за

Seat Leon повторно вози на сите четири

На салонот во Виена доживеа премиера верзијата на Leon ST со погон на сите тркала. Компактното комби ја носи ознаката 4Drive и доаѓа со петтата генерација на системот Haldex.

Многумина го сметаат за најубаво комби во компакт класата, а отсега тоа ќе биде и едно од најфункционалните. Seat Leon ST стартува со продажба во април со дизелски мотор со 105, а неколку месеци подоцна и со TDI со 150 КС. Постојаниот погон на сите тркала во Leon ST 4Drive се смета за еден од најнапредните и најефикасни системи на пазарот, со нова повеќеламелна спојка со хидраулично дејство и електронска контрола. Во интерес на поправилна распределба на тежината, спојката е поставена на крајот на карданското вратило пред задниот диференцијал. Во внатрешноста на спојката се наоѓа пакет од ламели потопен во масло. Металните фрикциски прстени се поставени во пар еден зад друг – по еден прстен е цврсто влежиштен со куќиштето на спојката која што ротира заедно со карданското вратило, а другите два прстени се споени со погонското вратило до задниот диференцијал.

Leon прв пат возеше со погон 4х4 во 1999 година со верзијата 1.8 20V со 180 КС

Во нормални услови силата на моторот се пренесува во најголем дел на предните тркала. При пролизгување на тркалата, моќноста за неколку милисекунди се пренесува назад безстепено. Клипот го притиска пакетот ламели едно кон друго под дејство на хидраулика, а притисокот на маслото што е потребен за тоа се создава во електрична аксијална клипна пумпа и може да достигне до 400 бари. Во петтата генерација на системот Haldex, спојката повеќе не поседува сад за притисок, што овозможува покомпактна конструкција, воедно овозможувајќи и заштеда во тежината од 1,4 килограм. Верзијата на Leon со погон на сите тркала дополнително поседува и електронска блокада на диференцијалите на обете оски, како и попречна блокада XDS напред и назад.

Во почетокот Leon ST 4Drive ќе се нуди со TDI со 105 и 150 КС. Системот старт-стоп е во серија, исто како и повратокот на енергијата при сопирање, заради дополнителна штедливост. Погонот на сите тркала не одзема простор во багажникот, така што моделот 4Drive поседува волумен од 587 литри, исто како и обичната верзија на компактот. За предмети долги до 2,5 метри постои можност за соборување на совозачкото седиште.

За Leon ST 4Drive се достапни трите нивоа на опрема Reference, Style и FR. Во почетното ниво следуваат клима уред, радио со дисплеј на допир, електрика на прозорците и на ретровизорите, верзијата Style додава алу-бандажи од 16 инчи, дисплеј во боја, кожа на воланот и темпомат, додека FR го нагласува спортскиот изглед и дополнително поседува спортски дотерано подвозје, со можност за избор на профил на возење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што открива издувната цевка за автомобилот?

Санта Каталина е островот на автомобилските џуџиња