По две децении, од фабриката во Волфсбург повторно излегува модел од шпанската марка во концернот Volkswagen. Стартува производството на Seat Tarraco, покрај Tiguan и Touran
Со првиот примерок од Seat Tarraco, во во Волфсбург повторно се произведува модел од шпанската марка во матичната фабрика на Volkswagen. Компактниот СУВ е развиен и дизајниран во Марторел, покрај Барселона. Техничката основа ја обезбедува модуларната платформа за модели со попречно вграден мотор MQB. Тоа е истата платформа како кај Volkswagen Tiguan и Touran, поради тоа и производството се одвива на истата лента со овие модели.
Целта со производството на модели од повеќе марки е да се зголеми ефикасноста на фабриката во Волфсбург, а со тоа и рентабилноста на марката Volkswagen. Ова е петти пат во матичната фабрика да се произведува модел од марка од концернот. Seat Arosa се произведуваше од крајот на 1996 до 1998 година. Историјата се навраќа уште подалеку, кога Audi 50 излегуваше од Волфсбург во периодот меѓу 1974 и 1978 година, а по него и Audi 80, меѓу 1994 и 1998, како и Audi 100, во периодот од 1993 до 1997 година.
Audi 50 беше идентичен со Polo, чиешто производство во Волфсбург започна во 1975 година. Моментно, производството на Polo се одвива во Памплона, Шпанија. Audi 50 и VW Polo беа први германски автомобили од градската класа, со попречно вграден мотор и преден погон.