет метри и претставена премиерно на салонот во Париз во 1929 година. Ознаката на моделот произлегува од моторот: Шест за бројот на цилиндри на 2,5-литарскиот мотор, 45 за коњските сили. Актуелниот сопственик го пронашол возилото пред десетина години во Чешка и детално го реставрирал. Skoda 645 е конструиран врз челична шасија, со каросерија што во дел е изработена од дрво. Произведени се вкупно 758 примероци од моделот, денес постојат само околу пет или шест примероци.

Skoda 645
Skoda 645

Вториот модел е знаменосецот Superb 640, којшто во 1934 година ја основаше долгата историја на ова моделско име. Дури и актуелниот знаменосец го носи истото име. Skoda 640 Superb е изработена на платформа од моделот Popular, со 2,5-литарски шестцилиндарец со 55 КС. Особеност на овој модел е трансаксијалната конструкција, односно менувачот и диференцијалот се интегрален дел од задната оска, со карданско вратило што минува низ цевната рамка. Покрај тоа, место вообичаената крута оска за тоа време, Superb имаше независно водење на тркалата на обете оски. Само 200 примероци се произведени од овој модел.

Skoda 640 Superb
Skoda Superb 640

Значаен дел од историјата на чешката марка е и Skoda 1102 Tudor Roadster од 1949 година. Двоседот поседува мотор од 1,1 литар со моќност од 33 КС и со водено ладење. Skoda го претстави моделот 1101 тип 938 во 1946 година, а еволутивниот степен 1102 тип 938 следуваше две години подоцна. Цевната рамка од Popular ја користи и овој модел. Народот му го даде прекарот Tudor, произлезен од англискиот „two door“, затоа што моделот во почетокот се нудеше исклучиво во изведба со две врати. Skoda 1102 Tudor главно беше наменет за извоз и се одликуваше со мноштво хромирани детали, како и со комфорни карактеристики, меѓу другото и со рачка на менувач поставена на управувачкиот столб. Во периодот од 1946 до 1952 година се произведоа 67.000 примероци од моделите 1101 и 1102.

Skoda 1102 tudor roadster
Skoda 1102 tudor roadster

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Строги правила за возачите почетници во европските земји

Volvo ќе ги продава своите автомобили преку интернет