150
26 shares, 150 points

Возењето Rolls-Royce Phantom не може да се смета како посебно возачко доживување, затоа што тука и нема што да се доживее од вообичаеното возачко искуство. Не изненадува тоа што „ролсопоседниците“ имаат практика да ги ангажираат своите шофери за барем полчасовно возење секој ден, за уживање во спокојството што го нуди со право најдобриот автомобил во светот.

Секој има различен одговор на прашањето, во што ужива најмногу во возењето. Едни ќе кажат дека бркањето по свијоци им причинува најголемо задоволство, за други нема ништо поубаво од релаксирање на задната клупа како во спа-центар. За овие вториве нема двоумење. Подобро место од задната клупа во Rolls-Royce Phantom не постои.

Папите се менуваат почесто од генерациите на Rolls-Royce Phantom

Никој не си дозволува да го оспори тврдењето на производителот дека Phantom е најдобриот автомобил во светот. Најскап и најредок, исто така. Кога нова генерација на моделот се појавува по цели 14 години, цел свет зборува за неа. Дури и папите се менуваат почесто.

Исклучително ретка појава е Rolls-Royce Phantom да се види на улица. Повеќе шанси има спортски автомобил да се здогледа пред кафуле или додека парадира по улица, за да привлече внимание

Првото возење се случува покрај езерото Фирвалдштетер. Швајцарија е природен биотоп за автомобилите од сортата Rolls-Royce. Лани во земјата бил регистриран по еден Rolls на секои 187.000 жители. Тоа е повеќе отколку на кој било друг поголем пазар за автомобили во светот.

Тука не важат стандардните критериуми за оценување, како моќност, комфор или опрема

За овој колос од 5,76 метри да се доживее вистински, потребно е да се исклучат сите критериуми за оценување што се вообичаени кај секојдневните автомобили. Ниту на купувачите не им е важно колку коњски сили работат под хаубата или дали во опремата се вклучени грејачи во седиштата. Најважно е да биде Phantom. Повеќето сопственици на автомобилот го препуштаат местото зад воланот. Тоа е работа на шоферот. Rolls-Royce покажува големо разбирање кон професионалните возачи. Доколку Phantom беше подолг за само 18 милиметри, шоферите во Кина ќе мораа да полагаат за камион.

Сопствениците на овие асфалтни јахти повеќе се интересираат дали ладилникот ја одржува температурата на шампањот за финото друштво на фотелјите назад. Повеќето од нив не знаат колку чинел нивниот Phantom, за такви споредни работи како што е плаќањето сметки, задолжен е персоналот.

Секој ролсопоседник има специјални желби. Новиот Phantom има и специјално подрачје за исполнување на тие желби. Просторот со должина од 80 сантиметри во арматурната табла се нарекува „галерија“ и служи како простор за сместување на уметничките креации. Без разлика дали станува збор за релјефи, слики, колажи или каква било креација по замисла на сопственикот, тука е нивното место. Делото е најдобро видливо кога мониторот за навигацијата е исклучен. Во тој случај, добро е шоферот да ја има вчитано целата навигациска карта в глава.

Дефиниција за Rolls: Не смее да постои напрегање, ниту за техниката, ниту за човекот

Еден од суштинските поими зад марката Rolls-Royce е зборот „effortless“, без напрегање. За моторот со 571 КС, на пример, не претставува напрегање да ги задвижи повеќе од 2,5-те тони на возилото. Дванаесетцилиндарецот не реагира веднаш, како во спортски автомобил, туку му остава на возачот време за размислување дали навистина бара брутално забрзување, секогаш кога посилно ќе притисне врз педалот.

Возачот тука не може да избира спортска или комфорна работа на подвозјето или на погонската спрега. Фабриката се погрижила возилото да обезбеди максимален комфор во секаква ситуација, друго не се бара

Мотото „без напрегање“ важи и за ракувањето. Избор на модусот на подвозјето или на работата на амортизацијата не постои. Според производителот, тоа би влијаело врз тежнеењето да се постигне максимално ниво на комфор во секакви ситуации и услови. Не постои било каква опција за местење, сé функционира автоматски, со најголемите воздушни „мевови“ што досега се вградени во автомобил.

Традицијата е тука: Пречникот на воланот не отстапува од стандардните 42 сантиметри

Посебноста на возењето Phantom не се состои во тоа, најпознатата фигура во историјата на автомобилизмот да се има постојано во видното поле. Воланот со намерен старински дизајн има подебел обрач од порано, но пречникот е непроменет, на стандардните 42 сантиметри.

Може да се претпостави колкави сили мора да произведува сервоподдршката на управувањето за да ги придвижи предните тркала, врз коишто тежат 310-те килограми на 6,8-литарскиот мотор. Како данок за тоа, во управувањето отсуствува речиси секаква повратна информација за тоа што се случува меѓу тркалата и асфалтот. Директноста и прецизноста не се проблем. При развојот долго се дискутирало дали да се користи погон на сите тркала. Но, идејата на крајот била напуштена, поради тоа што врз предната оска би натежнале уште стотина килограми.

Задните тркала се закосуваат за три степени заради скусување на кругот на вртење

За кругот на вртење да не изнесува колку ширината на фудбалски терен, задните тркала се вртат за три степени. Класичниот тест на Rolls-Royce секако дека важи и натаму. Вибрациите се толку незначителни, што паричка врз попречната шипка врз моторот останува исправена и стабилна, без да се затресе.

Шоферот треба да биде добро наспиен. Зад воланот владее таква смиреност, што во спротивно шоферот веднаш би се препуштил на дремка. Сигурносните стакла дебели по 6 милиметри не пропуштаат звуци однадвор, повремено може да се начуе зуењето на некој од стоте сервомотори или да се насети ефектот од 48-те контролери кои се грижат сета електроника да функционира беспрекорно. По ново, сите 1.344 диоди во таванот можат да се управуваат единечно, така што освен логото на фирмата или семејниот грб може по желба да се прикажуваат и соѕвездија, како Касиопеја или Пегас.

И од Phantom може да се слушнат нормални автомобилски звуци

Утеха за светот е тоа што и Phantom покажува одлики на нормален автомобил. Така може да се чуе како издувните лонци се ладат по динамично возење или да се почувствува дека дното на багажникот е подзагреано од издувот.

Почетната“ цена на Rolls-Royce Phantom за швајцарскиот пазар изнесува 446.250 евра. Реализацијата на специјалните желби на идниот сопственик не е вклучена во цената. Доплатата за верзијата со продожено меѓуоскино растојание чини колку добра лимузина од серијата 5 на BMW, односно цената е 535.500 евра. Тоа нема да ја обесхрабри традиционалната клиентела. Таа почнува да размислува околу цената дури кога ќе се појави уште една нула.

Технички податоци · Rolls-Royce Phantom

  • Должина x Ширина x Висина (m): 5,76 (продолжена верзија 5,98) x 2,02 x 1,66
  • Меѓуоскино растојание (m): 3,55 (3,77)
  • Мотор: V12 турбо, директно впрскување, 6750 ccm
  • Моќност: 420 kW / 571 КС
  • Вртежен момент: 900 Nm при 1700 / min
  • Крајна брзина: 250 km/h (ограничена)
  • 0 до 100 km/h: 5,3 ѕ
  • Просечна потрошувачка: 13,9 L
  • Емисија на CO2: 319 g/km (Euro 6)
  • Празно возило: 2560 (2610) kg
  • Багажник: 548 L
  • Круг на вртење: 13,7 m

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

150
26 shares, 150 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743