126
17 shares, 126 points

Автомобилите викендов мируваат. Едно од најголемите технолошки достигнувања на човештвото, ниту овојпат не е загрозено. Тие функционираат и натаму, во понеделник, во пет часот наутро, кога државата пак ќе се пушти во движење, моторот ќе стартува исто толку послушно, како при последното возење. Во опасност е човекот, тој што ги конструираше и произведе автомобилите, што развиваше технологија и ги усовршуваше знаењата до ниво на наука. Тоа е еден парадокс, колку кревко суштество е човекот, а колку се робустни (и речиси) неуништливи неговите дела.

Автомобилите ќе ни бидат потребни уште веднаш во понеделник, откако ќе заврши ова седење во место, како нов вид на борба против непријателот. Друго прашање е, какви и колкави промени ќе донесе кризата кон којашто нé води пандемијата од корона. Во салоните за автомобили, луѓето веќе подолго време не „наминуваат“. Но, автомобилите уште се таму и чекаат, светот да се врати во нормала. Нив, вирусот не ги погодува.

Изведовме една виртуелна прошетка низ салоните на неколку автомобилски марки кај нас. Нé интересираше кои модели се изложени во салоните, да добиеме претстава како во моментов изгледа во автомобилските салони, додека луѓето се „далеку“. Така го создадовме овој преглед, кој ќе нé радува да го привлече вашето внимание и да придонесе барем за неколку мигови да се скуси чекањето викендов.

Колку чини најскапиот автoмобил што моментно е изложен во салоните и што тој треба да понуди да ја оправда цената?

Првото прашање во овој вид прегледи обично се сведува на истото: Кој е најскапиот автомобил во салоните на шесте марки во нашиот прилог? Тоа е Audi Q8 50 TDI, со цена од 109.900 евра. Околу една третина од оваа сума отпаѓа на дополнителната опрема, иако станува збор за знаменосецот во понудата од СУВ-модели на марката, на кого сосем сигурно не му недостига опрема во стандардната изведба. Само набројувањето на дополнителната опрема опфаќа педесетина редови, за на крајот да се дојде до сума од 2.169.690 денари или околу 35.000 евра. Тоа е исто колку Q2, кој е на само неколку метри оддалеченост во салонот.

Цената е акциска, конкретно за овој салонски примерок на Q8. Редовната цена е 129.251 евра, што значи дека попустот што Порше Македонија го нуди за овој модел изнесува 19.351 евра. Колку еден солиден и семеен компакт, точно толку.

Од ставките во дополнителната опрема, најмногу отпаѓа на панорамскиот стаклен покрив (133.610 денари), на системот од камери што создава преглед од 360 степени околу возилото (99.138 денари), спортскиот пакет за надворешност S-Line (168.020 денари, вклучувајќи посебен дизајн на бранциите, спојлер назад, алуминиумски додатоци и сл.), но и на спортскиот пакет S-Line кој зафаќа и во самото возење (со пневматска амортизација и бандажи од 21 инчи со гуми 285/45, спортски седишта, црн плафон, посебен дизајн на внатрешноста, спортски волан и др. за вкупно 550.622 денари) и на пакетот технологија. Само последнава ставка чини 749.332 денари, што е исто колку Polo, а во цената се вклучени: Арматурна табла обложена со кожа, матрични светла, серво-мотори за затворање на вратите, аудиофилско озвучување Bang & Olufsen, плус цела армада од системи за асистенција, вклучувајќи радарски темпомат и друго.

Најповолниот модел во овој виртуелен преглед пристига од Toyota; Знаеме дека марката нуди квалитетни, издржливи, практични автомобили, хибридни автомобили, но зошто не ја спомнуваме и услугата што е голем дел од името Toyota?

Тоа е веќе автомобил во друга димензија, кој и самиот чини колку луксузен стан. Назад во секојдневието нé враќа модел на Toyota. Како „изненадување“, марката произведува и автомобили што не користат хибриден погон. Најдостапниот автомобил во прегледот пристига од Toyota, којашто со тоа нé потсетува на останатите доблести во името: Квалитет, издржливост, практичност итн. Конкретниот модел е Yaris 1.0 со 72 КС и ниво на опрема Terra. Акциската цена на овој салонски примерок изнесува 10.790 евра или 1.200 евра под редовната.

Моделот во салон е во платинум-бронза боја, којашто стана популарна откако беше воведена кај Corolla. Колку што во механиката сé е изведено според стандардите на Toyota, толку и во опременоста нема пропусти. Ретровизорите поседуваат грејачи, сé е лакирано. Мануелната клима стандардно поседува филтер за полен, со радиото се ракува и преку копчињата на волан. Нема нешто да недостига, дури и кожа на воланот е вклучена, има седум воздушни перници. Истото важи и за блутут – тоа се „ситни“ детали, но непријатно е кога возачот отпосле ќе открие дека недостига. Контрола на стабилност, електрика на прозорци, централна брава, висинско местење на возачко седиште, сето тоа веќе одамна е пропишано како стандард.

Актуелната моделска постава во салонот на Toyota
  • Yaris 1.0, со 72 КС и ниво на опрема Terra, по редовна цена од 11.990€, со промотивна понуда за 10.790€
  • Corolla 1.2 Turbo со 5 врати, со 116 КС и ниво на опрема Executive, по редовна цена од 21.440€, со промотивна понуда за 18.921€
  • Corolla 1.8 Hybrid Touring Sports, комби, со 122 КС и ниво на опрема Executive, по редовна цена од 27.440€, со промотивна понуда за 24.191€
  • Corolla 1.8 Hybrid Sedan, лимузина, со 122 КС ниво на опрема Business, по редовна цена од 24.930€, со промотивна понуда за 21,267€
  • Camry 2.5 Hybrid, лимузина, со 218 КС и ниво на опрема Luxury, по редовна цена од 41.990€, со промотивна понуда за 37.871€
  • C-HR 2.0 Hybrid, кросовер, со 180 КС и ниво на опрема Club Bi-tone, со погон 2WD, по редовна цена од 31.690€, со промотивна понуда за 28.521 €
  • RAV4 2.0, СУВ, со 175 КС и ниво на опрема Dynamic, со погон AWD и менувач CVT, по редовна цена од 36.990€, со промотивна понуда за 31.562 €

Кај Toyota, всушност, се нуди пред сé услуга. Под услуга се подразбира и точна и корисна информација. Кредитот на пример. Во описот на моделот се наведува дека учеството за конкретниот салонски Yaris изнесува 2.314 евра, месечната рата е 107 евра при отплата на 95 месеци, за каско осигурување со франшиза од 50 евра се плаќа половина од сумата во првата година, односно вкупно 84 евра. Уште една услуга: Пресметани трошоци за одржување. Редовен сервис на 10.000 километри ќе чини 5.830 години, на 20.000 километри следи сервис за 7.903 денари… или по 100.000 километри, вкупно за редовно сервисирање ќе бидат потребни 102.445 денари. Повеќе корисна информација од тоа, па не постои.

Toyota C-HR прва ги привлекува погледите, но со 2.0 Hybrid го привлекува и вниманието на спортските возачи

Моделот што прв привлекува внимание од оваа салонска постава, секако е освеженото годиште на C-HR, кој освен во „класичната“ хибридна изведба со 1,8-литарски бензинец, сега е достапен и со дволитарец, со системска моќност од 180 КС и со спортски аспирации во „мозокот“ на хибридот. Нормално, изложен е таков примерок, со двобојна каросерија, со комбинација од огнено црвена и црна боја – патем, нека биде уште пофалба за Тојота Авто Центар, тоа што го преведува името на боите.

Кросоверот е со средното ниво на опрема, Club, со акциска цена од 28.521 евра, што е близу 3.200 евра под редовната цена. Моделот во принцип поседува повисоко ниво на опрема и од некои СУВ-модели во класата и многу е попрегледно да се наведе тоа што следи дополнително во највисокото ниво на опрема Cult: Пристап и старт без клуч, посебна графика на задните диодни светла, грејач во воланот, украсна лајсна во боја и климатизација со јонизатор. Сето останато е веќе вклучено во опремата на салонскиот C-HR.

Општа претстава е дека Toyota оди строго на хибриден погон и многумина би очекувале едноличност во понудата. Но, моделскиот микс од изложените автомобили го покажува спротивното. Седумте автомобили во салонот имаат шест различни мотори. Yaris вози со еднолитарец, Corolla во изведбата со 5 врати има 1,2-литарски турбо, Camry вози со 2,5-литарски хибрид, RAV4 има дволитарски атмосферски бензинец (!), C-HR е со новиот дволитарски хибрид со 180 КС, единствено комбито Corolla Touring Sports и лимузинската Corolla користат ист погон, 1,8-литарскиот хибрид со 122 КС.

Со близу 5 проценти, Suzuki на македонскиот пазар постигнува петпати повисок удел отколку на германскиот или други големи пазари во Европа

Поимот хибрид во последно време се спомнува сé почесто и кај Suzuki. Таму работи благ хибрид. Главната задача ја има стартер-генераторот, како замена за стартерот (анласер) и за алтернаторот, но воедно и со дополнителна функција на електромотор. Станува збор за основниот вид на електрификација на погонската спрега, затоа што „електромоторот“ во овој случај не може сам да го движи возилото, туку може само да му асистира на моторот и на тој начин да придонесе за намалување на потрошувачката и емисијата.

Идејата е во тоа да се искористи кинетичката енергија на возилото, при запирање, забавување или на надолнина. Оваа енергија, што инаку се претвора во топлина при триењето во сопирачките и истата преоѓа неискористено во средината, кај благиот хибрид на Suzuki служи за малечката и достапна батерија да наполни енергија. Таа се користи при поаѓање или за одржување на брзината. Заштедата, генерално земено, не е како кај полниот хибрид на Toyota, но сосем е доволно. На нашиот тест на Swift, постигнавме просек од околу пет литри во град, без какво било откажување од динамиката на возењето.

Токму оваа „едноставна“ и достапна штедливост, во комбинација со имиџот на издржливост и висока противвредност, му донесоа на Suzuki пазарен удел од околу 5 проценти. Со околу 300 продадени автомобили лани, тоа значи дека јапонскиот специјалист за мали автомобили и погон на сите тркала, на македонскиот пазар постигнува петпати поголем удел отколку во Германија или други големи пазари во Европа. Миркат очекува нов контингент возила веќе во понеделник, кога меѓу другото пристигаат неколку примероци од хит-моделот Jimny, новите варијанти со хибриден погон во гамата на Vitara и S-Cross, како и освеженото моделско годиште на Ignis, исто така со благ хибриден погон, но и со погон на сите тркала, што е реткост во неговиот сегмент. Од почетокот на месецов, патем, увозникот на Suzuki има испорачано три возила. Нема прекин во мрежата на дистрибуција и намалена е динамиката на продажба, но барем не е сведена на нула, што е случај кај некои увозници во овие тешки времиња за браншата.

suzuki ignis hybrid

Во салонот моментно се изложени четири автомобили: Компактниот СУВ-модел Vitara со 1,4-литарски турбо со 140 КС и ниво на опрема GL+ во изведба со погон напред (со акциска цена од 16.990 евра, што е меѓу најповолните понуди на пазарот), кросоверот S-Cross со истиот мотор, со истата погонска конфигурација, со истиот пакет на опрема и со акциска цена од 18.500 евра, како и Swift со ниво на опрема GLX (акциска цена 14.500 евра) и Ignis во ниво GL+ (акциска 12.640 евра), двата во верзијата SHVS со благ хибриден погон.

Еден од моделите што е релативно нов и што во нормални услови би предизвикал желба да се погледне во живо кај ентузијастите и заинтересираните купувачи, се наоѓа во салонот на Seat. Големиот СУВ-модел Tarraco му парира на братот од концернот, Kodiaq, но секако настапува со различен и препознатлив стил за шпанската марка. Во салонот е изложен само еден примерок, но „вреден“. Изведбата е Tarraco 2.0 TDI, со 150 КС, менувач DSG со седум степени и ниво на опрема Xcellence, со погон на сите тркала. Акциската цена за конкретното возило изнесува 39.500 евра или околу 5.000 евра под редовната цена. Од дополнителната опрема, салонскиот Tarraco поседува кожени седишта, озвучување Beats, панорамски сончев покрив и бандажи од 20 инчи со гуми 235/45, плус каросерија лакирана во ексклузивна темно зелена металик боја.

Порше Македонија прв ги воведе онлајн-услугите на македонскиот пазар, како еден вид заштитна мерка во актуелната ситуација со корона-кризата

Порше Македонија, како одговор на актуелната ситуација, премиерно воведе онлајн-услуги на нашиот пазар, меѓу кои и бонус од 1.000 евра при купување возило онлајн, под лизинг. Тоа значи дека акциската цена се смалува на 38.500 евра, односно шест илјади евра под редовната. Целата процедура се врши онлајн, со идеја клиентите да не се изложуваат на дополнителни контакти. Повеќе детали за тоа на следнава врска.

Покрај Tarraco има две моделски изведби на Leon, двете со спортското ниво на опрема FR, но со разлика во погонот. Едниот примерок има дволитарски дизел со 150 КС и менувач DSG, со каросерија во бел металик лак и акциска цена од 26.350 евра (редовна 29.100 евра). Шпанскиот компакт, кој веќе ја чека замената со моделот од новата генерација, поседува многу дополнителна опрема: Комплетно диодни светла, паркинг сензори, нацигација со дисплеј од 8 инчи, грејачи во седиштата, алу-бандажи од 18 инчи, панорамски стаклен покрив, алкантара на седиштата, спортски волан, озвучување Beats и др. Исто како за останатите модели на залиха, за овој Leon важи онлајн-бонус од 1.000 евра.

Вториот FR е со каросерија во темна виолетова металик боја и има 1,5-литарски бензинец, исто така со 150 КС, со автоматско исклучување на цилиндрите заради штедење и со мануелен менувач. Цената му е 20.400 евра (редовна 23.350 евра), но откако ќе се земе предвид дополнителната опрема што ја нуди овој Leon, мошне е очигледно дека станува збор за понуда со исклучителна противвредност. Опремата е практично иста со дизелскиот FR.

Оваа виртуелна посета на салонот на Seat ја заокружува уште еден хит-модел, Arona во топ-ниво Xcellence, со разумен дизел со 95 КС и комотен DSG – сето во комбинација со каросерија во црвена металик боја, со црн покрив. Акциската цена е 23.450 евра, наспроти редовната цена од 25.800 евра. Од екстра-опремата се вклучени алу-бандажи од 17 инчи, сé останато е стандард.

Skoda Scala со 2.157 евра попуст и акциска цена од 14.800 евра; На тоа може да следат уште 1.000 евра онлајн-бонус

Кај Skoda очигледно било мошне раздвижено до неодамна. Од петте автомобили во салонот, два се резервирани – Superb и Fabia. Салонскиот примерок на Skoda Scala во сива металик боја, под хаубата има мотор 1.0 TSI со 115 КС и поседува ниво на опрема Ambition. Акциската цена изнесува 14.800 евра, односно 2.157 евра под редовната. Новиот модел во понудата на Чесите има солидна дополнилна опрема, што самата вреди над 1.400 евра: Алу-бандажи од 16 инчи со гуми 205/55, мултифункциски кожен волан, радио Bolero, хромирани лајсни, паркинг сензори, двострана покривка во багажникот, Smart Link и металик лак.

Scala уште е во меѓупериодот што е вообичаен за моделите кои првпат се воведуваат во понудата на марките. Голема е веројатноста дека во некоја блиска иднина ќе следи поголем продажен бум, но мора прво да мине периодот на „привикнување“, кој дополнително е чувствителен поради актуелната ситуација. Поттик ќе даде и новата Octavia, којашто се позиционира повисоко од претходно, па со нејзиното пристигање повторно ќе се воспостави балансот меѓу одделните модели во понудата на Skoda. Интересно се можностите со онлајн-прегледот на лагерот од возила. Моментно на лагер има девет примероци од Scala, за секој од нив се комплетно наведени податоците околу погонот, опремата и опциите, како и лизингот.

Моделската постава на Skoda ја заокружуваат два СУВ-автомобили, Karoq и Kodiaq. Првиот е во изведба со 1.6 TDI со 115 КС и цена од 21.300 евра (редовната цена е 24.460 евра), додека големиот СУВ вози со дволитарски TDI со 150 КС, со менувач DSG погон на сите тркала (акциска цена 33.600 евра, редовна цена 39.477 евра). Сите модели во салонот се во нивото Ambition, со различни ставки од дополнителната опрема.

Начинот на мерење на потрошувачката на плагин-хибридите, прави Passat GTE да биде најштедлив автомобил во овој преглед

Кај Volkswagen, носечката марка на концернот, впечатокот е дека сите работи моментно се вртат околу носечкиот модел на марката, Golf 8. Тоа се потврдува во дел со фактот што изложениот примерок од новата генерација е резервиран. Но, има уште многу важни случувања кај Volkswagen. Најштедливиот автомобил, според фабричките ветувања, од сите автомобили што ги опфативме во нашата виртуелна посета на салоните, не е модел на Toyota, како што прво се очекува, туку кај Volkswagen. Понатаму, не станува збор за Up или можеби Polo, туку за еден од најголемите, Passat.

Во Велес практично ни излезе резервирано бесплатно место за паркирање, па и бесплатно користење на полначот

Ситуацијата ја разјаснува еден мал, но важен додаток во името, GTE. Според фабричките мерења, Passat GTE во првите сто километри по поаѓањето со полна батерија ќе потроши 1,6 литар гориво – така предвидуваат нормите за возилата со плагин-хибриден погон. Со полна батерија, лимузината минува до 50 километри. GTE беше на тест во нашата редакција и како одличен доказ за способноста на оваа погонска варијанта, се покажа минувањето на релацијата Велес-Скопје само со погон на струја. На овој пат, надолнината по поголемиот дел од автопатот до Катланово „произведе“ енергија, со којашто се надополни батеријата.

Настрана импресивната опрема и традицијата што ова моделско име ја ужива на сцената, најважната бројка и во овој случај е цената. Порше кажува 39.900 „акциски“ евра или 9.903 евра под редовната цена. Тука јасно станува збор за стратегија, со којашто се поставија основите за веќе напреднатата фаза на електрификација на моделската понуда на Volkswagen. Во цената се вклучени и екстра-ставки од опремата, од типот на матрични светла, навигација, We Connect Plus со тригодишна важност, комплет системи за асистенција, камери за 360 степени и друго. GTE е во манган-сива боја на каросеријата, алу-бандажите се од 17 инчи. Поглед во онлајн-приказот покажува дека моментно има залиха од три плагин-хибридни „пасати“. Во самиот салон, патем, се изложени уште две изведби на Passat, двете со TDI со 150 КС и ниво Business, но со разлика во менувачот. Варијантата со мануелен менувач чини 29.200 евра (редовна 36.585 евра), таа со менувач DSG се изнесува од салон за 34.000 евра (редовна 42.510 евра).

Стилскиот Volkswagen Arteon со ламинирано стакло во предните врати заради дополнителна звучна изолација

Другата ѕвезда од истиот ранг во салонот на Volkswagen, моментно не користи плагин-хибриден погон, туку привлекува повеќе со стилот. Станува збор за купе-лимузината Arteon, на местото на славниот CC, како знаменосец во не-СУВ понудата. Стилот дополнително го нагласува R-Line, заедно со уште неколку впечатливи ставки. Акциската цена изнесува 43.900 евра, наспроти редовните 55.081 евра, што значи дека попустот кај Arteon е дури и поголем отколку кај Passat GTE. Каросеријата е лакирана во црна металик боја, внатрешноста е титаниум црна. Моторот е 2.0 TDI со 190 КС, менувачот е DSG. Една ставка од екстра-опремата укажува со каква идеја е конфигуриран овој примерок: Пакет акустика, кој подразбира дополнително намалување на шумовите во кабината и ламинирано стакло во предните врати.

Покрај трите изложени примероци од T-Cross со мотор 1.0 TSI со 115 КС и со цени во дијапазон од 18.900 евра за варијанта со мануелен менувач и цена од 23.200 евра со менувач DSG, заедно со неколкуте „задолжителни“ ставки дополнителна опрема, магнет за вниманието е кросоверот T-Roc. Овој модел исто така беше на тест во редакцијата лани и докажа многу јасно дека Volkswagen умее и во класата на Golf да изведе стилски впечатлив и самоуверен дизајн. За разлика од тогашниот 1.6 TDI на тест, овој вози со дволитарски дизел со 150 КС и во акциската цена од 29.900 евра (редовна 35.543 евра) вклучува уште менувач DSG, ниво на опрема Style и „вкусна“ куркума-жолта боја на каросеријата со црн покрив, инаку вредна за 847 евра доплата. Изобилството од дополнителна опрема веќе се подразбира во понудата на Порше, сé е точно наведено на веб-страницата со возилата на лагер.

Од салонот на Volkswagen „излегуваме“ со бело Polo 1.0 TSI Comfortline, со 95 КС и акциски 14.200 евра, со попуст од 2.061 евра. Радио со дисплеј од 8 инчи, магленки, клима уред, мултифункциски волан и потпирач за рака напред се вклучени во цената. При случување договор за лизинг, следи онлајн-бонус од 1.000 евра. Месечната рата изнесува 160,18 евра, отплатата е на 72 рати, учеството е 30%, односно 3.960 евра. За автомобилот да се изнесе од салон е потребно да се плати 4.285,18 евра. Потоа се отплаќа рата по рата.

Назад, до марката од почетокот на оваа виртуелна обиколка, како единствена форма за посета на салоните во овие времиња. Само името Audi A6 Design 50 TDI Q Tiptronic кажува повеќе од половина од приказната. Лимузината во црна боја, со внатрешност во отмена беж боја, го има истиот трилитарски дизел со 286 КС како Q8 и редовно чини 84.850 евра. Со акцискиот попуст се доаѓа до цена од 72.200 евра. Од опциите, секако дека прва ставка што се забележува се бандажите од 19 инчи со 10 краци. Повеќето од надворешните обележја, исто како и главниот стил во кабината, претставуваат дел од изведбата Design.

Две од возилата се резервирани, А3 и A8, а покрај нив се изложени уште Q5 со дволитарски дизел со 190 КС, менувач s-tronic и изведба Sport, за 58.500 евра, A4 40 TDI, исто така со дволитарски дизел и менувач s-tronic, за 43.900 евра и Q2 со 1.6 TDI со 116 КС, ниво Sport и менувач s-tronic, со акциска цена од 34.450 евра.

Технолошкиот напредок во автомобилското производство не го одминува нашиот пазар; Во иднина се можни неколку корекции на правецот на индустријата

Овој виртуелен преглед на неколку од најактивните марки на автомобилската сцена, само уште еднаш го потврдува фантастичниот напредок што го има постигнато технологијата општо во браншата. Тој напредок (речиси) непречено пристига и на нашиот пазар, без разлика дали се работи за престижниот сегмент, во којшто цените надминуваат шест бројки, или за тој што е најинтересен за секој пазар, не само за македонскиот, за сегментот во којшто автомобилите се најдостапни.

Многу работи се менуваат уште сега, а многу допрво ќе почнат да се менуваат. На автомобилската индустрија веќе ѝ се предвидува следниот тренд: Конструирање и производство на нови генерации автомобили, што ќе бидат првенствено подостапни, а дури потоа технолошки авангардни.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

126
17 shares, 126 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *