за

Rolls-Royce во уште едно „темно издание“ за Гудвуд

Rolls-Royce Dawn Black Badge

Пред повеќе од една година, Rolls-Royce се појави во невообичаено издание. Повеќе невообичаено од вообичаено. Луксузната марка ја претстави серијата Black Badge, наменета за благородници и богаташи од помладите годишта. Нешто како спортска верзија. Сега следува уште еден модел со овој третман.

На салонот во Женева пред една година, Rolls-Royce прикажа сосем нов начин на доживување на луксузот. Марката што е синоним за класика, традиција и одважност, покажа дека има и „темна страна“. Британците го создадоа Black Badge, како специјална изведба за некоја помлада генерација богаташи и благородници. Нивната верзија на Rolls-Royce вози подинамично и изгледа подинамично.

Rolls-Royce Dawn Black Badge 1954

Две моделски серии беа понудени да се изведат во Black Badge, лимузината Ghost и купето Wraith. Шефовите на марката очигледно се задоволни од реакцијата на клиентите, затоа што сега следува и третиот модел, кабриолетот Dawn Black Badge.

Клиентите го бараа „Black Badge“, марката да изработи Rolls-Royce каков што не постоел

Серијата секако дека не е изведена произволно, туку како одговор за купувачите што постојано бараат Rolls-Royce каков што нема направено досега. Премиерата на кабриолетот со „темна страна“ ќе се одржи на Фестивалот на брзината во Гудвуд.

Rolls-Royce Dawn Black Badge 6954

Посебниот ефект на црно е постигнат со повеќе слоеви боја и лак, во постапка којашто Rolls-Royce смета дека е најсложената што досега е изведена на автомобил. Платнениот покрив секако е во црна боја, исто како и кожата врз капакот за него.

„Црниот печат“ е вистинското алтер-его на најдобриот автомобил во светот

Секој детал е изведен во стилот на серијата, па дури и најсветите елементи, како што е Духот на екстазата или Емили и како ли уште е позната заштитната фигура врз маската. За хромираната фигура се користи темен завршен финиш, исто како и рамката околу маската, лајсната на багажникот, издувните цевки и рамките околу отворите за воздух. За контраст, „Double R“ е испишан со сменети бои, како потврда дека овој автомобил е вистинското алтер-его на марката.

Rolls-Royce Dawn Black Badge 2954

Деталите во внатрешноста се изведени уште попедантно. Алуминиумски жици со дебелина од 0,14 милиметар се испреплетени и потоа се вткаени во карбонски влакна. Вака подготвените површини потоа се лакирани во шест слоја, по што следуваат 72-часовно сушење и рачно полирање.

Хромот на деталите во кабината се нанесува во форма на пареа

Користени се и иновативни технологии во изработката. „Физичка депозиција на пареа“ гарантира дека завршниот слој на отворите за воздух во кабината никогаш нема да избледат. Црната кожа е прошарана со портокалови детали, вклучувајќи и лента по целата кабина, којашто треба да асоцира на зајдисонце.

Rolls-Royce Dawn Black Badge 3954

Rolls-Royce Dawn Black Badge 4954

Во конструкцијата на возилото ништо не се менува. Речиси ништо. Единствено е сменет издувниот систем, којшто поседува посебно копче за V12 да се претвори во баритон и „да го најави своето пристигање со авторитет, место со хистерија“. Од моторот се извлечени дополнителни триесетина КС, така што моќноста сега изнесува 601 КС. Чувството на возење во бескраен пренос, како што „малкумина“ го доживуваат Rolls-Royce, во овој специјален примерок е нагласено дополнително со екстра 20-те њутнметри, со кои максималниот вртежен момент достигнува 840 Nm.

Rolls-Royce Dawn Black Badge 5954

Соодветно на барањата на клиентите за поголема динамика, електронскиот ум во „Black Badge“ користи различна стратегија на промена на степените на пренос и на чувствителноста на гасот. На тоа се надоврзува и контролата на електричното сервоуправување, со цел возачот да добие подинамична доза на Rolls-Royce. Третманот го заокружуваат и промените во амортизацијата, заедно со сопирачки по, без нарушување на достоинството во возењето, секако. И без клиентите воопшто да прашуваат околу цената.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Kangoo Z.E.

Renault Kangoo Z.E. доставува товар возејќи на батерии

McLaren 720S

McLaren повторно е главна ѕвезда на спортската сцена