за

Samsung гради трета фабрика за батерии за електрични автомобили

Samsung ќе гради фабрика за батерии за електрични автомобили во унгарскиот Год. По две години, од фабриката покрај Будимпешта ќе почнат да излегуваат батерии за 50.000 автомобили на годишно ниво.

Концернот Samsung во Унгарија гради фабрика за изработка на батерии за електрични автомобили вредна 325 милиони евра. Планот е производството во Год, во близина на Будимпешта, да започне во есента 2018 година. Сестринската компанија SDI, којашто е специјализирана за батерии за електромобили во рамките на концернот, ќе произведува со годишен капацитет за 50.000 возила со погон на струја. Светскиот гигант предвидува експлозивен раст во продажбата на електрични автомобили, поради што претпријатието инвестира огромни суми во производство во Европа, со цел да се зајакне присуството на Samsung на континентот.

Во фабриката во Унгарија ќе се произведуваат батериски ќелии, но и комплетни батериски модули за електрични автомобили. Год е оддалечен 25 километри северно од Будимпешта, на терен што веќе им е добро познат на Јужнокорејците. До 2014 година, тука се произведуваа панели за плазма екрани и дисплеи за мобилни телефони, исто како и комплетни плазма телевизори. Фабриката за батерии практично се вселува во постоечкиот објект, што ќе му донесе голема заштеда на SDI.

Батериите од SDI се вградуваат во електричните модели на VW, Jaguar и Fiat

Унгарија е избрана како трета локација за батерии за електромобили, покрај Улсан во Јужна Кореја и Ксијан во Кина, поради тоа што му овозможува на Samsung директно да го опслужува регионот. Батериите од Samsung, односно од сестринската фирма SDI, се вградуваат во електричните автомобили на Volkswagen, Jaguar, BMW и Fiat.

Главен конкурент на Samsung SDI се LG Chem и Panasonic. Јапонскиот концерн Panasonic ја гради гига-фабриката за батерии во Невада заедно со Tesla Motors, како најголема фабрика за литиум-јонски батерии, со капацитет за половина милион електромобили годишно. Tesla Motors најави дека ќе гради фабрики и во Азија и Европа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јубилеј на бестселерот на Škoda: Дваесет години од првата Octavia

Најголеми трошаџии меѓу електричните модели: Истражување на Auto Bild