за

Seat Leon Cupra: Шпанскиот GTI го има рекордот на Нирбургринг

Најмоќниот сериски Leon во историјата постави рекорд на патеката во Нирбургринг за возила со преден погон. Со време под осум минути Leon Cupra е побрз и од Aston Martin DBS и Porsche Cayman S.

Рекордите на Нирбургринг продолжуваат да паѓаат. Seat Leon Cupra со 280 КС постави рекорд како најбрз автомобил со преден погон што досега ја извозел патеката во Зелениот Пекол, како што Германците од милост ја нарекуваат нивната престолнина на мотоспортот. Со време од 7 минути и 58,4 секунди, Leon Cupra е цели десет секунди побрза од досегашниот рекордер Renault Megane RS Trophy.

Зад воланот се најде ѕвездата на Seat во шампионатот со туристички автомобили Жорди Хене, возејќи ја дваесеткилометарската патека со просечно 155 километри на час и постигнувајќи максимално 242 километри на час. За рекордот се користеше стандарден модел, опремен единствено со гуми Michelin Pilot Sport Cup 2.

Постигнатото време под осум минути значи дека Cupra е побрза и од некои многу поскапи и посилни модели, како Aston Martin DBS, Porsche Cayman S, Audi R8 V8 и RS4.

Leon Cupra е најбрзиот сериски модел во историјата на шпанската марка. Под хаубата работи дволитарски TSI со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, со моќност од 280 КС. Во комбинација со шестстепен менувач со двојна спојка, лутиот компакт забрзува до сто за 5,7 секунди и вози до електронски дозволените 250 километри на час.

Рекордот на Cupra може наскоро да падне имајќи го на ум новиот Civic Type R, за кого што инженерите на Honda веруваат дека е уште побрз од шпанскиот соперник. Повеќе детали за серискиот Type R ќе следуваат утре, по претставувањето на концептниот автомобил во Женева.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda во освојувачки поход: Студијата Hazumi е идната Mazda2

Нова генерација на Audi TT: Сé е исто и сé е ново