122
25 shares, 122 points

Отсуството на големите марки не останува незабележано на автомобилскиот мондијал во Париз. Просторот што требаше да го пополнат штандови на Fiat, Opel, Ford, Volkswagen и неколку премиум марки, или зјае празен, или пак на него изложуваат непознати производители на малечки автомобили со погон на струја и трговци со најразновиден автомобилски прибор

Сосем очекувано, штандовите на германското премиум-трио Audi, BMW и Mercedes оставаат најубедлив впечаток. Баварците дури го чекаа салонот за првото прикажување на новата серија 3 пред светот, но затоа сите останати салонски премиери претходно имаа онлајн-премиера. А, тие не се малку: Четврта генерација на големиот теренец X5, нов родстер Z4 по двегодишна пауза и купето од серијата 8, како замена за претходната серија 6, но сега официјално член на поширокото моделско семејство околу серијата 7. Луксузното купе имаше премиера во јуни, на 24 часа Леман.

Премиера на серијата 3 на BMW (G20) 14_n

Коментарите околу новата серија 3 најмногу се однесуваат на тоа што мануелниот менувач остана достапен единствено во основните дизели 318d и 320d. Сите останати моделски изведби стандардно доаѓаат со осумстепен автоматик од ZF, вклучувајќи го и спортскиот M340i xDrive, со неговите 374 КС. На возачот не му останува многу од „радоста во возењето“. Но, сé додека постојат вакви критики, добро е. Тоа е знак дека на сцената и натаму ѝ е важно BMW да го нуди најдоброто. Само ако критиките стивнат, баварците ќе имаат причина за загриженост. Што се однесува до автоматикот, тоа сепак е плод на темелно пазарно истражување – повеќето купувачи го бараат тоа.

Вечниот двобој Минхен-Штутгарт се пренесува и во Париз, со паралелните премиери на X5 и GLE

Mercedes има многу „немерцедесовска“ премиера за Париз – семејниот ван B-Class. Но, забелешката може да важи само додека не се погледне новото издание на моноволуменецот на база на A-Class. Секогаш кога станува збор за Mercedes: Да, Славче Таневски има голем удел во дизајнот на страните на каросеријата, таму кадешто новата B-Class отстапи најмногу од невпечатливиот претходник. Ванот сега изгледа подинамично, полесно, по малку и спортски. Истото важи и за новата генерација на Mercedes GLE, кој доживува премиера во исто време и на исто место со X5. Така уште еднаш станува јасно дека двобојот Петуелринг-Унтертиркхајм (или појасно Минхен-Штутгарт) всушност ја движи целата автомобилска сцена.

Mercedes GLE

Стратешки најважните премиери на премиум марките дури и воопшто немаат мотор под хаубата, барем не конвенционален. EQC, електричниот СУВ од подмарката EQ, изработен е врз платформата од GLC и масовно ќе привлекува публика од утрово, кога авто-мондијалот официјално се отвора за јавноста. Audi не остана кус, па во Париз го има електричниот e-tron, уште со остатоци од морска сол на каросеријата, откако имаше премиера пред десетина денови во Сан Франциско.

Електричните СУВ-модели EQC и e-tron се ѕвезди на сцената, само Jaguar молчи задоволно: Нивниот i-Pace веќе вози во приватни раце

Сепак постои уште еден електричен СУВ, или поточно кросовер, кој имаше премиера долго пред e-tron и EQC, а тоа не е Model X. Тој се наоѓа на штандот на Jaguar, под моделското име i-Pace. Првите примероци веќе возат во приватни раце. В година пристига нов знаменосец XJ. Посебен конвој од единаесет историски примероци од осумте генерации на брзата лимузина пристигна во Париз, заради одбележување половина век на моделот. Тоа потсеќа на 1960-те години, кога Сер Вилијам Лајонс, лично го довезол Jaguar E-Type за премиера на салонот во Женева, пристигајќи буквално во последен момент и возејќи „динамично“. Се шпекулира дека новиот XJ ќе вози исклучиво на струја. Официјално, нема потврда.

Jaguar XJ osum generacii Pariz

Изненади присуството на Tesla. Едноставниот штанд со ништо не укажуваше дека на него се случува европска премиера на Model 3. Продажбата во Европа официјално стартува в година, при што се спомнува цена од околу 30.000 евра. Првите примероци сепак ќе чинат многу повеќе, затоа што при пазарниот старт ќе бидат достапни само најскапите моделски варијанти.

Реакцијата на e-Legend води кон заклучокот: Peugeot, направи повторно купе по пример на 504

На салонот во Париз се застапени сите погонски решенија и сите визии, од „обични“ електрични автомобили, до електрични автомобили што користат водород место батерија, од конвенционални дизели, до синтетски горива. Конкретно со последниве, Audi веќе има постигнато забележлив напредок.

Peugeot e-Legend Concept

Најинтересно и најрелаксирано е кај домашните производители. Благородната марка на PSA привлекува внимание со нов DS 3 Crossback, модерно стилизиран и наводно комфорен. Главната ѕвезда сепак е студијата e-Legend, којашто ги цитира каросериските линии на легендарниот Peugeot 504, а има електричен погон и супервизионерски концепт на ракување. Патем, покрај e-Legend се наоѓа огромна скулптура на лав. Внатрешноста е прекриена со син велур кој уште при поглед создава чувство како во домашната фотелја. Бидејќи Французите ништо не прават случајно, мошне е веројатно дека во понудата на новиот Peugeot 508 ќе се врати купето, како Peugeot 406 Coupe на времето (и 504 Coupe, секако). Електричниот погон од студијата ќе изостане во евентуалниот сериски модел.

Има и хибриден погон кај Peugeot, повторно. Французите веруваа дека иднината ќе пристигне побрзо, па од претходните генерации на 3008 и 508 изведоа варијанти HYbrid4 и RXH. Но, од нив се одушевија само фановите на марката и на техниката општо. Овојпат во 3008 и 508 работи плагин-хибрид, добар и примерен, со старт на продажбата в година.

Renault слави 120 години и цел свет се придружува: Три спектакуларни визии во Париз ја прават иднината сегашност

Porsche уште е во историски занес, со неколку класични експонати и со спидстер варијанта на 911. Последнава ќе се изработи во 1948 примероци – во таа година е основана марката. Одушеви и омажот (француски збор, нели) на тркачкиот Porsche 935, на славниот „Моби Дик“ од брзиот асфалт.

Renault EZ-Pro

Последното поглавје заслужено му припаѓа на Renault, со трите визии, кои без какви било интервенции можат да се појават директно во „Блејд Ранер“. За дизајнот може да се расправа и на штандот на виетнамската марка Vinfast, чиишто каросерии носат потпис на Pininfarina. Наспроти нив е супериорната едноставност на новиот Suzuki Jimny, малечкиот теренец кој минува кадешто многу поголемите од него заглавуваат. Ferrari во Париз повторно има подготвено занимација за колекционерите, а Aston Martin е под неизвесност од влезот на берзата.

Ако годинешното издание на салонот докажа нешто, тоа засега може да биде следново: В година, марките што сега го пропуштија „мондијалот“, први ќе се регистрираат за него. Автомобилскиот свет не може без големите и традиционални салони. Таму се одржува култот на автомобилите.

Големата фотогалерија од салонот во Париз ја објавуваме на Фејсбук:

Така изгледа кога автомобилската бранша е во славеничко расположение. Новитети и класичари, јубилејни модели, екстремни…

Posted by Automedia.mk on Wednesday, October 3, 2018

Renault во Париз докажува дека електропогонот е сегашност

Новитетите на автосалонот во Париз


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

122
25 shares, 122 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743