за

Seat забележа профит за првпат по 2008 година

Растечката продажба и збогатувањето на моделската понуда придонесоа Seat лани да забележи профит за првпат по седум години. Seat потврди дека в година пристига уште еден кросовер, покрај Ateca.

Шпанската марка ја заврши ланската деловна година со профит од 6 милиони евра, наспроти загубата од 66 милиони евра во 2014 година. Растот во продажбата и повисокиот удел на моделите од повисоките класи во вкупната продажба придонесоа Seat да забележи рекорден промет во ланската година, кој со 8,3 милијарди евра е двојно повисок во споредба со 2009 година. Заработката по возило се зголеми за 3,5 проценти, повторно како заслуга на тоа што повеќето купувачи се решиле за поскапите модели на марката.

Продажбата на Seat Ateca почнува летово
Продажбата на Seat Ateca почнува летово

Продажбата на Seat е во нагорна линија веќе трета година, што меѓу другото се должи на заздравувањето на пазарите во Шпанија и Италија, солидните продажни резултати во Мексико и стандардно добрата продажба на главниот пазар на марката, Германија. Компактот Leon е најпродаван модел на Seat во ланската година, со 160.900 примероци (+4,4%), пред Ibiza со 153.600 примероци (+2,4%). Ванот Alhambra исто така бележи плус 17,2 проценти во продажбата. Значаен удел во профитабилноста на Шпанците секако има и фактот што во фабриката во близина на Барселона се одвива и производството на Audi Q3.

Seat очекува дека растот ќе продолжи и во оваа година, особено по стартот на компактниот спортски теренец Ateca, како прв модел на марката во овој сегмент. Продажбата на моделот којшто ја дели платформата со новиот Volkswagen Tiguan стартува летово. В година следува уште еден кросовер од понискиот сегмент, кој би требало да прерасне во трет носечки столб на шпанската марка, покрај Ibiza и Leon.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Mitsubishi Space Star стартува со продажба во Македонија

Ценовникот на новиот Renault Megane почнува од 16.290 евра