116
16 shares, 116 points

Scania пред половина век го претстави својот прв мотор V8. Дизелот тежеше колку луксузна лимузина и беше за речиси половина посилен од конкуренцијата. Швеѓаните прославуваат, имаат дури и тропалка за бебиња.

Патиштата стануваа сé подобри, а стопанството бараше побрз транспорт, кога Scania во 1960-те години започна со развој на својот прв мотор V8. Резултатот беше прикажан на салонот за товарни возила во Хановер во 1969 година. Дизелот од 14,2 литри го запрепасти стручниот свет со моќноста од 350 КС. Повеќето камиони во меѓународниот транспорт во тоа време располагаа најмногу со 250 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Осумцилиндарецот тежеше 1.334 килограми. Со нови материјали и бројни нови технологии, денешниот 16,4-литарски V8 тежи исто, но е двојно посилен и располага со помошни системи кои биле незамисливи пред половина век.

Карактерот на моторот не е сменет, остана и препознатливиот звук на V8

На првиот V8 на Швеѓаните му беа потребни 1.500 вртежи за да произведе вртежен момент од 1.245 њутнметри. Денешниот топ-модел, располага со моќност од 730 КС, а максималниот вртежен момент од 3.500 њутнметри ги испорачува уште при 1.000 вртежи. Во поглед на потрошувачката, двата мотори се како од различни светови.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предноста на V8 е во тоа што е покус и обично понисок, така што е поедноставно да се смести под возачката кабина отколку линиски шестцилиндарец. Покрај тоа, коленастото вратило е покусо и поиздржливо, отколку долгото коленасто вратило кај шестцилиндарските мотори.

Сегашниот мотор е претставен во 2017 година. Инженерите посебно се погрижија да го нагласат типичното „брборење“ на V8, преку модифицирање на издувните гранки. Покрај топ-моделот се нудат и изведби со 520, 580 и 650 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Scania прославува и во онлајн-продавницата може да се најде сé, од стилски пакет за камионите, до колекција облека и прибор со знак на V8, вклучувајќи часовници, бебешки тропалки, па дури и калап за мраз. Фановите нема да пропуштат да го преземат оригиналниот звук на мотор V8 како тон за телефон.

Линк до онлајн-продавницата на Scania

https://shop.scania.com/

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

116
16 shares, 116 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *