за

Samsung SDI со нова генерација батерии: 500 километри за 20 минути

Корејскиот производител најави нова генерација батерии што располагаат со поголема енергетска густина и намалени внатрешни отпори, овозможувајќи досег до 600 километри. При приклучување на брз полнач, за само 20 минути се полни енергија за следните 500 километри. Samsung SDI ќе стартува со испорака на новите батерии во 2021 година.

Samsung SDI на салонот во Детроит претстави батерии со висока енергетска густина, коишто се полнат до 80% од капацитетот за 20 минути и овозможуваат досег до 600 километри. Покрај тоа, корејскиот производител претстави и усовршени батерии од актуелната генерација, коишто се 10% полесни и со помалку компоненти.

При приклучување на брз полнач, новите батерии на Samsung SDI ќе овозможат за време на 20-минутна пауза при патување на подолга релација да се „наполни“ енергија за следните 500 километри. Оваа голема пресвртница во развојот се должи на новите технологии во користењето на материјалите, со коишто се намалуваат внатрешните отпори во батериската ќелија. Сериското производство е предвидено да стартува во 2021 година.

Производителите на автомобили сé почесто набавуваат готови батериски модули

Уште еден новитет од корејскиот гигант е интегрираниот батериски модул, кој место конвенционалните батерии со 12 ќелии со капацитет меѓу 2 и 3 киловатчасови, располага со повеќе од 24 ќелии и капацитет меѓу 6 и 8 киловатчасови. Предности се и намалениот број на компоненти и пониската тежина. Производителите на автомобили сé почесто набавуваат комплетни батериски модули, место одделни батериски ќелии и со овој чекор Samsung SDI го следи трендот во браншата.

Лани во август, компанијата ја отпочна изградбата на фабрика за автомобилски батерии во Унгарија, како трета точка во производствената мрежа, покрај Кореја и Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Picanto со премиера на салонот во Женева во март

Моделското семејство на Porsche 911 доби принова